Вера Ќосевска (моминско Ротман), родена на 27 март 1929 година во Осјек, Хрватска, е една од најзначајните и најплодните македонски архитекти. Архитектурата ја носела уште од детството – вујко ѝ бил инженер-архитект во Загреб, и често ја водел на градилишта каде таа со очи го следела процесот на создавање на објектите. Родена како ќерка на Јелка и Стјепан Ротман и сопруга на архитектот и урбанист Владимир Ќосевски, Вера од мала била опкружена со архитектонски светови, кои ја формирале нејзината иднина.
Од Осијек, преку Загреб и Белград, па до Скопје
Одлуката за професионален пат била природна и логична – архитектурата станала нејзиното животно дело. Основното образование го завршила во Осијек, а гимназијата во Загреб и Белград, каде положила матура во 1948 година. Во септември истата година се запишала на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Белград и дипломирала со одличен успех во 1953 година, со проект за Болница за костнозглобна ТБЦ во Калиште, Охридското Езеро, во класата на професорот Станко Клиска.
По дипломирањето, заедно со сопругот, доаѓа во Македонија, каде започнува долга и плодна кариера. Работела во проектантското биро „Проектант“, Заводите за урбанизам во Скопје и Охрид, „Агропроект – Југопроект“ и, на крајот, во големата проектантска организација ГП „Пелагонија“, каде останала до 1989 година. За време на својата кариера, Вера Ќосевска изработила над 150 проекти, од кои голем дел се реализирани, опфаќајќи широк спектар – од станбени и деловни објекти до здравствени установи, културни и образовни објекти.
Некои од најзначајните објекти на Вера Ќосевска вклучуваат:
Судска зграда – Охрид (1960-61)
Здравствен дом – Струмица (1963)
Општа болница – Струмица (1966)
Педагошка академија – Штип (1966)
Блокови Градски ѕид – Скопје (1968)
Театарот на народностите (денес Албански театар) – Скопје (1969)
Комплекс Москва (Интекс) – Скопје (1969)
Хотел „Панорама“ – Радовиш (1974)
Хотел „Југо“ – Гевгелија (1977)
Здравствен дом – Валандово (1982)
Полициска станица Гази Баба – Скопје (1985)
Нејзината работа била високо оценета и наградена:
Награда за хотелот „Панорама“ од Собранието на општина Радовиш (1980)
Спомен-плакета на ГП „Пелагонија“ (1980)
Диплома на БИМАС за проектот „Месна заедница Живко Брајковски“ во Скопје
Награда „Андреја Дамјанов“ од ААМ за животно дело
Вера Ќосевска не се ограничувала само на Македонија – во текот на својата кариера имала стручни престои во Италија, Франција, Англија, Германија, Шведска, Норвешка, Данска, Финска, Јапонија и Хонг Конг, што ѝ овозможило да го збогати својот професионален опус со европски и светски архитектонски искуства.

Во едно од своите ретки интервјуа, таа истакнала: „Непочитувањето на три основни услови при проектирањето – просторот во кој се гради објектот, неговата форма и функционалност – е многу опасно за добар краен исход. Архитектурата е убава, но одговорна работа. Објектот можеби ќе биде убав на изглед, но ако не е функционален или не е вклопен во просторот, проектот не е успешен.“
Вера Ќосевска ја остави својата неизбришлива трага во македонската архитектура – каде и да се свртиме, нејзиното творештво зборува за нејзината визија, педантност и љубов кон просторот. Нејзините објекти и денес се инспирација за архитекти, студенти и љубители на урбаното наследство, а нејзиниот професионален пат е пример за совршен спој на креативност, одговорност и љубов кон архитектурата.
Н.Т