
*Џени Акројд и самата примаше терапија за рак додека го дизајнираше пристапниот кошула-фустан
Додека се лекувала од рак на мозокот, на Емили Родс од Обединетото кралство ѝ било сè потешко да најде облека што е удобна и лесна за носење за време на третманите.
24-годишната манекенка од Јорк постојано купувала нова гардероба, бидејќи болеста предизвикувала брзо зголемување на тежината, а телото ѝ било чувствително и болно.
„Одевме во продавници и купувавме широки хеланки, но немаше ништо што навистина ѝ беше удобно и во што се чувствуваше добро“, раскажува нејзината мајка Џоан Николсон.
„Додека работев во здравствениот систем, носев медицинска униформа и си помислив: зошто не постои облека специјално создадена за пациенти, која ќе можат лесно да ја облечат, да ја користат за третманите и потоа да ја закачат до следната посета?“
Емили, за која нејзиното семејство вели дека „ја осветлуваше секоја просторија во која ќе влезеше“, починала од рак во април 2019 година.
„По нејзината смрт не бев добро речиси една година“, признава Џоан.
„Навистина тешко се справував со тагата и почувствував дека морам да им помогнам на други луѓе.“
Заедно со синот Метју Родс, таа го основала EmAble, модна акција специјализирана за адаптивна и пристапна облека.
*Емили работела како модел во Австралија кога ѝ бил дијагностициран тумор на мозокот.
„Кога поминувате низ третман, го губите чувството за сопствениот идентитет. Веќе не го контролирате својот живот ниту своето тело“, вели Џоан.
„Да си вратите барем мал дел од таа контрола е огромна работа, особено кога сте млади и сè уште се оформувате како личност.“
Таа објаснува дека не можела да ѝ помогне на својата ќерка на начин на кој посакувала, но сакала да создаде облека што ќе им го олесни животот на луѓето кои минуваат низ тешки терапии.
„Сакав да создадам парчиња што лесно ќе се облекуваат, ќе бидат удобни, ќе овозможат пациентот достоинствено да го помине третманот, а потоа едноставно да ги закачи до следниот термин.“
Со таа идеја, Џоан решила да ги предизвика студентите по мода од Колеџот во Јорк да создадат сопствени решенија.
Задачата била да дизајнираат кошула-фустан со скриени патенти, кој истовремено ќе биде практичен, но и весел, колоритен и модерен.

*Метју Родс и Џоан Николсон се надеваат дека ќе им обезбедат практикантска работа на студентите по мода
За студентката по мода Џени Акројд, проектот имал особено лично значење. Имено, и самата таа во тој период се лекувала од рак на бубрег.
Претставувајќи фустан со црно-бели линии и впечатлива црвена машна, Џени признава дека задачата била емотивно многу тешка.
„Додека го изработував фустанот, и самата примав терапија. Кај мене проблемот беше големото губење на тежина“, вели таа.
„Кога ќе се отстрани ременот, фустанот добива многу поопуштена форма, а токму ременот беше додаден за да се приспособи на промените во телото.“
Ова е првото парче облека што таа некогаш го изработила целосно сама.
„Во фустанот има четири скриени патенти и дополнителни копчиња за полесно облекување“, објаснува младата дизајнерка.

Со солзи во очите, таа додава дека работата со Џоан и Метју била огромна чест.
„Од моментот кога ги запознав почувствував силна поврзаност. Нивната приказна ме инспирираше и ми помогна и мене да истраам низ сопственото лекување.“
Студентката Сара Самерс, пак, создаде шарен кошула-фустан со живописни мотиви и седум невидливи патенти распоредени околу половината, градите и ракавите.

*Сара Самерс со ентузијазам ја прифати задачата насочена кон создавање решение што ќе им помогне на пациентите
„Бев воодушевена што добивме задача која има вистинска практична вредност и може директно да им помогне на луѓето“, вели таа.
„Една од најважните работи што ги научив од Џоан и Метју е дека сакаа облеката да биде забавна и оптимистична.“
Според Сара, адаптивна облека веќе постои на пазарот, но ретко е дизајнирана на начин што навистина им носи радост на луѓето.
„Кога поминувате низ тежок ден, убавото парче облека може да ве расположи и да ви даде дополнителна сила.“
Нејзиниот модел е наменет не само за онколошки пациенти, туку и за лица кои се опоравуваат од операции или живеат со колостомски кеси.
На изложбата ниту еден фустан не личел на друг. Студентите користеле везови, линии, впечатливи копчиња и иновативни детали за да создадат уникатни модни решенија.
Гледајќи ги нивните креации, Џоан низ смеа вели:
„Јас останав без работа. Овие млади луѓе очигледно ќе го преземат EmAble.“

*Дизајните вклучуваат везови, линии и впечатливи големи копчиња
Потоа додава:
„Она што го создадоа е неверојатно. Навистина сум без зборови.“
Компанијата планира да организира модна ревија на која ќе бидат претставени дизајните, а за студентите да обезбеди и практикантски програми.
За Метју Родс, проектот има многу подлабоко значење.
„Ова ни даде можност не само да го зачуваме споменот на Емили, туку и да им помогнеме на луѓе кои се наоѓаат во слична животна ситуација. Да им помогнеме да го задржат достоинството и чувството на контрола тогаш кога им се чини дека изгубиле сè друго.“
Тој признава дека по смртта на сестра му долго време не знаеле како да продолжат понатаму.
„Поминаа седум години откако ја изгубивме. Имаше период кога едноставно не знаевме што е следно во животот. Не можевме целосно да закрепнеме од загубата.“
Потоа додава:
„Оваа иницијатива повторно ми даде цел. По нејзината смрт, конечно пронајдовме начин нејзиниот дух да продолжи да живее преку нешто што навистина им помага на другите.“
Извор: BBC