
Во земја во која модата со децении најчесто се врзува за женската елеганција, вечерните фустани и свадбениот гламур, едно прашање речиси никогаш не се поставува доволно односно каде исчезна машката мода во Македонија? И уште поважно, зошто речиси и да нема машки модни дизајнери што активно создаваат современ машки идентитет?
Mакедонската модна сцена никогаш немала недостаток од креативност. Напротив. Низ годините се појавија силни авторски имиња, концептуални дизајнери и модни куќи што успешно градеа регионален имиџ. Но, најголемиот дел од нив својата енергија ја насочија кон женската мода. Машката мода остана на маргините, сведена на класични костуми, комерцијални линии или корпоративна естетика без јасен авторски потпис.
Ова не е само модно прашање. Ова е културолошка, економска и длабоко балканска приказна.
Во Македонија, машката мода долго време не се доживуваше како форма на личен израз, туку како практична потреба. Историски гледано, балканскиот маж бил воспитуван да изгледа „пристојно“, но не и „модно“. Разликата е огромна. Во општество каде што машката естетика често се поврзувала со суета, па дури и со сомнеж кон машкоста, модата останала територија резервирана за жените.
Токму затоа и денес најголем дел од машката гардероба во Македонија се движи меѓу два екстрема или спортска лежерност и свадбена формалност. Средината, она што во големите модни центри претставува секојдневен стилски идентитет, не е така добро изразена. Тоа се гледа и во урбаната слика на градовите, тренерки, брендирани маици, тесни фармерки и логоманија, без скоро вистинска култура на крој, материјал и силуета.
Интересно е што ова не е само македонски феномен. Во поширок балкански контекст, машката мода долго време останува заглавена меѓу традиционалниот мачизам и желбата за статус преку брендовите. Во бројни регионални дискусии, дури и самите Балканци признаваат дека мажите на Балканот ретко развиле автентичен стилски јазик, туку најчесто се потпираат на копирање трендови, спортска естетика и агресивно „луксузно брендирање“.
Но проблемот не е само културолошки. Тој е и индустриски.
Македонија со децении беше текстилен гигант, но претежно како производствена база за странски брендови. Огромен дел од домашната текстилна индустрија работеше за туѓи модни куќи, без паралелно да развива сопствен дизајнерски систем. Во таква структура, авторската машка мода тешко преживува. Женската мода, особено свечената и невистинската индустријата, има далеку постабилен пазар, матури, свадби, јавни настани, телевизија, инфлуенсерска култура. Машката мода нема баш таков економски импулс.
Затоа не е случајно што дури и најпознатите машки македонски дизајнери најчесто создаваат женска облека.
Примерите потврдиуваат дека одредени наши дизајнери градат женски колекции инспирирани од машко кроење, костум естетика и структура на машко одело, но преведени во женска мода. има и такви ретки што навистина отвораат прашања за современиот машки идентитет и новите машки силуети.
Сепак, ваквите примери остануваат исклучок, а не правило.
Проблемот започнува уште во образованието. Во Македонија нема развиен систем за машка модна специјализација. Најголем дел од младите дизајнери природно се насочуваат кон женска couture мода, бидејќи таму постои видливост, медиумски простор и финансиска исплатливост. Машката мода бара поинаква дисциплина, прецизно кроење, конструкција, текстилна иновација и долгорочно градење клиентела. А токму тоа е најтешкиот сегмент за мал пазар како македонскиот.
Дополнително, современиот македонски маж сè уште ретко инвестира во авторска мода. Купувањето кај дизајнер и понатаму се перцепира како „женска практика“. Машката потрошувачка е насочена кон брза мода, спортски брендови или луксузни логоа што симболизираат статус, а не стилски идентитет.
Но токму тука се случува најинтересната промена.
Новата генерација мажи, особено урбаните миленијалци и Gen Z почнува поинаку да ја разбира модата. Не како доказ за статус, туку како визуелен јазик на карактерот. Социјалните мрежи, глобалната култура и влијанието на корејската, скандинавската и италијанската машка естетика полека ја менуваат и македонската сцена. Денешниот млад маж сè повеќе зборува за силуета, слоевито комбинирање на облека, тивок луксуз, винтиџ кроење и личен стил, термини што пред десет години речиси и да не постоеја во локалниот моден речник.
Затоа прашањето „дали Македонија има машки модни дизајнери?“ денес е помалку важно од прашањето дали Македонија конечно создава публика за машка мода?
Бидејќи без публика, нема ниту сцена.
А современиот македонски маж, колку и да изгледа парадоксално денес има поголема потреба од мода од кога било претходно. Не поради суета, туку поради идентитет. Во време кога сè е дигитално, визуелно и јавно, начинот на облекување станува продолжение на личноста, професијата, ставот и културната самосвест.
Токму затоа недостатокот на машки модни дизајнери не е само проблем на индустријата. Тоа е огледало на општеството и на начинот на кој Балканот сè уште ја доживува машкоста, помеѓу традицијата, стравот од естетика и желбата конечно да изгледа современо.
Небојша Толески