Со месеци или години го повторувате истиот распоред, ги одложувате истите желби и постојано си велите дека „еден ден“ ќе направите нешто поинаку.
Токму тогаш вреди да застанете и да се запрашате што навистина сакате да смените.

Прво откријте што точно ви пречи
Кога не сме задоволни, лесно е да кажеме дека ни треба „промена“. Но, важно е да знаете каква. Кога ќе го именувате проблемот, полесно е да видите што може да се промени. Ако работата ве исцрпува, не мора веднаш да дадете отказ, можете прво да разгледате други можности. Ако ви недостигаат активности, можеби е време повторно да најдете нешто што ве интересира.
Не обидувајте се да промените сè одеднаш
Кога долго време сме незадоволни, сакаме одеднаш да смениме сè. Да вежбаме, да патуваме, да најдеме ново хоби, да смениме работа и конечно да имаме повеќе време за себе. Најчесто тоа не трае долго. Подобро е да започнете со една работа која реално можете да ја направите. Одвојте два часа неделно за нешто што го сакате. Не мора првиот чекор да биде голем. Треба само да биде реален.

Не споредувајте го денешниот живот со плановите од младоста
Многу луѓе во четириесеттите или педесеттите години се споредуваат со она што мислеле дека ќе го постигнат до таа возраст. Можеби кариерата не се развила како што сте замислувале, не сте отпатувале колку што сте сакале или животот едноставно тргнал во друга насока. Со годините се менуваат и приоритетите.
Направете нешто што досега не сте го правеле
Нов почеток може да биде и нешто сосема едноставно. Научете нов јазик, запишете курс, започнете да фотографирате, одете на планинарење, пробајте нов спорт или отпатувајте на место каде што никогаш не сте биле. Понекогаш е доволно повторно да имате нешто што е само ваше и што не е поврзано со секојдневните обврски.

Погледнете ги и односите околу вас
Со текот на годините некои пријателства природно се менуваат. Луѓето се оддалечуваат, имаат различни обврски или едноставно стануваат различни. Можеби има и луѓе со кои би сакале повторно да воспоставите контакт, но постојано го одложувате. Една порака или средба може да биде доволна за повторно да започне некој важен однос.