Никогаш во Македонија немало толку многу „луксуз“. Никогаш повеќе дизајнерски чанти, часовници, патики, брендирана облека, егзотични патувања, скапи автомобили и фотографии од „совршен живот“. Ако судиме според социјалните мрежи, би помислиле дека живееме во едно од најбогатите општества во Европа.
Но статистиката зборува сосема поинаку.
Македонија и понатаму е меѓу земјите со низок просечен доход во Европа, со висока нееднаквост и ограничена куповна моќ. Токму во таа спротивност се крие еден од најинтересните современи општествени феномени, односно потребата да изгледаме побогато отколку што навистина живееме.
Ова повеќе не е само модна појава. Тоа е социолошки, психолошки и културолошки феномен што сè повеќе го обликува начинот на кој луѓето се претставуваат пред светот.
Луксузот како слика, а не како реалност
Во минатото, луксузот бил последица на богатството. Денес, благодарение на социјалните мрежи и глобалната индустрија на копии, сè почесто станува визуелна конструкција.
Лажните чанти со потпис на светски модни куќи, копии на фустани од модните писти, реплики на часовници што чинат десетици илјади евра, накит инспириран од најлуксузните брендови, патики од т.н. „1:1 копија“ класа, сето тоа денес е лесно достапно преку онлајн платформи и неформални канали на продажба.
Особено е интересен новиот тренд на „супер копии“ (superfakes) производи изработени со толку висок степен на прецизност што на прв поглед тешко се разликуваат од оригиналот. Во светски рамки, модните експерти предупредуваат дека овие копии не ги купуваат само луѓе со ограничен буџет, туку и лица кои можат да си дозволат оригинал, но сметаат дека визуелниот ефект е поважен од автентичноста.
Во Македонија, овој феномен дополнително добива специфична димензија, важно е другите да веруваат дека носиш оригинал, без разлика дали е тоа вистина.
Не се продава производот ама се продава впечатокот
Францускиот социолог Пјер Бурдје уште во 70-тите години објаснува дека вкусот никогаш не е само личен избор. Тој е форма на симболички капитал или средство преку кое луѓето испраќаат порака за својот статус, образование, припадност и моќ.
Денес таа теорија добива ново значење. И не се купува само чанта. Се купува впечаток дека си успешен. Не се купува часовник. Се купува впечаток дека времето работи за тебе. Не се купуваат брендирани патики. Се купува чувство дека припаѓаш на одредена група.
Во дигиталната ера, впечатокот често станува повреден од самата реалност.
Социјалните мрежи ја сменија дефиницијата за успех
Некогаш статусот се градел преку образование, професија или животно искуство.
Денес, првиот впечаток неретко се формира преку неколку фотографии на Instagram или TikTok. Психолозите ова го поврзуваат со теоријата на социјалната споредба, развиена од Леон Фестингер. Луѓето природно се споредуваат со другите, а социјалните мрежи го засилуваат тој процес бидејќи најчесто ја прикажуваат само најатрактивната верзија од нечиј живот.
Фотографија од луксузен хотел може да биде направена за еден ден. Автомобилот може да биде изнајмен. Чантата може да биде копија. Облеката може да биде позајмена.
Но впечатокот останува.
Македонија и културата на „што ќе речат“
Тука феноменот добива уште подлабока културолошка димензија.
Македонското општество традиционално е силно ориентирано кон мислењето на заедницата. Во помалите средини, изгледот често функционира како јавна биографија. Што носиш. Со што возиш. Каде летуваш. Каде пиеш кафе.Каква свадба правиш.
Сето тоа станува дел од личниот имиџ.
Во таков контекст, модата престанува да биде средство за лично изразување и станува средство за социјална потврда.
Кога логото станува поважно од квалитетот
Модните аналитичари веќе подолго време зборуваат за разликата меѓу вистинскиот луксуз и демонстративната потрошувачка.
Економистот Торстен Веблен уште кон крајот на XIX век го воведува поимот conspicuous consumption или демонстративна потрошувачка, односно купување производи пред сè за другите да ги видат. Во таа логика, логото станува поважно од материјалот. Етикетата поважна од изработката. Фотографијата поважна од искуството.
Токму затоа денес гледаме луѓе кои носат препознатливи брендови, а истовремено штедат на работи што директно влијаат врз квалитетот на животот.
Лажниот луксуз не е секогаш материјален
Најголемата заблуда е дека лажниот луксуз завршува со копирана чанта.
Тој продолжува во внимателно режирани фотографии, видеа што создаваат илузија за раскошен живот, фотографирање во луксузни хотели без престој, објавување од ресторани само заради впечаток, позирање покрај туѓи автомобили, изнајмување луксузни предмети или простори за снимање содржини.
На социјалните мрежи се продава животен стил, а не секогаш реалност.
Психолошката цена на совршениот впечаток
Истражувањата покажуваат дека постојаното споредување со идеализирани слики може да ја намали самодовербата, да го зголеми чувството на незадоволство и да создаде притисок за постојано одржување на внимателно конструиран имиџ.
Кога вредноста на човекот почнува да се мери преку логото што го носи или фотографијата што ја објавува, лесно се губи границата меѓу идентитетот и перформансот.
Вистинскиот луксуз изгледа поинаку
И додека дел од светот сè уште се стреми кон големи логоа, најбогатите слоеви сè почесто се движат во спротивна насока.
Феноменот тивок лусуз ја враќа вредноста на дискретниот дизајн, беспрекорната изработка и квалитетот што не мора гласно да се докажува.
Вистинскиот луксуз денес ретко се гледа од далеку. Тој не мора да се фотографира. Не бара туѓо одобрување.

И токму тука можеби се крие најважното прашање за македонското општество, па дали навистина сакаме да живееме подобро, или само да изгледаме како да живееме подобро?
Затоа што разликата меѓу тие две работи не се мери со цената на чантата, часовникот или чевлите, туку со вредностите врз кои го градиме сопствениот идентитет. На крајот, автентичноста е единствениот луксуз што не може да се купи, ниту да се копира.
Небојша Толески
Луксузот како слика, а не како реалност
Не се продава производот ама се продава впечатокот
Психолошката цена на совршениот впечаток
Вистинскиот луксуз изгледа поинаку