Шик фризурата што ќе го одбележи ова лето

Ако постои една фризура што оваа сезона совршено ја доловува естетиката на „la dolce vita“, тогаш тоа е италијанскиот боб. Овој тренд веќе ги освои социјалните мрежи и модните писти, а сè повеќе познати личности се одлучуваат токму за оваа софистицирана, но опуштена варијанта на класичниот боб.

Ова не е само обична кратка фризура. Италијанскиот боб е комбинација од гламур, природен волумен и ненаметлива елеганција која потсетува на филмските диви од шеесеттите години. Инспириран од безвременскиот стил на Софија Лорен и Моника Вити, оваа фризура добива модерна и свежа интерпретација што изгледа подеднакво добро и на плажа и во вечерно издание.

За разлика од класичниот боб кој често бара прецизно стилизирање, италијанскиот изгледа најдобро кога е малку раздвижен и лежерен. Меките бранови, текстурата и сјајот се клучни за целиот изглед. Според експертите косата треба да се суши со тркалезна четка за дополнителен волумен, а потоа лесно да се обликува за да се добие тој препознатлив медитерански ефект.

Она што е добро за неа е што им прилега на различни типови коса и форми на лице. Кај тенката коса создава впечаток на густина и полност, додека кај погустата коса ја истакнува природната текстура.

Ако размислувате за промена ова лето, италијанскиот боб е совршен избор за сите што сакаат модерна фризура која изгледа шик, женствено и без напор. Тоа е токму онаа фризура што прави да изгледате како штотуку да сте се вратиле од одмор на италијанската ривиера.