Во денешно време козметиката се поврзува со нега, самодоверба и личен израз. Но низ историјата, шминката не била секогаш симбол на убавина, понекогаш била и тивок отров. Со векови европската аристократија била опседната со еден идеал, порцелански бело лице, без ниту една дамка, без трага од сонце и без несовршености.
Тоа што денес би било естетски тренд, тогаш било прашање на статус, моќ и припадност кон елитата. Но цената за тој изглед често била страшна, распаѓање на кожата, губење коса, парализа, психички нарушувања, па дури и смрт.
Еден од најпознатите случаи е младата грофица од Ковентри, Maria Gunning, Countess of Coventry, која починала во 1760 година на само 27-годишна возраст.
Историските записи често ја наведуваат како симболична жртва на тогашниот смртоносен тренд на шминкање со олово. Иако современите историчари предупредуваат дека точната медицинска причина не може со сигурност да се потврди, нејзиното име останало поврзано со трагичната цена на модата.
Бел тен како симбол на богатство
Во Европа од 16 до 18 век, бледата кожа значела едно- не работите на нива, не сте изложени на сонце и припаѓате на високата класа. Колку лицето било побело, толку бил поголем впечатокот на престиж. Темниот тен бил поврзуван со сиромаштија и физичка работа, додека белото лице станало визуелен код на привилегија.
Така се родила опсесијата со козметичкиот производ познат како Венецијански церус, бела паста што давала мазна, непрозирна и драматично бледа подлога. Името звучело елегантно, но составот бил шокантен, бело олово измешано со оцет.
Отров на лицето
Денес е познато дека изложеноста на олово предизвикува сериозни невролошки, бубрежни и системски оштетувања. Во тоа време, жените секојдневно го нанесувале директно на кожата. Со текот на времето се појавувале воспаленија и рани на лицето, опаѓање на косата, расипување на забите, хроничен замор, нервни нарушувања, парализа, психички симптоми, предвремена смрт.
Иронијата била сурова! Шминката прво ја оштетувала кожата, а потоа жените нанесувале уште подебел слој за да ги сокријат последиците.
Елизабета I и „маската на младоста“
Меѓу најпознатите корисници на церусата била Елизабета I. По прележани сипаници, нејзиното лице останало со лузни, а историчарите наведуваат дека користела бела подлога за да ги прикрие и да го зачува митот за беспрекорен владетелски изглед. Нејзиниот стил подоцна бил нарекуван „маска на младоста“.
Постојат теории дека долгогодишната употреба на козметика со олово можела да влијае врз нејзиното здравје, но тоа не е конечно докажано. Сепак, неспорно е дека нејзиниот имиџ ја популаризирал опасната мода низ дворовите на Европа.
Ни руменилото не било безопасно
Не бил проблем само белиот тен. Јарко црвените усни и образи често се добивале со вермилион, пигмент базиран на жива. Тоа значи дека жените истовремено користеле два силни токсини- олово на лицето и жива на усните.
Некои историски рецепти за отстранување на шминката биле уште пошокантни. За да го симнат стврднатиот слој, се користеле корозивни супстанции, киселини, па дури и урина.
Кога убавината станала опасна опсесија
Овој феномен отвора пошироко прашање, колку далеку луѓето се подготвени да одат за да го исполнат стандардот на убавина? Иако денес козметиката е строго регулирана, историјата покажува дека притисокот врз изгледот не е нов.
Во 19 век постепено започнал тренд кон „поприроден“ изглед, а смртоносната церуса исчезнувала од употреба. Но приказната останала како предупредување дека модата и убавината, кога ќе станат опсесија, можат да имаат висока цена.
Современа паралела
Иако денес никој не нанесува олово на лицето како статусен симбол, експертите предупредуваат дека опасни трендови сè уште постојат, нелегална козметика, недекларирани состојки, агресивни процедури и нереални стандарди на изглед.
Историјата на венецијанската церуса нè потсетува на едноставна вистина, дека не секоја убавина е безопасна.
Н.Т


Современа паралела