
Посебно во последните две децении модната индустрија поминува низ една од најдлабоките трансформации во својата историја.
Од ерата на супермоделите, кога имиња како Клаудија Шифер, Наоми Кемпбел, Кристи Тарлингтон, Синди Крафорд, Линда Еваџелиста, Кејт Мос… ја дефинираа идејата за гламур, до денешниот дигитален екосистем во кој инфлуенсерите доминираат со милионски досег, модата повеќе не е само индустрија на естетика, туку и на алгоритми.
Прашањето што сè почесто го поставуваат модните аналитичари и уредници во списанија како Vogue, Business of Fashion и Harper’s Bazaar е јасно- дали гламурот исчезна или само ја промени формата?
Ерата на супермоделите, гламур како недостижна елита
Во 90-тите години, супермоделите беа повеќе од лица на модата, тие беа културни икони. Како што анализира Vogue Business, ова беше период кога модата имаше јасна хиерархија, дизајнерите беа авторитети, модните куќи беа центри на моќ, а моделите нивни симболи.
Гламурот тогаш се базираше на дистанца. Супермоделите не беа „достапни“; тие беа недостижни фигури кои постоеја на насловни страници, кампањи и писти. Тоа создаваше чувство на митологија, а модата беше сон, не секојдневие.
Но преминот, дигиталната демократизација на стилот
Со појавата на социјалните мрежи, оваа структура се распаѓа. Како што истакнуваат аналитичарите од Business of Fashion, Instagram и TikTok ја демократизираа модата, но истовремено ја разбија аурата на ексклузивност.
Инфлуенсерите стануваат новите „лица“ на модата, не затоа што се дел од модните куќи, туку затоа што имаат директен пристап до публиката. Денес, еден пост може да има поголемо влијание од цела кампања во модно списание.
Инфлуенсер ерата, гламур или перформанс?
Во современиот моден пејзаж, инфлуенсерите функционираат како медиуми сами по себе. Како што пишува The Business of Fashion, тие не само што носат облека, тие ја продаваат приказната околу неа.
Но тука се појавува критиката- дали оваа „достапна естетика“ ја разредува идејата за гламур?
Модни критичари од The Guardian и Vogue Runway често истакнуваат дека инфлуенсерската мода е базирана на повторување, трендови и визуелна брзина. За разлика од супермоделската ера, каде стилот беше дефиниран од долгорочни визии на дизајнерите, денес тој е диктиран од алгоритамска видливост.
Дали гламурот исчезна или се трансформираше?
Модните теоретичари се поделени. Една група смета дека гламурот како концепт е ослабен, бидејќи естетската дистанца исчезнала. Кога секој може да биде „икона на стил“ со телефон и филтер, мистиката се губи.
Други, пак, тврдат дека гламурот не исчезнал, туку се популаризирал меѓу широката јавност. Наместо да биде привилегија на неколку супермодели, тој сега е достапен во различни форми, од дигитални креатори до street style култура.
Како што забележува Vogue, денешниот гламур не е повеќе статичен, тој е перформативен, флуиден и постојано реинтерпретиран.
Улогата на модните куќи, помеѓу традиција и нов медиум
Луксузните брендови како Баленсијала и Гучи активно ја користат инфлуенсерската култура за да останат релевантни. Според анализите на Business of Fashion, модните куќи денес не продаваат само производ туку тие продаваат дигитален идентитет.
Ова создава нова хибридна реалност, супермоделите сè уште постојат, но инфлуенсерите ја водат секојдневната видливост на модата.
Нова дефиниција на гламур
Модата не го изгубила гламурот ама но го променила неговиот код.
Од недостижната елитност на супермоделската ера, до хипер-достапната инфлуенсер култура, гламурот денес повеќе не е прашање на дистанца, туку на влијание.
Токму тука лежи најголемата промена! Во свет каде секој може да биде виден, вистинскиот гламур повеќе не значи да бидеш недостижен, туку да бидеш незаменлив во морето од слики.
Н.Т
Но преминот, дигиталната демократизација на стилот