35 или 55? Овие комбинации им стојат на сите

Вистинскиот стил не познава возраст

Постојат летни комбинации што изгледаат подеднакво шик на 35, 45 или 55 години, а во продолжение и доза инспирација.

Ленени панталони и едноставен топ

Ленените панталони се едно од оние парчиња што никогаш не излегуваат од мода. Во комбинација со еднобоен топ или кошула со кратки ракави изгледаат опуштено, а истовремено многу елегантно. Белата, маслинесто зелената, тегет или светлосината се бои што лесно се комбинираат и секогаш изгледаат префинето.


Миди фустан – парче што секогаш изгледа женствено

Миди фустанот е одличен избор затоа што му прилега на речиси секој тип фигура. Без разлика дали е еднобоен, со ситен цветен дезен или со дискретни линии, тој создава впечаток на леснотија и елеганција. Во текот на денот комбинирајте го со рамни сандали, а навечер со сандали со мала потпетица и впечатлива чанта.


Бела кошула и тексас

Ова е комбинација што никогаш не разочарува. Класична бела кошула, светли тексас фармерки со прав крој и кожни сандали создаваат изглед кој е модерен без да изгледа како да премногу се трудите. Со неколку едноставни златни или сребрени детали, оваа комбинација лесно преминува од дневна во вечерна.


Монохроматски изглед

Комбинациите во една боја секогаш оставаат впечаток на софистицираност. Не мора тоа да биде бела, одлично изгледаат и нијанси на маслинесто зелена, песочна, светлосива, темносина или чоколадно кафеава. Монохроматскиот стил визуелно ја издолжува фигурата и секогаш изгледа внимателно осмислен.


Ленен блејзер за посвежите вечери

Дури и во лето, лесниот ленен блејзер може да биде клучното парче што ќе го заокружи стајлингот. Одлично се комбинира со фустани, панталони, фармерки или здолништа и веднаш додава доза на елеганција. Во неутрални нијанси ќе го носите со години, без разлика на трендовите.


Тајната не е во возраста, туку во изборот

Најдобро облечените жени не се оние што ги следат сите модни трендови, туку оние што знаат што им прилега. Квалитетниот материјал, добриот крој и внимателно избраните детали секогаш оставаат посилен впечаток од гардероба преполна со трендовски парчиња.

Затоа, без разлика дали имате 35, 45 или 55 години, најважно е да носите облека во која се чувствувате удобно, самоуверено и своја. Вистинскиот стил нема возраст, тој е одраз на личноста.