Во свет каде облакодерите стануваат сè повисоки и потесни, мега зданието The Interlace во Сингапур избра сосема поинаков пристап.
Наместо класична вертикална кула, овој комплекс од 1040 станбени единици, е составен од 31 блок, поставени хоризонтално и вкрстено. На овој начин се создава впечаток на огромна 3D структура што изгледа како внимателно наредени џиновски елементи.
Проектот е завршен во 2013 година и брзо стана еден од најпознатите примери на современа урбана архитектура во Азија.
Нов концепт на живеење
Она што го прави The Interlace посебен не е само неговата форма, туку и идејата зад неа. Наместо изолирани станбени кули, архитектите создале заедница со големи зелени површини, внатрешни дворови и заеднички простори. Комплексот располага со осум големи дворови, базени и градини, со што се создава чувство на отвореност и поврзаност со природата, што е реткост во густо населен град како Сингапур.
Хоризонтална револуција
Со вкрстувањето на блоковите се добиваат природна сенка, подобра циркулација на воздух и спектакуларни панорамски погледи. Наместо класичната „шума од облакодери“, The Interlace нуди динамична силуета што ја менува перцепцијата за тоа како може да изгледа една станбена зграда.
Архитектура што станува симбол
Овој комплекс има освоено и меѓународни награди за архитектура, токму поради својот иновативен пристап кон густата урбана средина. Денес, The Interlace не е само место за живеење, туку и туристичка атракција и инспирација за идните урбани проекти.