Вистинска филмска магија ќе се случува утре 22 февруари, сабота во Македонскиот Народен Театар во Скопје кога ќе се одржи втората Оскаровска Гала вечер.
На концертот ќе бидат изведени песни кои влегле во филмската историја и биле номинирани и наградени со Оскар.
Модната куќа ЕЛЕНА ЛУКА ќе ѝ даде раскошен моден печат на оваа спектакуларна ноќ. Дизајните инспирирани од холивудскиот гламур ќе внесат дополнителен сјај на сцената, продолжувајќи ја традицијата од минатогодишната прва Оскаровска Гала.
Овој настан лани на гламурозен начин ја донесе филмската музика и хитовите кои освоиле Оскар низ годините или биле номинирани, а маестрално ги изведоа наши познати музички ѕвезди.
Оваа година филмските композиции ќе ги исполнат врвните македонски пејачи: Наде Талевска, Ана Петановска, Светлана Јовановска (South Park), Горан Наумовски, Денис Димоски, Дејан Бобиќ Дексо, Марија Димитријевиќ, Јасна Димитровска, заедно со Битолскиот Камерен Оркестар IWConnect, под диригентската палка на Владимир Димовски и Полифонија.
Миланка Рашиќ, коментатор на Оскаровското шоу и автор на емисијата за филм „Во кадар“ на МТВ, ќе ја води публиката низ Оскаровските приказни.
„Утрешниот концерт ќе биде блескаво славење на филмот и музиката, ќе биде незаборавно патување низ времето со фантастични филмски теми“ – вели Миланка Рашиќ, која е продуцент, сценарист и водител на настанот.
„Многу значаен дел од гламурот на настанот се креациите на модната куќа ЕЛЕНА ЛУКА. Преку нив сме поблиску до холивудскиот сјај и оскаровската атмосфера. Навистина сум среќна поради оваа успешна соработка која ја започнавме лани и продолжува и годинава“ – додава Миланка.
Филмската магија на сцената ќе ја создадат и настапите на балетските уметници Саша Ефтимова и Ендрју Кук, како и танчерите од танц клубот Dancers United.
Пристигнувањето на посетителите на Црвениот тепих е од 19:30, а концертот Оскаровска Гала вечер ќе започне во 20:00 часот.
Настанот ќе се одржи точно една недела пред 97-та Оскаровска церемонија во Лос Анџелес.