Модната индустрија отсекогаш била магнет за генијалци со ексцентричен карактер, но границата помеѓу уметничка слобода и токсично, па дури и деструктивно однесување, честопати била целосно избришана. Модата не би била тоа што е денес без нивниот визионерски дух, но цената за нивниот талент ја плаќаа сите околу нив, од нивните соработници до сопствената репутација.
Од фашистичка пропаганда и јавни антисемитски испади, до брутален елитизам и фатални внатрешни демони, ова е вистината за петте најпроблематични модни икони во историјата.
Коко Шанел: Ладниот калкулант и колоборацијата со нацистите
Габриел „Коко“ Шанел го ослободи женското тело од корсетите и ја дефинираше модерната елеганција, но нејзиниот личен живот и политички ставови кријат темна дамка која со децении се обидуваа да ја заташкаат.
Израсната во сиропиталиште, Шанел развила ладен, прагматичен и бескомпромисен инстинкт за преживување. За неа, сопствената империја била поважна од која било морална или општествена одговорност.
За време на Втората светска војна и нацистичката окупација на Париз, Шанел живееше во луксузниот хотел „Риц“ и беше во љубовна врска со високиот германски офицер Ханс Гинтер фон Динклаге. Документите од германските архиви подоцна потврдија дека таа била регистрирана како нацистички агент под кодното име „F-7124“ (со задача да посредничи во преговори). Покрај тоа, Шанел ја искористила нацистичката ареализација на имотите за да ја преземе целосната контрола врз нејзината парфемска компанија од нејзините деловни партнери, еврејското семејство Вертхајмер.
Карл Лагерфелд: Елитистот без филтер кој не штедеше никој
Карл Лагерфелд беше креативниот мотор на „Шанел“ и „Фенди“, човек со неверојатна ерудиција, но и моден апсолутист за кого суровоста кон луѓето беше само „одраз на естетиката“.
Лагерфелд живееше во сопствен свет на аристократски елитизам. Себеси се гледаше како надворешен набљудувач на светот, имуно изолиран од „обичните човечки емоции“ и политичката коректност.
Неговите јавни изјави редовно предизвикуваа скандали. Тој јавно ги навредуваше жените со прекумерна тежина (изјавувајќи дека „никој не сака да гледа крупни жени на пистата“), го критикуваше движењето METOO тврдејќи дека „ако моделите не сакаат да им ги влечат панталоните, нека одат во манастир“, а ги критикуваше и германските политичари за прифаќањето на бегалците со изопачени компарации. За него, естетскиот перфекционизам оправдуваше каква било суровост.
Александар Меквин: Генијот опседнат со темнината и сопствените деструкции
За разлика од другите кои ги напаѓаа другите, Ли Александар Меквин ја насочи целата агресија и темнина кон самиот себе и кон суровиот свет што го опкружуваше.

Дете од работничка класа во Лондон, жртва на детска злоупотреба и сведок на семејно насилство, Меквин страдаше од тешка депресија, анксиозност и зависност од наркотици. Неговиот моден израз беше негова терапија, но и негов пекол.
Неговите ревии беа шокантни, провокативни и честопати граничеа со садизам. Неговата позната колекција од 1995 година, „Highland Rape“, прикажуваше модели во искината облека кои се тетеравеа по пистата, што предизвика обвинувања за мизогинија и глорификација на насилството врз жените (иако тој тврдеше дека ги прикажува последиците од британската историја). Меквин беше екстремно тежок за соработка, склон кон ненадејни испади и деструктивно однесување, кое за жал заврши трагично со самоубиство во 2010 година.
Вивиен Вествуд: Кралицата на панк-хаосот и провокацијата
Вивиен Вествуд го донесе панот во високата мода, а нејзиниот цел живот беше посветен на анархијата, активизмот и рушењето на сите општествени норми.
Таа не се гледаше себеси како дизајнер, туку како политички активист и бунтовник чие средство за борба беше облеката.

Заедно со нејзиниот партнер Малколм Мекларен во 1970-тите, ја отворија продавницата „SEX“ во Лондон, каде што продаваа облека од латекс, садо-мазо опрема и маици со свастики и навредливи верски слики за да го шокираат британското конзервативно општество. Вествуд редовно правеше хаос на јавните настани, на добивањето на орденот од британската кралица Елизабета II во Букингемската палата дојде без долна облека и тоа јавно им го покажа на фотографите. Нејзиниот радикален активизам честопати ја правеше хипокритична во очите на јавноста бидејќи протестираше против конзумеризмот, додека истовремено водеше мултимилионска модна куќа.
Џон Галијано: Човекот кој претера „за сите пари“
Ако постои човек за кого важи дека претера за сите пари и го допре дното на најсуров можен начин, тоа е несомнено Џон Галијано.

Како креативен директор на модните куќи „Диор“ и „Живанши“, Галијано беше третиран како недопирлив моден бог. Но, под притисокот да произведува десетици колекции годишно, тој подлегна на тешка зависност од алкохол и лекови на рецепт, кои од него направија опасна и неконтролирана личност.
Во февруари 2011 година, во парискиот бар „La Perle“, видно пијаниот Галијано вербално ги нападна и навредуваше гостите на расистичка и антисемитска основа. Скандалот стана глобален кога се појави видео на кое тој отворено изјавува: „Го сакам Хитлер… Луѓето како вас денес ќе беа мртви, вашите мајки и татковци ќе беа отровени со гас“.
Ефектот беше моментален и деструктивен: „Диор“ веднаш го отпушти, тој беше кривично гонет од францускиот суд за говор на омраза, ги изгуби своите одликувања и беше целосно исфрлен од модната заедница. Тоа беше најголемиот срам и пад на еден моден креатор во модерната историја.
Генијалност со висока цена
Овие пет примери покажуваат дека модната индустрија со децении го храни и толерира егото на своите креатори сè додека тие носат профит. Сепак, границата меѓу екцентричноста и чистата деструкција секогаш завршува со сметка, некогаш во вид на нарушена репутација, некогаш со целосен професионален колапс, а некогаш со лична трагедија.