Во современата европска архитектонска дебата сè почесто се враќа еден поим кој долго време беше маргинализиран: vernacular architecture или народна, автохтона архитектура создадена без академски архитекти, но со длабоко разбирање на климата, материјалите и начинот на живот.
Според бројни студии во европски архитектонски списанија и универзитетски истражувања, токму оваа архитектура е под најголем притисок од модернизацијата и миграцијата кон градовите, а голем дел од неа неповратно исчезнува низ руралните региони на Европа.
Во тој контекст, македонските села денес се појавуваат како еден од ретките живи простори во кои ова наследство сè уште може да се чита „in situ“ (латински термин кој означува објектот кој сè уште на своето оригинално место) во својата природна средина, а не само во музејска форма.
Европа и губењето на „тивката архитектура“
Во европската архитектонска литература постои консензус дека традиционалната рурална архитектура се губи како последица на три паралелни процеси и тоа депопулација на селата, економска миграција и урбанизација. Истражувања на балкански и источноевропски села покажуваат дека автентичните градби од 19 и почетокот на 20 век постепено исчезнуваат или се трансформираат до непрепознатливост.
Архитектонски гледано, ова значи губење на цел еден систем на знаење како да се гради со локален камен, дрво и земја, како куќата да „дише“ со климата и како просторот да се организира околу семејниот и економскиот живот.
Македонското село како архитектонски архив
Во македонските села, особено во планинските и ридските региони, за среќа сè уште постојат примери на традиционални куќи кои го задржуваат принципот на адаптација кон теренот и климата, наместо наметнување врз просторот.
Истражувањата за македонската народна архитектура покажуваат дека овие објекти се карактеризираат со камена приземна конструкција за стабилност и термичка инерција, дрвени катови и чардаци за природна вентилација, ориентација на куќата според сонцето и ветерот, интегрирани економски простории (штали, амбари) во рамки на домот
Овој тип на архитектура не е „стил“, туку функционален систем на живот, каде куќата е продолжение на земјоделската економија и социјалната структура.
Европски архитекти и идејата за „учење од селото“
Иако често се гледа како периферна, народната архитектура одамна е предмет на сериозен интерес кај модерните архитекти.
Еден од највлијателните примери е словенечкиот архитект Јоже Плечник, кој во своите урбани проекти често вметнувал принципи од традиционалната градба, пропорции, материјалност и ритам на малите објекти.
Слично, францускиот архитект Ле Корбизје во своите патувања низ Балканот и Медитеранот бележел дека „селската куќа е најразумниот одговор на климата и потребите на човекот“, идеја која подоцна влијаела врз модернизмот.
Во поново време, истражувачите на ваквата архитектура во Европа во рамки на универзитетски студии нагласуваат дека токму овие традиционални системи се „најодржливите форми на градење пред индустријализацијата“.
Зошто европската архитектура ја губи оваа логика?
Современата европска архитектура, особено во урбаните центри, се движи кон стандартизирани материјали, глобални естетски модели, енергетски, но не секогаш и културно специфични решенија
Во тој процес, локалната логика на градење, онаа што произлегува од теренот, ветерот, сонцето и традицијата се заменува со универзални системи.
Токму затоа, многу архитекти денес предупредуваат дека Европа ризикува да ја изгуби „просторната меморија“ на селото, кое историски било лабораторија на архитектонска интелигенција.
Македонските села, меѓу автентичност и исчезнување
Иако Македонија сè уште има живи примери на традиционална селска архитектура, реалноста е дека тие се под притисок од напуштање на населението, замена на старите куќи со бетонски конструкции, недоволна заштита на селските амбиенти.
Како што покажуваат регионални истражувања, многу села во Балканот веќе ја изгубиле својата оригинална архитектонска структура поради миграции и економски промени.
Во Македонија, тоа значи дека она што денес изгледа како „секојдневен пејзаж“, утре може да постане изгубен културен слој.
Селото како архитектонска вредност, не само спомен
Македонските села не се само рурални населби, тие се архитектонски системи на знаење кои Европа постепено ги губи. Во нив се чита логика на одржливост, адаптација и материјална економија која денес повторно станува релевантна во ерата на климатски промени.

Контрадикторноста е јасна, додека современата архитектура бара „нови одржливи решенија“, тие веќе постојат во тивките, напуштени или полуживи села на Европа.
И токму затоа, македонските села не се периферија на архитектурата. Тие се нејзина архива.
Н.Т