Златна Бубамара на популарноста 2025: Вечер на хумор, мода и одлична забава

Вчеравечер арената „Борис Трајковски“ беше центарот на забавата, како домаќин на 28-то издание на манифестацијата „Златна Бубамара на популарноста“, која годинава се одбележа под мотото „Вештачка интелигенција за Владата, природна забава за народот“.

Ова беше ексклузивна можност за публиката на едно место да ги види јавните личности кои ја одбележаа изминатата 2024 година, да се потсети на уметници кои одамна не биле забележани на сцената, и да се насмее од срце на хумористичниот осврт на општествените случувања во Македонија.

Вечерта несомнено ѝ припадна на Калиопи, која се издвои како ѕвезда на манифестацијата со три Златни Бубамари – за концерт на годината, пејачка на годината и албум на годината.

Со моќната интерпретација на своите најголеми хитови, таа ја освои публиката која со громогласен аплауз ја награди нејзината впечатлива и емотивна изведба на сцената.

Водителите Сашко Коцев и Тино Костадиновски со својата харизма и духовити коментари го одржуваа ритамот на вечерта, додека музичките и сценските настапи ја збогатија атмосферата.

Во текот на вечерта, наградата за трајни музички вредности ја доби Дарио, кој ги изведе своите најголеми хитови.

Наградата му ја додели водителката и манекенка Вера Мештеровиќ, која се појави во уникатна црвена креација на ЕЛЕНА ЛУКА.

 

Громогласен аплауз од публиката доби и тимот на К-15, кој ја доби наградата за 30-годишен јубилеј. Песната „Океани“ на „Некст тајм“ и Слаткар беше прогласена за хит на годината, а нејзината изведба во салата дополнително ја зачини атмосферата.

Со стоечки овации беше поздравена изведбата на Сузана Спасовска, која ја отпеа „Судбо моја“, откако ја прими наградата за трајни музички вредности, која и ја додели водителката Ирена Спировска, која на сцената изгледаше импресивно во модел на ЕЛЕНА ЛУКА.

Кога е модата во прашање забележително на настанот беше тоа што црвената боја доминираше во стајлингот на познатите личности.

Јапонскиот обожавател на македонската култура, Казухиро Котецу, допатува од Токио и ја доби наградата „Амбасадор на македонската култура“ за неговата посветеност кон ликот и делото на Јонче Христовски.

Во продолжение ги претставуваме добитниците на Златна Бубамара:

  • Најдобар и најперспективен вокал: Ана Петановска
  • Животно дело: Перо Христов
  • Трајни музички вредности: Дарио, Сузана Спасовска,
  • Трајни вредности во уметноста: Mиро Масин
  • 30-годишен јубилеј: К-15
  • Хит на годината: „Океани“ – Некст тајм и Слаткар
  • Амбасадор на македонската култура: Казухиро Котецу
  • Концерт на годината: Калиопи
  • Пејачка на годината: Калиопи
  • Албум на годината: Калиопи
  • Битолски камерен оркестар: Специјална награда
  • Театарска претстава за деца и младинци: „Роња“
  • Спортска легенда: Илија Најдоски
  • Етно концерт: Ансамбл Стефче Стојковски
  • Актерка на годината: Дарја Ризова
  • Актер на годината: Ѓорги Јолевски
  • Театарска претстава на годината: „12“
  • Рок група на годината: Меморија
  • Рок концерт на годината: Меморија
  • Писател на годината: Тихомир Јанчовски
  • Животно дело: Муарем Сербезовски

Златна Бубамара уште еднаш покажа дека хуморот, музиката и забавата можат да бидат моќно оружје за критика на општествените случувања, но и за силна промоција на уметноста.

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian