Жената што го измисли феноменот „it girl“: Зошто светот ја заборави, а модата никогаш не ја заборави

Кога денес се зборува за најголемите модни икони на 20 век, најчесто се споменуваат имиња како Одри Хепберн, Брижит бардо и Џејн Биркин. Но, постои една жена која никогаш не била моден дизајнер, никогаш не лансирала сопствен бренд, а сепак успеала да влијае врз модата повеќе од многу креатори. Нејзиното име е Иди Сеџвик.

Денес таа е речиси заборавена надвор од круговите на љубителите на модната историја, но нејзиниот стил и понатаму живее на модните писти, во едиторијалите и во гардероберите на најпознатите светски ѕвезди.

Првата вистинска „it girl“

Многу пред ерата на инфлуенсерите и социјалните мрежи, Иди Сеџвик беше девојката за која зборуваше целиот Њујорк. Таа не беше позната затоа што пееше, глумеше или дизајнираше облека. Луѓето сакаа да ја гледаат затоа што беше поинаква.

It girl“ е термин што се користи за жена чиј личен стил, харизма и појава ја прават трендсетер – личност што инспирира милиони, без нужно да биде моден дизајнер или класична ѕвезда

Во средината на 1960-тите стана муза на уметникот Енди Ворхол и централна фигура во неговото легендарно студио The Factory. Секое нејзино појавување беше моден настан, а фотографите и списанијата внимателно го следеа секој детаљ од нејзиниот изглед.

Денес често се вели дека таа е првата модерна „it girl“ – личност чиј стил имал поголемо влијание од нејзината професија.

Стил што го промени начинот на облекување

Иди беше доказ дека модата не зависи од скапи фустани, туку од ставот со кој се носат.

Таа го направи препознатлив спојот на едноставни црни хулахопки, кратки фустани, ролки, тесни панталони и машки сакоа. Огромните висечки обетки станаа нејзин заштитен знак, а платинесто русата кратка коса и драматично нагласените очи создадоа изглед што подоцна ќе биде копиран безброј пати.

Во време кога модата беше строго дефинирана, Иди ги мешаше луксузните парчиња со евтина облека, носеше минимализам со впечатлив накит и покажуваше дека личниот стил е поважен од логото на етикетата.

Влијание што трае со децении

Иако нејзината кариера беше кратка, нејзиното влијание никогаш не исчезна.

Нејзината естетика подоцна се препознава во стилот на Кејт Мос, Сиена Милер, Александра Ченг, па дури и во одредени модни периоди на Тејлор Свивт. Голем број модни фотографи, стилисти и дизајнери признаваат дека токму Иди била инспирација за нивната работа.

Денес, кога гледаме комбинација од минималистичка облека со впечатливи обетки, кратка платинеста коса или намерно „несовршен“ шик изглед, гледаме елементи што таа ги претвори во препознатлив стил уште пред повеќе од шест децении.

Зошто денес речиси никој не зборува за неа?

Животот на Иди Сеџвик беше краток и трагичен. Почина на само 28 години, а нејзината кариера заврши пред да може целосно да го развие својот потенцијал.

Со текот на времето, нејзината приказна беше засенета од славата на Ворхол и другите личности од тоа време. Но, додека нејзиното име полека избледуваше, нејзиниот стил продолжи да живее.

Тоа е можеби најголемиот доказ за нејзиното влијание, милиони луѓе и денес носат модни комбинации инспирирани од Сеџвик, без воопшто да знаат од каде потекнуваат.

Модната историја памети многу славни дизајнери, но само мал број личности успеале да го променат начинот на кој жените се облекуваат без да создадат ниту една колекција. Иди Сеџвик е една од нив – заборавена како име, но бесмртна како стил.

Н.Т