Каде денес се претставуваат македонските модни дизајнери кога речиси и да нема модни настани?

Македонската модна сцена денес се наоѓа во еден парадоксален момент, никогаш немало повеќе млади дизајнери, модни брендови и визуелна креативност на социјалните мрежи, а никогаш помалку вистинска модна инфраструктура. Прашањето повеќе не е дали Македонија има талентирани дизајнери, туку каде тие луѓе воопшто можат професионално да се претстават.

Во светската модна индустрија, модата не функционира само преку креативност. Таа функционира преку систем, модни недели, шоурум презентации, купувачи, модни уредници, продукциски куќи, PR мрежи, медиуми и континуирани модни настани. Во Македонија, токму тој систем речиси и да не постои.

Реалноста е дека денес во текот на годината речиси и да нема професионални модни ревии, независни модни ревии, шоурум презентации или сериозни современи модни настани. Највидливата модна платформа останува еден Моден викенд и неколку изолирани случувања, што е премалку за една сцена да функционира континуирано.

Проблемот е што модата не може да преживее само од индивидуален ентузијазам. Во земји со развиена модна индустрија, модната ревија е дел од многу поширок механизам. Зад секое шоу стојат спонзори, продукциски компании, модни совети, институции, медиумски партнери и купувачи. Кај нас, најголемиот дел од товарот останува на самиот дизајнер.

А професионална ревија денес е огромен финансиски и организациски товар. Не се работи само за модели на писта. Потребни се простор, светло, сценографија, кастинг модели, фотографија, видео продукција, тим зад сцена, шминка, фризура, музика, PR и медиумска покриеност. За поголем дел од македонските дизајнери, тоа е речиси невозможно без силна финансиска поддршка.

Токму затоа, голем дел од домашната мода денес се пресели на Инстаграм. Социјалните мрежи практично станаа единствената „писта“ на македонските дизајнери. Инстаграм денес е и ревија, и каталог, и маркетинг, и шоурум. Но тука се појавува нов проблем, дигиталната модна сцена бара огромен континуитет.

Современата мода денес живее преку рилови, модни филмови, едиторијали, кампањски фотографии и постојана визуелна комуникација. А тоа повторно бара ресурси, фотографи, видеографи, стилисти, модели, маркетинг стратегии и продукција. Само мал број домашни брендови имаат можност да одржуваат такво темпо. Чест на исклучоците, но кај голем дел од сцената недостига токму континуитет ама не поради недостаток на идеи, туку поради недостаток на услови.

Дополнителен проблем е што модата во Македонија често се „вметнува“ во настани каде не е главната тема. Дизајнерите се претставуваат во рамки на културни манифестации, социјални случувања, институционални вечери или забавни програми, каде модата е спореден елемент, а не централна индустрија. Во такви услови нема модни купувачи, нема професионална модна критика, нема шоурум култура и нема сериозна продажна инфраструктура.

Истовремено, многу ретко гледаме македонски дизајнери на големите светски модни недели, освен на локални…и тоа е ретко! Но тоа не е само прашање на талент. Пробивањето на тие сцени бара огромни буџети, PR агенции, шоурум контакти, мрежи на купувачи, транспорт, логистика и сериозна меѓународна стратегија. За мал пазар како Македонија, индивидуално пробивање без институционална помош е исклучително тешко.

Најголемиот проблем, сепак, е недостатокот на континуитет. Светската мода функционира сезонски и постојано создава нови колекции, капсули, pre-fall и resort линии. Кај нас, сцената често функционира проектно и изолирано, со по еден настан, една кампања или една ревија годишно. А модна сцена не се гради со изолирани моменти, туку со постојано присуство.

Токму затоа, што реално може да се направи?

Пред сè, Македонија има потреба од континуирана национална модна платформа, не само еден настан, туку систем. Потребна е модна комора или моден совет што ќе создава календар, поддршка и меѓународно поврзување.

Потребна е и институционална промена во начинот на кој се гледа модата. Во многу европски држави модата се третира како креативна индустрија и економски потенцијал, а не само како естрада или гламур. Кај нас, модната индустрија сè уште нема доволно сериозна културна и економска позиција.

Подеднакво важно е да постои поддршка за модна продукција, грандови за кампањи, шоурум презентации, модни кратики филмови, меѓународни настапи и дигитални модни проекти. Денес, дизајнерот не смее да остане сам да биде и креатор, и продуцент, и PR агент, и маркетинг тим.

Дополнително, македонската сцена мора повеќе регионално да се поврзува. Балканските заеднички модни проекти, регионални шоурумови и модни ивенти во соработка, би можеле да создадат поголема видливост отколку изолираното функционирање.

И конечно, потребни се професионални модни медиуми и аналитика. Без модно новинарство, критика и архивирање, сцената останува само визуелен момент на Инстаграм што брзо исчезнува.

Македонските дизајнери денес најчесто не се борат со недостаток на креативност, туку со недостаток на систем. И токму затоа, најголемиот предизвик на македонската мода не е талентот туку создавањето сцена на која тој талент ќе може континуирано да постои.

Небојша Толески