Донатела ВЕРСАЧЕ се врати! Отвара свој бренд

Проектот има значителен опсег и амбиција и нема да биде ограничен само на модата и пистата

Еве вест што ќе го натера tutto il mondo, целиот свет да зборува за време на Миланската модна недела: Донатела Версаче повторно се враќа на креативната позиција.

Заедно со Revolve Group Inc. од Лос Анџелес, Версаче најавува ново заедничко партнерство што ќе ги опфати областа на убавината и модата, „независен проект што ја одразува личната креативна визија на Донатела“, како што се наведува во соопштението, „осмислен околу начинот на кој новата генерација ја открива модата, ја доживува културата, купува, споделува и се поврзува“.


Во март 2025 година, во рамки на промените во позиционирањето на брендот што ги спроведе тогашниот сопственик Capri Holdings, Донатела Версаче се повлече од функцијата главен креативен директор на Versace, позиција што ја извршуваше речиси 30 години, откако во 1997 година почина нејзиниот брат Џани Версаче.

Потоа беше именувана за главен амбасадор на брендот. Во меѓувреме, Versace во декември минатата година беше преземен од Prada Group, додека дизајнерот кој ја наследи Донатела, Дарио Витале, беше заменет по само една колекција со Питер Мулие.

На 71-годишна возраст, влијанието на Донатела Версаче очигледно ги надминува генерациските граници. Со 12,2 милиони следбеници, таа е една од најпопуларните дизајнерки на Instagram, а нејзината харизма има силен одек и надвор од социјалните мрежи.

Нејзиното појавување во филмот The Devil Wears Prada 2 беше своевидно потсетување на оригиналот од 2001 година, кога Миранда Пристли ѝ вели на заглавената Енди Сакс: „Јави ѝ се на Донатела. Нека го испрати својот авион.“

Во реалноста, пак, голем број светски ѕвезди годинава носеа архивски креации на Донатела на црвениот тепих. Меѓу нив е Зендаја, која за промотивната турнеја на Spider-Man: Brand New Day се појави во спектакуларен Atelier Versace фустан од 2016 година; Мајли Сајрус, која за церемонијата на откривање на својата ѕвезда на Hollywood Walk of Fame носеше Atelier Versace од 2015 година; како и Џенифер Лопез, која на премиерата на Office Romance се појави во Atelier Versace од 2004 година.


А кој стоеше зад легендарниот длабоко деколтиран фустан на Versace од 1999 година што Лопез го носеше на Греми наградите, креацијата која се смета за еден од поводите што го поттикнаа создавањето на Google Image Search?

Донатела, секако.


Ново партнерство со Revolve

Новото партнерство со калифорнискиот моден и lifestyle retailer Revolve ќе се потпре токму на нејзината огромна популарност.

„Revolve разбира нешто во кое длабоко верувам, културата произлегува од поврзаноста“, вели Версаче. „Заедно сакаме да ја создадеме таа поврзаност со нов глас, нов изглед и нова енергија.“

Revolve Group ја основале Мајкл Менте и Мајк Караноколас во 2003 година, а компанијата со текот на годините го проширила своето онлајн портфолио на околу 1.600 брендови преку две платформи – Revolve, фокусирана на етаблирани брендови, и Fwrd, која претставува нови и перспективни имиња.

Компанијата во 2025 година пријавила вкупни приходи од 1,23 милијарди долари, а неодамна привлече внимание со најавата на заедничко партнерство со поп-ѕвездата Карди Би, со што влезе во категоријата убавина, како и со партнерството со инфлуенсерката Софија Ричи Грејнџ.

„Донатела е една од дефинирачките креативни гласови на нашето време. Ова партнерство ѝ дава на нејзината визија целосно нова платформа и слобода да изгради нешто од темел“, вели Мајкл Менте, коосновач и ко-извршен директор на Revolve Group.

Раиса Герона, претседателка за бренд и партнерства во компанијата, додава дека Донатела „има извонреден инстинкт за тоа што сака следната генерација и неспоредлива способност да ги поврзува модата и културата“.

„Токму тоа го прави ова партнерство толку возбудливо“, вели таа.

Мајк Караноколас, коосновач и ко-извршен директор, додава дека со спојувањето на „креативниот авторитет на Донатела“ со технологијата, инфраструктурата и глобалниот досег на Revolve, се отвора можност да се создаде нешто „навистина препознатливо“ и да се гради долгорочно.


Првите производи пристигнуваат во 2027 година

Новиот бренд ќе биде присутен на пазарите во САД, Латинска Америка, Азија и Пацификот и Блискиот Исток.

Првите производи се очекуваат во 2027 година, кога ќе биде откриено и името на новиот бренд.

Проектот има значителен опсег и амбиција и нема да биде ограничен само на модата и пистата. Во план се и содржини и активности поврзани со забавната индустрија.

„Верувам дека креативноста треба да биде бестрашна, инклузивна и жива во светот“, вели Донатела.

„Отсекогаш сум била инспирирана од следната генерација, во музиката, филмот, уметноста и, секако, модата. Ова партнерство ми дава слобода да ѝ се обратам на таа генерација на целосно нов и личен начин, преку убавината и модата.“