Дали облеката од полиестер е безбедна за носење? Еве што велат текстилните експерти

Не секогаш ги имаме одговорите, но имаме луѓе кои ги имаат. Експерти објаснуваат дали балсамот за усни навистина е штетен, колку често треба да ја миете косата и многу повеќе… Но има и текстили експерти за материјали. Тема ни е полиестерот.

Полиестерот е насекаде. Го има во вашите спортски хеланки, во кошулата што не се гужва, во меката флис јакна, а големи се шансите дека токму сега носите нешто направено од него. Но, како што потрошувачите стануваат сè посвесни за тоа што ставаат на своето тело, се појавува едно логично прашање, дали полиестерот навистина е безбеден за носење?

Оваа синтетичка ткаенина, добиена од пластика на база на нафта, е дел од текстилната индустрија со децении благодарение на својата издржливост, пристапна цена и разновидност. Всушност, полиестерот е најпроизведуваното синтетичко влакно во светот, според Советот на модни дизајнери на Америка (CFDA). Но, неодамнешните дискусии околу микропластиката (пребарувањата на оваа тема пораснале за 93 проценти минатата година), чувствителноста на кожата и хемиските третмани ги поттикнаа потрошувачите да се запрашаат дали овој материјал треба да биде дел од нашата гардероба.

Во овој текст ќе објасниме што точно е полиестерот и како се произведува, што велат текстилните експерти за неговото носење директно на кожата и во кои ситуации е најпрактичен избор. Ќе ги разгледаме и најдобрите алтернативи на полиестерот за да можете следниот пат кога ќе купувате облека да донесете информирана одлука.

Што е полиестер?

„Полиестерот стана популарен во 1950-тите години и беше рекламиран како чудотворно влакно што може да се носи 68 дена без пеглање“, вели Рејчел Дорис, директорка за дизајн во текстилната компанија Pollack.

„Тоа е вештачко синтетичко влакно добиено од нафта. Започнува како течен раствор, а потоа се извлекува во долги континуирани влакна кои подоцна се предат во конец“, објаснува таа.

Поедноставно кажано, полиестерот е пластика претворена во текстил, вели Симардев Гулати, коосновач и извршен директор на компанијата Everbloom. Тој е лесен, издржлив материјал кој е отпорен на собирање, растегнување и гужвање, карактеристики што го направија еден од столбовите на модата и производството во 20 век.

За што се користи полиестерот?

Подобро прашање би било: за што не се користи?

Производителите го користат овој синтетички материјал за спортска облека, постелнина, обувки, мебел и многу други производи. Неговата масовна употреба се должи токму на разновидноста во споредба со ткаенини како памукот и ленот.

„Полиестерот може да се изработи така што ќе изгледа сјајно и свиленкасто, но може да имитира и лен или волна“, вели Дорис. „Тој е поевтин од природните влакна, а сепак може да изгледа многу луксузно. Тоа е вистински камелеон меѓу текстилите, може да создаде луксузен изглед со многу помал буџет.“

Најчесто се користи во секојдневната облека затоа што е евтин, траен и не се гужва лесно. Исто така е исклучително популарен кај спортската облека.

„Полиестерот е хидрофобен, што значи дека не ја сака влагата“, објаснува Дорис. „Токму затоа ја оттурнува влагата од телото и е идеален за спортска и техничка опрема.“

Кои се предностите на полиестерот?

Според експертката за модно производство Мелани ДиСалво, полиестерот нуди бројни практични предности:

Кога се додава во еластични материјали, им дава стабилност и спречува со текот на времето да се растегнат и деформираат.

Бидејќи одбива вода, е одличен за спортска облека.

Брзо ја пренесува потта подалеку од телото, што помага да останете суви и удобни и може да го намали ризикот од иритации и инфекции.

Отпорен е на гужвање, што го прави идеален за патувања.

Во многу случаи е поиздржлив од природните материјали и подолго ја задржува својата форма.

Зошто некои луѓе го избегнуваат?

Иако е исклучително распространет, полиестерот не е без контроверзии.

Прво, бидејќи често се користи во масовно произведена облека, многумина го поврзуваат со евтина или неквалитетна мода. Сепак, ниската цена на производството не значи автоматски и низок квалитет.

Денешниот полиестер значително се разликува од оној од минатите децении и може да изгледа многу софистицирано и луксузно.

Поголемата грижа е поврзана со микропластиката. Кај спортска облека и долна облека, материјалот може да испушта микровлакна за време на носење и перење, што придонесува за загадување со микропластика.

Дополнително, дел од синтетичките ткаенини се третираат со таканаречени „вечни хемикалии“ (PFAS), кои многу бавно се разградуваат во природата.

Според Американската агенција за заштита на животната средина (EPA), потенцијалните ризици што се истражуваат вклучуваат намалена плодност, зголемен ризик од рак на простата, бубрези и тестиси, ослабен имунолошки систем, покачено ниво на холестерол.

Сепак, важно е да се нагласи дека не секоја полиестерска ткаенина е третирана со овие супстанции и дека научните истражувања на ова поле сè уште се во тек.

Еколошката страна на приказната

Полиестерот се произведува од необновливи ресурси и има значително влијание врз животната средина.

Тој не е биоразградлив, што значи дека природно не се распаѓа, а според проценките е одговорен за околу 10 до 15 проценти од глобалните емисии на јаглерод поврзани со текстилната индустрија. Причината лежи во неговото потекло од фосилни горива и енергетски интензивниот процес на производство.

Кои се алтернативите?

За оние што сакаат да го избегнуваат полиестерот, постојат неколку интересни опции:

Бамбусова вискоза – полусинтетички материјал добиен од бамбусова пулпа. Мек е, свиленкаст и добро ја регулира влагата.

Лиоцел (Tencel) – материјал направен од дрвна целулоза, кој се смета за поеколошка алтернатива. Лесен е, удобен и добро ја впива влагата.

Мерино волна – природно влакно кое одлично ја регулира температурата и влагата. Во споредба со класичната волна е полесна, помека и помалку груба на допир.

Дали полиестерот е безбеден?

Според текстилните експерти, за повеќето луѓе полиестерот е безбеден за секојдневно носење. Неговите предности, издржливост, лесно одржување, отпорност на гужвање и добра контрола на влагата објаснуваат зошто останува еден од најкористените материјали во светот.

Сепак, прашањата поврзани со микропластиката, хемиските третмани и влијанието врз животната средина остануваат тема на сериозни научни истражувања.

Затоа, наместо едноставно да се прогласи за „добар“ или „лош“, полиестерот денес се гледа како материјал со многу предности, но и со одредени ограничувања што потрошувачите треба да ги имаат предвид кога ја „градат“ својата облека.

Н.Т

Извор: NBC