Што е „cortisol face“ и зошто е главна тема на разговор?

Во последните месеци терминот „cortisol face“ стана исклучително популарен на TikTok, Instagram и другите социјални мрежи. Илјадници видеа тврдат дека подуеното лице е сигурен знак дека нивото на кортизол, (познат како „хормон на стресот“) е превисоко. Но, што навистина велат лекарите?

Што е кортизол?

Кортизолот е хормон што природно го произведуваат надбубрежните жлезди. Тој има важна улога во регулирањето на метаболизмот, крвниот притисок, шеќерот во крвта и реакцијата на организмот на стрес. Сам по себе, кортизолот не е „лош“ туку е неопходен за нормално функционирање на телото.

Дали „cortisol face“ е вистинска дијагноза?

Не. „Cortisol face“ не е медицински термин и не претставува официјална дијагноза. Според ендокринолозите, не може само според изгледот на лицето да се заклучи дека некој има зголемен кортизол. Подуеното лице може да биде резултат на многу различни фактори, како недоволно сон, задржување течности, прекумерен внес на сол, алкохол, хормонални промени, алергии или генетика.

Како да го намалите подувањето на лицето?

Ако лицето повремено ви изгледа подуено, причината најчесто не е опасна. Стручните препораки вклучуваат:

  • спијте 7–9 часа секоја ноќ;
  • намалете го внесот на сол и алкохол;
  • пијте доволно вода;
  • хранете се балансирано и редовно вежбајте;
  • практикувајте техники за намалување на стресот, како прошетки, медитација или длабоко дишење.

Иако „cortisol face“ стана популарен термин на социјалните мрежи, експертите предупредуваат дека не треба да се поставува дијагноза врз основа на изгледот на лицето. Во најголем број случаи, подуеноста има сосема други, безопасни причини. Здравите навики, доволниот сон и контролирањето на стресот се далеку поважни за целокупното здравје отколку следењето на интернет трендовите.