Зошто луксузната мода во Македонија најчесто се врзува само за вечерни креации?

Во глобалната модна индустрија, поимот „луксуз“ одамна престана да значи исклучиво раскошен вечерен фустан, корсет, рачна везба и драматичен црвен тепих. Денес, најголемите светски модни куќи го градат луксузот преку минимализам, дневна префинетост, квалитет на материјали и тивка елеганција. Но во Македонија, луксузната мода и понатаму најчесто се доживува како нешто што се носи исклучиво за свадба, матура, свечен настан или телевизиско појавување.

Токму тука лежи и најголемиот парадокс на македонската модна сцена, земја со силна текстилна традиција, со квалитетно производство и дизајнери што имаат знаење за прецизно и префинето кроење, сè уште има пазар што луксузот го препознава претежно низ вечерна и невестинска естетика.

Македонската модна индустрија со години се развива околу ателје-културата. Голем дел од домашните брендови и дизајнери се етаблираа преку венчаници, couture фустани и свечени креации. Дел од најпознатите домашни имиња и денес се позиционирани токму преку невестински и вечерни тоалети.

Но, причините за тоа не се само естетски, туку и економски и културолошки.

Во Македонија, купувањето „луксузно парче“ најчесто се поврзува со важен животен настан. Жените се подготвени да инвестираат значителна сума за свадба, веридба, матурска вечер или јавен настан, но многу поретко за минималистички дневен капут, совршено конструирани панталони или луксузен ready-to-wear изглед. Луксузот кај нас често се доживува како „специјална пригода“, а не како секојдневна култура на облекување.

Токму затоа и домашните брендови долго време беа принудени да се движат во насока што пазарот ја бара, драматични силуети, кристали, рачна изработка, свечена естетика и визуелна впечатливост.

Но глобалната мода одамна се промени.

Според анализите на светските модни магазини како Vogue, Business of Fashion и WWD, современиот луксуз денес сè повеќе се движи кон таканаречениот „тивок луксуз“ или концепт каде квалитетот, конструкцијата, ткаенината и кројот се поважни од логото и театралноста.

Најскапите модни парчиња денес често изгледаат наједноставно.

Совршена бела кошула, кашмирено палто, архитектонски костум или ленен сет со беспрекорен крој се новата дефиниција за елитна мода. Во светските метрополи, богатството повеќе не се демонстрира преку визуелен вишок, туку преку суптилност.

Македонскиот пазар, пак, сè уште е во транзиција помеѓу старата и новата перцепција за луксуз.

Дополнителен проблем е што кај нас речиси и да не постои развиен луксузен ready-to-wear сегмент. Голем дел од купувачите или бараат fast fashion, или couture. Средината, односно квалитетна дизајнерска квалитетна „секојдневна“ мода сè уште е мала и недоволно развиена.

Сепак, последниве години се забележува промена. Дел од домашните брендови постепено почнуваат да се движат кон  современ луксуз концепт, минимализам, монохроматски силуети, ден- ноќ парчиња и префинета дневна елеганција. Сè повеќе дизајнери се обидуваат да создадат облека што не е врзана само за свеченост, туку и за современ урбан живот.

Интересно е што Македонија, всушност, има силна основа за развој на ваков тип мода. Земјата со децении произведува за светски брендови, а домашните конфекции работат за луксузни европски пазари. Дел од јавните дискусии и искуства на потрошувачи покажуваат дека македонските фабрики произведуваат високо квалитетна облека за странски брендови, додека домашниот пазар често останува без пристап до таков тип производ.

Тоа отвора уште едно важно прашање, дали Македонија има модна индустрија што знае да произведе луксуз, но нема доволно развиена култура за да го носи секојдневно?

Во многу европски земји, луксузната мода одамна е дел од лајвстајл културата. Во Македонија, пак, модата сè уште често функционира како „настан“. Се купува за да се биде виден, фотографиран или запаметен на конкретен момент.

Но токму новата генерација македонски купувачи полека ја менува таа слика. Сè повеќе млади луѓе бараат квалитетни материјали, добаро сошиено, одржливост и автентичен дизајн наместо исклучиво впечатлив глам момент. Под влијание на глобалните трендови, социјалните мрежи и новата естетика на „тивок луксуз“, се менува и локалната перцепција за тоа што значи да изгледаш скапо.

И можеби токму таму лежи иднината на македонската луксузна мода, не само во фустаните за црвен тепих, туку и во совршено скроениот капут, интелигентниот минимализам и облеката што не блешти, ама сепак остава впечаток.

Небојша Толески