
Во срцето на Скопје, скриена меѓу стаклените фасади, модернистичките објекти и урбаниот метеж, сè уште стои една палата што изгледа како да е донесена од некоја друга географија и друго време.

Со своите ориентални лакови, шарени фасади, кули наместо класичен покрив и мистична атмосфера, Арапска куќа со децении претставува едно од најнеобичните архитектонски сведоштва на старо Скопје, градба што истовремено изгледа како љубовно писмо, ориентална фантазија и архитектонски експеримент.
Изградена во периодот меѓу 1936 и 1938 година, палатата првобитно била семеен дом на ерменските браќа Агоп и Агавни Дикиџијан, богати трговци и индустријалци, познати по фабриката за свилени шамии „Тулбенд“. Но, иако формално станува збор за приватна резиденција, скопјани уште од првиот ден ја доживувале како палата. Не само поради раскошот, туку и поради фактот што ваков објект дотогаш речиси и не постоел во македонската архитектура.
Автор на ова необично архитектонско дело бил рускиот емигрант Иван Артемушкин, еден од најзначајните архитекти кои меѓу двете светски војни оставиле силен белег врз изгледот на Скопје. По Октомвриската револуција, Артемушкин се населил во градот и станал дел од генерацијата руски архитекти што практично го обликувале модерното урбано јадро на тогашно Скопје. Неговите дела најчесто биле во духот на академизмот и раниот модернизам, но токму „Арапската куќа“ претставува исклучок, архитектонски исчекор во псевдо-маварски стил, редок не само за Македонија, туку и за поширокиот балкански простор.
Фасадата на палатата била вистинска сензација за тогашните жители на Скопје. Полихромните декоративни елементи, комбинацијата од жолта основа со хоризонтални црвени линии, полуелиптичните прозорци со ориентални лакови и богатите геометриски шари создавале впечаток дека објектот повеќе припаѓа на Сараево, Андалузија или Северна Африка отколку на Балканот.
Зад оваа врата во Македонија се крие цело богатство: Архитектурата на куќата е единствена
Балконите биле украсени со столбови и капители, а на местото на класичен двоводен покрив се издигале кули со назабени венци, инспирирани од исламската и маварската архитектура.
Архитектонските историчари денес ја сместуваат оваа палата во таканаречениот псевдо-маварски стил, правец што се појавува во 19 век како европска интерпретација на арапско-маварската архитектура од Северна Африка и Шпанија. На Балканот овој стил најсилно се развива во Босна и Херцеговина под австроунгарско влијание, а најпознат пример е сараевската Вијеќница. Токму затоа многумина денес ја споредуваат скопската Арапска куќа со архитектонските бисери на Сараево.

Но зад впечатливата фасада се криел и подеднакво раскошен ентериер. Внатрешноста била изработена со унгарски паркет со богата орнаментика, црвени мермерни скали, витражни жолто-зелени и црвени стакла, кристални лустери, мермерни декорации со мотиви на сини птици и детали од слонова коска.
Простор кој оплеменува
Просториите биле високи и пространи, со внимателно обработени декоративни елементи, резби и скулптури, што сведочат за извонредно занаетчиско мајсторство.

Иако фасадата била ориентална, внатрешната организација на просторот сепак следела европски и модернистички принципи на градска куќа од меѓувоениот период.

Особено интересен е и самиот концепт на градбата. Парцелата имала форма на буквата „L“, а Артемушкин првично замислил дури и поинаква верзија на објектот, со само една кула и поразлична организација на скалиштата. Архивските документи покажуваат дека низ процесот на проектирање постоеле повеќе варијанти, што укажува дека куќата не била само функционален дом, туку внимателно осмислен репрезентативен проект.
Но можеби токму љубовната приказна е она што најсилно ја обвива палатата со митологија. Според градските легенди, Агоп Дикиџијан ја изградил куќата како симбол на љубовта кон својата сопруга Агавни. Во едно Скопје што тогаш забрзано се модернизирало, оваа палата претставувала интимен споменик на љубовта, изграден во стил што требало да биде единствен, исто како и жената за која бил создаден.
По смртта на сопружниците, куќата минувала низ различни судбини. Во неа живееле Рустем-бег и неговата сопруга Натали, а одреден период престојувал и револуционерот Димитар Влахов. По катастрофалниот земјотрес во 1963 година, објектот успеал да преживее, а веќе во 1964 бил преуреден во хотел под името „Јадран“. Последната поголема реконструкција била направена во 1989 година.
Денес, Арапската куќа е заштитено културно наследство, но со години е затворена за јавноста. Сепак, и покрај модерните стаклени кули околу неа, оваа палата и понатаму успева да го направи она што го правела уште од 1938 година, да го запре погледот на минувачот.

Затоа што нејзината вредност не е само во архитектурата. Таа е во атмосферата, во легендите, во чувството дека зад тие шарени прозорци некогаш постоел свет на раскош, љубов и космополитски дух што денешното Скопје сè потешко го памети.
Н.Т