Стилот нема возраст! Дали Македонките го разбираат ова и што треба да се направи за стилот да се подигне за класа погоре?

Во модата постои едно ПРАВИЛО што најголемите светски стилисти, дизајнери и модни уредници го повторуваат со децении- СТИЛОТ НЕМА ВОЗРАСТ. Тој не завршува на 30, не избледува на 50 и не станува помалку важен на 70 години. Напротив, вистинскиот стил со годините станува поизграден, пософистициран и поавтентичен.

Сепак, на Балканот, а особено во Македонија, сè уште постојат одредени стереотипи кои влијаат врз начинот на кој жените се облекуваат. Многу често може да се забележат две крајности. Од една страна се жените кои веруваат дека по одредена возраст треба целосно да се откажат од модата и да избираат исклучиво практична облека. Од друга страна се оние кои во обид да изгледаат помладо избираат парчиња кои не одговараат на нивниот животен стил, фигура или карактер.

Но модата никогаш не била натпревар во младост. Таа отсекогаш била начин на изразување на личноста.

Најголемата заблуда е дека стилот е прашање на возраст. Всушност, стилот е прашање на вкус, самодоверба и знаење.

Погледнете ги жените како Карин Ројтфелд, Ана Винтур,  Хелен Мирен или Изабела Роселини. Ниту една од нив не се обидува да изгледа како дваесетгодишна девојка. Наместо тоа, тие изгледаат како најдобрата верзија од себе. Токму тука лежи суштината на стилот.

Во Македонија проблемот не е недостатокот на убави жени. Не е ниту недостатокот на модни брендови. Проблемот најчесто е во модната едукација. Во нашето општество сè уште многу повеќе се зборува за трендови отколку за стил. А тие две работи не се исто.

Трендовите траат една сезона. Стилот трае цел живот. Ова мора да се знае секогаш!

Многу Македонки купуваат облека според тоа што моментално е модерно, што носи некоја инфлуенсерка или што го виделе на социјалните мрежи. Но ретко „Дали ова навистина ми стои добро?“

Вистинската стилска зрелост започнува кога жената ќе ја разбере сопствената фигура.

Не секоја жена треба да носи широки костуми затоа што се актуелни. Не секоја жена треба да носи мини здолништа затоа што ги гледа на Инстаграм. Не секоја жена треба да се облекува во црно затоа што тоа наводно слабее.

Стилот почнува кога ќе научиме што ни одговара.

Уште еден предизвик кај Македонките е културата на „чување“ на убавата облека. Често најквалитетните парчиња остануваат во гардероберот за свадби, крштевки или специјални пригоди, додека секојдневниот изглед се сведува на практичност.

Во најстилските европски градови ситуацијата е сосема поинаква. Жените во Милано, Париз или Лондон не се облекуваат добро само за свечени настани. Тие инвестираат во квалитетни парчиња кои ги носат секој ден. Стилот таму не е настан. Тој е начин на живот.

Секако, не може да се игнорира ниту куповната моќ. Македонскиот стандард е различен од оној во Западна Европа и тоа влијае врз навиките за купување. Но добриот стил не е директно поврзан со висок буџет.

Најелегантните жени не мора да имаат преполн гардеробер. Напротив. Тие најчесто поседуваат помал број внимателно избрани парчиња кои можат меѓусебно да се комбинираат.

Квалитетно сако, добро скроени панталони, бела кошула, неутрален фустан, добри чевли и квалитетна чанта често создаваат многу посилен впечаток од десетици евтини и неквалитетни трендовски парчиња.

Психолозите одамна укажуваат дека начинот на кој се облекуваме влијае и на нашата самодоверба. Кога човек изгледа уредно, организирано и хармонично, тоа директно влијае врз неговото однесување, комуникација и самоперцепција.

Затоа стилот не треба да се гледа како суета. Тој е дел од личниот идентитет.

За македонската модна сцена да се подигне на повисоко ниво потребни се неколку работи како повеќе модна едукација, повеќе разговор за крој, пропорции и материјали, помалку опседнатост со брендови и повеќе внимание на индивидуалноста.

На крајот, најважната лекција е едноставна, жената не треба да се облекува според бројот на годините, туку според тоа која е таа.

Затоа што стилот не е привилегија на младоста. Стилот е вештина што се гради со искуство. А токму искуството е она што со годините станува највредниот моден додаток.

Небојша Толески