Делуваат како визија од 3026, а изградени се пред 10 векови

На прв поглед изгледаат како футуризам или древни утврдувања или огромни кружни тврдини скриени меѓу планините. Но зад нивните масивни земјени ѕидови се кријат домови, семејства, традиции и еден уникатен начин на заеднички живот. Fujian Tulou претставуваат едни од најфасцинантните рурални градби во светот, архитектонски симбол на јужна Кина и ремек-дело на колективното домување.

Овие извонредни структури ги градел народот Hakka, како и други локални заедници во провинцијата Fujian, најмногу помеѓу 12 и 20 век. Денес тие се препознаени како културно наследство од светско значење и сведоштво за интелигентна, одржлива и безбедна архитектура.

Што всушност се Тулу?

Зборот „Tulou“ во превод значи „земјена градба“. Името доаѓа од материјалите со кои се изградени – набиена земја, глина, песок, вар, камен и дрво. Надворешните ѕидови се исклучително дебели, понекогаш и до два метри, што им овозможувало голема стабилност, термичка изолација и заштита од напади.

Најпознати се кружните форми, но постојат и квадратни, правоаголни, овални и неправилни варијанти. Повеќето имаат од три до пет ката, а во некои од најголемите комплекси можеле да живеат и до 700–800 луѓе од ист клан или пошироко семејство.

Архитектура со јасна филозофија: „затворено надвор, отворено внатре“

Фуџијан Тулу се градени според принципот што совршено ја опишува нивната логика – затворено надвор, отворено внатре. Однадвор изгледаат како непристапни тврдини со речиси слепи фасади и минимален број отвори на приземјето. Но кога ќе се влезе внатре, се отвора голем централен двор околу кој се распоредени станбените единици.

Во средината често се наоѓал заеднички храм, сала за состаноци, складиште или простор за ритуали. Секое семејство добивало вертикален сегмент – простории на неколку ката поврзани една над друга.

Зошто биле градени така?

Една од главните причини за ваквиот тип градба била безбедноста. Во минатото, јужна Кина била изложена на локални конфликти, грабежи и нестабилност. Затоа Тулу биле дизајнирани како мини-тврдини, дебели заштитни ѕидови, една главна влезна порта од масивно дрво и метал, мали прозорци на долните катови, отвори на повисоките нивоа за набљудување и одбрана, заедничка организација за брза реакција

На највисоките катови често имало отвори за одбранбени цели, што им давало дополнителна заштитна функција.

Колективно домување пред модерното време

Иако денес се зборува за co-living концепти како современ тренд, Тулу покажуваат дека колективното домување постоело со векови. Тие биле вистински самодоволни микро-заедници каде жителите живееле заедно, готвеле и работеле колективно, делеле ресурси, се штителе меѓусебно,одржувале силни семејни врски

Во многу случаи, целата зграда била дом на еден клан со десетици семејства.

Инженерска генијалност

Она што особено ги импресионира архитектите е фактот што овие масивни градби преживеале векови, тајфуни, влага и земјотреси. Земјените ѕидови имаат природна флексибилност и одлични термички својства – ладно во лето, топло во зима.

Дополнително, градбите се изведувани со локални материјали и минимален еколошки отпечаток, што денес ги прави пример за одржлива архитектура.

Светско признание

Во 2008 година дел од UNESCO листата на светско наследство станаа 46 најрепрезентативни објекти од групата Fujian Tulou. Тоа дополнително го зголеми интересот на светот за овие необични градби.

Денес тие се туристичка атракција, но и живо наследство, во дел од нив и понатаму живеат луѓе.

Зошто светот е фасциниран од нив?

Затоа што Тулу се ретка комбинација на архитектонска убавина, колективна социјална организација, одбранбена логика, одржлива градба, културен идентитет, вековна издржливост

Тие изгледаат футуристички, а се стари со векови.

Фуџијан Тулу не се само куќи, тие се цивилизациски модел на живеење. Додека денешните градови бараат начини како повторно да создадат чувство на заедница, овие кинески глинени тврдини одамна го имале одговорот.

Затворени однадвор, но богати и живи одвнатре, токму затоа Тулу и денес го воодушевуваат светот.

Н.Т