
Едно правило кое често предизвикува недоразбирања, модната критика не е исто што и лична критика! Сепак, особено овде, секоја забелешка поврзана со облеката многу лесно се доживува како напад врз личноста.
Суштината на модната критика никогаш не била да навредува. Нејзината улога е да анализира, споредува, објаснува и да отвора дискусии за естетиката, оригиналноста, трендовите и културните влијанија во модата. Но само кога е кажана од релевантни модни познавачи!
Вниманието секогаш треба да биде насочено кон самата креација и кон нејзиниот однос со оригиналниот дизајн.
На неодамнешен јавен настан внимание привлече впечатлив изглед кој предизвика асоцијација на еден од препознатливите модели на Ели Сааб. Креацијата што ја носеше убавата Марта Лазарова речиси целосно ја следеше силуетата, колоритот и конструкцијата на оригиналниот модел, со одредени интервенции во деталите.
Сличноста не се наоѓа само во бојата, туку и во комбинацијата на конструкција, декоративни мотиви и целокупниот визуелен наратив, што остава впечаток на силна инспирација од светски веќе виден couture концепт. Изведбата на моделот е лоша, па во споредба со оригиналот, изгледа уште побледо и послабо изведено. Дизајнерот треба повеќе да внимава на квалитетот на изработката, каде што недостасуваат прецизност, дефинирани детали и чистота во изведбата. Притоа, требало да се води сметка и за конституцијата на телото за која се работи. Не секој модел поднесува секаква телесна градба, без разлика колку сакаме да постигнеме одреден ефект.



*Креација на Ели Сааб
Но, имаме и други случаи каде е копиран оригиналниот изглед.
На пример дивата Калиопи која се појави на Евровизија во 2016 година во Шведска со песната „Дона“, имаше фустан- вид копија на тоалета од 1999 година на дизајнерот Александар Меквин кој тогаш креираше за Живанши. Долниот дел е целосно превземен, и отворот и карнерите, па и панталоните, а има само мала измена во горниот дел, односно кај Калиопи има деколте. Дури и боите се исти.
Од друга стана, исто на евровизиската сцена, ама овојпат во Тел Авив, поп ѕвездата Тамара Тодевска настапи со песната „Прауд“. Беше облечена во фустан според нејзините пропорции. Фустан што треба да истакне и да сокрие таму кај што треба. Боја која привлекува… Но тој фустан е еден вид копија. Еве за што се работи: Mainbocher фустан на американскиот моден дизајнер Мејн Русо Бошер од 1950 година…
Сличноста е во архитектурата на корсетот и силуетата, но не и во целокупниот дизајн. Основната идеја е преземена од историски кутур кодови кои постојат повеќе од 70 години, а сепак не од еден конкретен фустан.
Суштината на модната критика не е да осуди, туку да постави прашање! Не да посочи виновник, туку да отвори разговор за вредноста на авторството, креативноста и индивидуалниот израз.
Во време кога модните слики патуваат низ целиот свет за неколку секунди, а секоја колекција веднаш станува достапна на социјалните мрежи, разликата меѓу инспирација и копија станува сè поважна тема.
А токму способноста за аргументирана и професионална дискусија е она што ја прави модната критика неопходен дел од секое зрело модно општество.
FASHIONEL 𓂀 Модно око