Македонија веќе поседува нешто што многу туристички дестинации допрва се обидуваат да го изградат, односно реална производствена и текстилна база
Македонија веќе има туристи, текстилна индустрија, дизајнери, ателјеа, традиционален вез и богато текстилно наследство. Она што очигледно недостига е системот што ќе ги поврзе.
Наместо модата да остане само индустрија или повремена ревија, таа би можела да стане туристичко искуство, нешто што странскиот гостин ќе го види, ќе го доживее и ќе го понесе дома.
Што ако туристот кој доаѓа во Македонија не замине дома само со фотографија од Охрид, сувенир од Старата чаршија или шише македонско вино, туку со парче облека, накит, марама или рачно изработен текстилен предмет зад кој стои конкретна македонска приказна?

Што ако посетата на едно ателје, гледањето како се создава фустан, демонстрацијата на традиционален вез или можноста туристот самиот да изработи текстилен предмет станат дел од туристичката понуда?
Во земја која во 2025 година регистрирала 1.336.597 туристички пристигнувања, од кои 916.001 странски туристи, и вкупно 3.323.210 ноќевања, ова не е само културна идеја, туку потенцијално и економско прашање. Бројот на странски туристи во 2025 година пораснал за 10,3 проценти во однос на 2024 година според официјаниот Државен завод за статистика на Македонија, што покажува дека пазарот постои.
Колку од тој туристички потенцијал Македонија успева да го претвори во дополнителна потрошувачка и во производи со повисока додадена вредност?
Тука модата станува особено интересна затоа што Македонија веќе поседува нешто што многу туристички дестинации допрва се обидуваат да го изградат, односно реална производствена и текстилна база.
Според Invest North Macedonia, текстилната и конфекциската индустрија е еден од значајните преработувачки сектори во земјата, со околу 36.000 вработени и околу 800 активни компании на различни нивоа на производство. Државната инвестициска агенција ја наведува текстилната индустрија како втор најголем индустриски сектор по металургијата и истакнува дека македонските компании имаат долгогодишно искуство со странски партнери и меѓународни брендови.

Но токму тука се појавува еден друг правец, Македонија има индустрија која произведува облека за странски пазари, но сè уште нема доволно развиен туристички систем преку кој странскиот посетител ќе може да ја запознае таа индустрија.
Официјалните податоци покажуваат колку е важен овој сектор, но истовремено и колку е ранлив. Според документ на Министерството за финансии, текстилот и производството на облека учествувале со 11,2 проценти во вкупното индустриско производство во 2024 година и со 6,7 проценти во вкупниот извоз, при што текстилот учествувал со 1,9 проценти, а облеката со 4,8 проценти. Во исто време, производството на облека во 2024 година се намалило за 20,2 проценти во однос на 2023 година, а во првите девет месеци од 2025 година производството на текстил и облека било за 9,5 проценти пониско од истиот период во 2024 година.
Тоа е уште една причина зошто разговорот за модата не треба да се сведува само на естетика. Ако традиционалниот модел на евтино производство за странски нарачатели е под притисок, тогаш земјата мора да размислува и за модели во кои поголем дел од вредноста се создава и задржува во Македонија.
Туризмот може да биде еден од нив.
Современиот турист сè почесто не бара само да види одредено место, туку сака да доживее нешто што не може да го добие насекаде. Работилницата на локален занаетчија, посетата на винарија, дегустацијата, часовите по готвење, локалниот дизајн и директниот контакт со производителот се дел од економијата на искуството. Модата природно се вклопува во овој модел затоа што во еден производ може да ги спои културата, занаетчиството, дизајнот, текстилот, фотографијата, трговијата и луксузното искуство. Туристот не мора само да купи фустан.

Може да ја види неговата изработка, да разговара со дизајнерот, да ги допре материјалите, да види како се прави кројот, да проба парче, да нарача персонализирана верзија и на крајот да си замине со производ кој има приказна.
Токму тоа е разликата меѓу обична продажба и моден туризам.
Една продавница може да му продаде фустан на туристот. Но едно ателје може да му продаде искуство, а фустанот да биде неговиот сувенир од тоа искуство. Едно мало студио може да организира демонстрација на рачна изработка.
Дизајнер може да понуди еднодневна couture работилница. Текстилен производител може да отвори дел од производството за контролирани посети. Музеј или културна институција може да ја раскаже историјата на македонскиот текстил. Хотел може да понуди пакет во кој престојот е поврзан со приватна посета на ателје. Туристичка агенција може да создаде цела „модна рута“ низ Скопје или Охрид.
Тогаш модата престанува да биде само шопинг.
Станува туристичка содржина.
Македонија има уште една предност која би можела да биде исклучително важна, традиционалниот текстил. Македонските носии, везови, орнаменти, ткаенини и техники не треба да се гледаат само како нешто што припаѓа во етнолошка збирка.
Тие можат да бидат визуелна и материјална архива од која современите дизајнери ќе црпат инспирација. Една изложба или туристичка програма под наслов „Од македонски вез до современ дизајн“ би можела да покаже оригинален традиционален предмет, а покрај него современа креација која го интерпретира истиот мотив.

Така туристот не гледа само стара носија, туку разбира како традицијата може да продолжи да живее во современата мода.
Скопје би можело да биде природна почетна точка. Градот веќе има концентрација на дизајнери, продавници, ателјеа, културни институции и туристички движења. Наместо туристичката понуда да се ограничи на класичните знаменитости, може да се создаде организирана модна рута која ќе поврзува неколку различни искуства.
Посета на ателје, презентација на процесот на изработка, изложба на македонски дизајн, продавница со локални производи, работилница и можност за персонализирана нарачка. Тоа не мора да биде голем и скап проект. Напротив, модниот туризам може да започне како мал производ со ограничен број посетители и повисока цена, што би го направило интересен токму за туристи со поголема платежна моќ.
Охрид, пак, има потенцијал за сосема поинаков модел. Луксузен моден настан покрај езерото, мала couture презентација, изложба на современ македонски дизајн, вечера со локални производи и можност за приватен shopping experience би можеле да создадат производ кој ги поврзува модата, културата, гастрономијата и премиум туризмот.
Наместо уште една голема манифестација која трае неколку дена, може да се создаде ограничено, внимателно курирано искуство за туристи кои сакаат нешто различно.
И тука е важен еден принцип, модниот туризам не мора да значи само луксуз.
Може да постои цела ценовна скала. За едни туристи тоа може да биде кратка работилница за текстил или вез, за други посета на ателје и демонстрација на кроење, за трети рачно изработена марама или чанта, а за туристите со поголема платежна моќ персонализирано парче или couture нарачка.
Така економскиот ефект не останува само кај големите брендови. Во синџирот можат да влезат шивачи, кројачи, везачи, занаетчии, дизајнери, фотографи, стилисти, продавници, хотели, ресторани, туристички водичи и организатори на настани.
Тоа е и најсилниот аргумент зошто модата може да биде интересна за туристичката економија, еден турист може да потроши пари на повеќе точки од истиот синџир.
Но Македонија во моментов нема доволно развиена инфраструктура за тоа. Нема единствена национална платформа за моден туризам, нема развиена и постојано промовирана „модна рута“, нема голема национална архива на македонската мода која би функционирала и како туристичка атракција, а поврзувањето меѓу дизајнерите, хотелите, туристичките агенции и државните туристички институции е сè уште ограничено. Тоа значи дека проблемот не е во недостатокот на потенцијал, туку во недостатокот на систем.
А системот е токму она што би требало да се создаде.
Не е доволно државата да каже дека македонската мода треба да се промовира. Не е доволно ниту дизајнерите сами да организираат ревии. Потребна е соработка меѓу туристичкиот сектор, модните брендови, културните институции, локалните самоуправи, хотелите, туристичките агенции и производителите.

Државата може да помогне со промоција и инфраструктура, туристичките оператори да ги продаваат искуствата, хотелите да ги вклучат во својата понуда, а дизајнерите и ателјеата да ја создадат содржината.
Особено важно е модниот туризам да не се претвори во уште една краткотрајна кампања. Македонија не треба само еднаш годишно да организира „моден ивент“ и да го прогласи проблемот за решен. Потребен е производ кој може да функционира 365 дена во годината. Туристот кој доаѓа во февруари треба да има нешто што може да го доживее исто како туристот во август.
Е тука можеби лежи најголемата шанса.
Македонија не може и не треба да се натпреварува со Париз, Милано или Лондон по бројот на модни куќи. Тоа би била погрешна стратегија. Но може да се натпреварува со нешто што големите модни центри многу потешко го создаваат: автентичноста.
Македонскиот вез не е италијански. Македонската текстилна традиција не е француска. Охридскиот амбиент не може да се пресели во друга земја. А комбинацијата од локално културно наследство, современ дизајн, рачна работа, гастрономија и гостопримство може да стане производ со сопствен идентитет.
Затоа можеби веќе не треба да се прашуваме дали Македонија има доволно мода за да ја вклучи во туризмот. Има. Има индустрија со околу 800 активни компании и десетици илјади вработени, има производствено знаење и долгогодишно искуство со странски пазари.

Но, дали знаеме тоа знаење да го претвориме во сопствен туристички производ, наместо најголемиот дел од вредноста да се создава за туѓи брендови и туѓи пазари.
Во 2024 година македонските компании извезле стока во вредност од 7,79 милијарди евра, а 6,91 милијарди евра од тој извоз биле генерирани од индустриски претпријатија според STAD.mk Во таква економија, во која производството и извозот се толку важни, логичен следен чекор е да се размислува како дел од вредноста да се создава преку сопствени брендови, дизајн, искуство и директен контакт со крајниот купувач.
А туризмот токму тоа го овозможува.
Туристот не купува само производ. Тој купува приказна.
Затоа македонската мода не треба да биде само нешто што ќе се појави на писта, во магазин или на Инстаграм. Таа може да биде нешто што туристот ќе го види, допре, проба, научи како се изработува и на крајот ќе го понесе дома.
„Ова е направено во Македонија“ тогаш повеќе нема да биде само декларација на етикетата. Може да стане дел од туристичкото искуство.
И можеби токму тоа е следниот чекор за македонската мода, не само да произведува за светот, туку светот да доаѓа во Македонија за да види како таа мода се создава.