
Генерации жени посегнувале по малото свилено квадратче како незаменлив моден додаток, но оваа сезона се добива неочекуван, речиси авангарден пресврт.
Во еден дождлив јулски ден во Париз, свилена марама со големина на олимписки базен се протегаше низ дворот на седиштето на Céline, нежно се брануваше на дождот. Марамата, со принт од испреплетени синџири и ленти, служеше како импровизиран шатор за уредниците, купувачите и славните личности кои се собраа да ја проследат дебитантската ревија на Мајкл Рајдер како креативен директор на модната куќа. Лесно можеше да се отфрли како фотогеничен реквизит за социјалните мрежи. Но, кога моделите зачекорија по пистата, стана јасно дека свилената марама или фуларот, како што се нарекува на француски е предвесник на нова ера за Céline.
Во неговата прва колекција, како и во следната пролетна женска линија, марамата се наметна како доминантен мотив. Богати, интензивни бои со препознатливи коњанички принтови или монограмот на куќата се појавуваа суптилно под ревери, лежерно врзани околу вратот над сако, или пак префрлени преку рамото како појас. Повеќе од обичен додаток, марамата се трансформираше во постава на мантили, во пачворк здолништа и дури во набрани топови.
Ова не беше изолиран тренд. Истото лето, сите, од Алекса Чанг до Кајли Џенер и Леандра Медин Коен носеа марами врзани како мини детали врз панталони и шорцеви. На модните писти ширум светот, марамите се појавуваа во изненадувачки и понекогаш шокантни форми. Во Лондон, Конер Ајвс комбинираше портокалова поло маица со долги ракави со зелено здолниште од свила со принт на птици. Во Hermès, креативната директорка Надеж Ване го вметна препознатливиот carré во кожени ремени со БДСМ естетика.
„Мислам дека свилените марами повторно се присутни во духот на времето затоа што претставуваат стара идеја во која можат да се проектираат нови концепти,“ вели Леандра Медин Коен. „Тие се познати и лесни за разбирање, но можат да се искомплицираат на задоволителен начин.“ Таа самата ја носи својата омилена марама како халтер топ, како градник, во косата, па дури и околу трудничкиот стомак како практично решение. За неа, марамата е суштинска алатка за стилизирање.
Авторката признава дека никогаш не се сметала за „личност за марами“. За неа, тие биле симбол на класична, уредна женственост, нешто што го носеле нејзината мајка и баба. Сликата на кралицата Елизабета со свилена марама врзана над фризурата додека шета совршено ја отсликува таа естетика.
Но пролетните колекции ја натерале да го преиспита тоа. Дали навистина мора марамите да се носат на традиционален начин? Што ако станат средство за експеримент?
Во машката колекција на Dries Van Noten, свилените марами беа обвиткани околу панталоните, совршен премин од канцеларија до бар. Во Gucci, Демна ја реинтерпретираше класичната цветна марама со вграден обрач, додавајќи ѝ необична структура. Во Versace се појавија кошули со кич-глам принтови инспирирани од 80-тите, додека Chanel понуди романтични фустани со елементи од марами.
Во исто време, расте и интересот за класичната естетика. „Модата моментално има одредена буржоаска преокупација,“ вели Клои Кинг од Saks Global, „па затоа свилената марама логично станува клучен елемент.“
Историјата на марамата води до древна Кина, каде свилените квадрати означувале воени чинови. Преку Патот на свилата стигнале во Европа, а вистинската популарност ја добиле благодарение на Hermès, кој во 1937 година го вовел модерниот свилен шал. Подоцна, икони како Џеки Кенеди, Грејс Кели и Одри Хепберн го направиле дел од секојдневната елеганција.
Денес, марамите повторно се во центарот на вниманието, но со ново значење. Тие одговараат на желбата на младите генерации да се облекуваат со зрелост, но на свој начин, со суптилни отстапувања од класиката. Марамата може да биде кошула, здолниште или дури декорација на чанта.
„Носталгијата има силно влијание денес,“ вели Лаиа Фаран Грејвс, авторка на книга за марамите на Hermès. „Свилената марама носи чувство на традиција и автентичност, а често се пренесува од генерација на генерација, добивајќи емотивна вредност.“
Податоците го потврдуваат тоа, продажбата на свилени марами Hermès пораснала за 36 проценти минатата година, додека просечната цена се зголемила за 13 проценти.
На крајот, марамата повеќе не припаѓа само на мајките и бабите. Тој станува платно за лична експресија, мал додаток со бескрајни можности, каде минатото и сегашноста се спојуваат во нов, современ гламур.
Н.Т