Во XIX век станале дел од машиниот свечен гардеробер и се носеле со облека наменета за вечерни и формални пригоди
Рамни, елегантни и со дискретна доза на аристократски шарм, обувките што некогаш биле резервирани за господата од британските високи кругови денес се враќаат во женската мода како една од најинтересните алтернативи на балетанките и високите потпетици.
Модата повторно покажува дека ништо навистина не исчезнува. Некои парчиња само чекаат вистински момент повторно да добијат нов живот. Токму тоа се случува со „опера чевлите“, рамниот, полиран чевел со карактеристична лента, кој од свечениот машки гардеробер постепено премина во женската мода и денес добива сосема нова улога.

На прв поглед, неговата форма делува едноставно. Но токму во таа едноставност е неговата сила. Има уредна, елегантна силуета, мазна површина, најчесто сјајна завршница и дискретна украсна лента. Не е толку лежерен како класичната балетанка, но истовремено не ја бара жртвата на удобноста што често ја носат високите потпетици.
Затоа денес станува особено привлечен за жените кои сакаат обувка со софистициран изглед, но и практичност за секојдневното движење.
Од британските аристократи до современиот женски гардеробер
Историјата на овој модел е особено интересна. „Опера чевелот“ првично бил создаден како свечен дворски чевел за британските аристократи во XVIII век. Во XIX век станал дел од машиниот свечен гардеробер и се носел со облека наменета за вечерни и формални пригоди.
Со текот на времето, неговата улога се менувала. Од строго свечена обувка постепено станал елегантна алтернатива на помалку формалните модели, а неговата естетика почнала да влијае и врз женската обувка.

Еден од најпознатите примери е „Вара“ на „Ферагамо“, модел создаден во 1978 година од Фјама Ферагамо, ќерката на Салваторе Ферагамо. Со препознатливиот бадемест врв и карактеристичната машна од лента, „Вара“ била замислена како обувка за современата жена, доволно елегантна за работното место, но и доволно удобна за продолжување на денот во вечерно излегување.
Нејзиниот сроден модел, „Варина“, со речиси рамна потпетица, денес повторно го потврдува интересот за оваа естетика и е дел од есенската колекција на „Ферагамо“ за 2026 година.

Сега изгледа поинаку
Она што е особено интересно во актуелното враќање на „опера чевелот“ е начинот на кој дизајнерите го стилизираат.
Наместо да го носат исклучиво со класични костуми и строга деловна гардероба, денешните комбинации го поставуваат во многу послободен контекст. Елегантниот чевел се појавува со палта украсени со светкави детали, цврст тексас, маици, здолништа и комбинации во кои се мешаат различни текстури и стилови.
Така, обувката која некогаш била симбол на формалност денес добива современ, урбан карактер.
А кога балетанката веќе не е доволна?
Токму тука лежи причината за нејзината актуелност.
Балетанките со години се едни од омилените рамни обувки во женската мода, но „опера чевлите“ нудат нешто поинакво. Имаат посериозна силуета, поизразена елеганција и впечаток на обувка која може да ја подигне и наједноставната комбинација.
Во исто време, не ја наметнува формалноста на класичната салонка со висока потпетица.
Тоа го прави особено погоден чевел за современиот начин на живот, за долг ден кој започнува во канцеларија, продолжува со состанок, ручек или вечера и бара обувка која ќе изгледа добро во секоја од тие ситуации.

Уште една рамна силуета се прикрадува во трендовите
Паралелно со „опера чевлите“, внимание привлекува и сродниот модел познат како „клупски чевел“, минималистичка рамна обувка со префинета, затворена силуета.
Фиби Фило кон крајот на 2025 година претстави своја верзија, со форма што прилега на стапалото како ракавица, без украсна машна и со нагласена чистота на линиите. Сјајната површина и ниската потпетица ја задржуваат елегантната нота на „опера чевелот“, но во многу посведен, минималистички јазик.

За есенската облека, неговата најголема предност е едноставна, изгледа доволно префинето за да ја замени класичната салонка, доволно елегантно за да ја надгради комбинацијата со фармерки, а доволно удобно за ден во кој треба многу да се пешачи.
По балетанките, мокасините и патиките, модата оваа есен повторно се свртува кон елегантната рамна обувка. Само што овојпат таа доаѓа со малку повеќе историја, малку повеќе аристократски шарм и многу помодерен карактер.