Парите повеќе не купуваат стил: Зошто модната индустрија го промени своето најважно правило?

Во ера кога сè може да се ископира за помалку од 24 часа, а социјалните мрежи нè преплавија со инстант-гламур, модната индустрија се соочува со суштинско прашање: Што е тоа луксуз денес? Со децении, одговорот...

Во ера кога сè може да се ископира за помалку од 24 часа, а социјалните мрежи нè преплавија со инстант-гламур, модната индустрија се соочува со суштинско прашање: Што е тоа луксуз денес?

Со децении, одговорот беше едноставен, луксуз значеше астрономска сума на сметката, дебел слој злато и гигантски логоа на чантите кои од километар вриштат „јас успеав“. Но, модерниот моден свет ја фрли оваа површна матрица во минатото. Вистинскиот луксуз во 21 век престана да биде прашање на паричник или показ за социјален статус, тој постана прашање на филозофија, време, занает и личен интегритет.

Ако ги отворите страниците на Vogue или анализите на модните критичари во Business of Fashion (BoF), брзо ќе забележите дека зборот на деценијата е Quiet Luxury (Тивок луксуз). Овој тренд не е случаен рефлекс, туку реакција на презаситеноста од брзата мода и евтиниот кич. Но и тој го изгуби своето значење затоа што се обидоа под тоа име да продадат се и сешто!

Прочуената мисла на легендарната Коко Шанел, која уште во минатиот век ја дефинираше оваа суштина:

„Некои луѓе мислат дека луксузот е спротивност на сиромаштијата. Не е. Тој е спротивност на вулгарноста.“

Вистинскиот луксуз денес не се обидува да им импресионира на минувачите на улица. Тој е интимен. Тој се наоѓа во допирот на најфиниот кашмир од Loro Piana, во беспрекорниот рачен шев на кројачите од Севил Роу во Лондон или во совршениот патент на Bottega Veneta кој се отвара без ниту еден звук. Тој му се обраќа само на оној кој умее да препознае квалитет, без потреба од огромен бренд-печат.

Занаетот и Времето: Најскапите валути на денешницата

Што е тоа што го прави еден Hermès Birkin или еден уникатен Haute Couture фустан толку скап? Не е само името. Некогашната уредничка на американскиот Vogue, Ана Винтур, во неколку наврати истакнува дека иднината на луксузот лежи во одржливоста и вреднувањето на рачната изработка:

„Станува збор за инвестирање во парчиња кои ќе ги носите засекогаш, парчиња кои имаат приказна, душа и занает зад себе, а не за фрлање облека по едно носење.“

Во време на масовно производство каде машините за неколку секунди исфрлаат илјадници парчиња, времето и човечката рака постанаа најголемиот можен луксуз. Кога купувате вистински луксуз, вие не плаќате материјал, плаќате стотици часови на занаетчија кој со децении го усовршувал својот занает за да го направи тој конкретен шев.

Еден од најценетите современи дизајнери и поранешен креативен директор на Celine и Bottega Veneta, Фиби Фило, совршено ја опиша оваа димензија на луксузот:

„За мене, вистинскиот луксуз е да имаш време и простор. Да креираш нешто со внимание и соодветен ритам, во свет кој е опседнат со брзина.“

Психологијата на купувачот: Емоција, а не манифестација

Според аналитичарите од модниот магазин Harper’s Bazaar, модерниот купувач сè повеќе го бара луксузот во емоцијата што облеката му ја дава на оној што ја носи, а не во впечатокот што го остава кај другите.

Луксуз е кога облеката се чувствува како втор слој кожа. Тоа е чувството на сигурност, удобност и автентичност. Кога носите парче облека кое е направено специјално за вашето тело или кое носи зачувана традиција, вие не носите статус — вие носите став.

Слободата да не мораш ништо да докажуваш

Во свет каде лажниот сјај е достапен за секого на интернет, луксузот ја доживеа својата најголема трансформација.

Денес, да поседуваш луксуз не значи да имаш премногу пари за трошење. Луксуз значи да имаш знаење да го препознаеш квалитетот, свест да го избереш трајното наместо привременото и слобода да не мораш преку облеката никому ништо да му докажуваш. Новиот моден код е јасен! Вистинскиот луксуз е тивка привилегија на оние што разбираат.

Небојша Толески