Дуа Липа го урна свадбениот шаблон: Наместо принцеза, избра стилска револуција за својата венчавка

Изненадување за светската јавност, поп-ѕвездата Дуа Липа и британскиот актер Калум Тарнер официјално го кажаа судбоносното „да“ на интимна церемонија во Лондон, далеку од холивудскиот спектакл што многумина го очекуваа.

Двојката се венчала во историската општинска зграда Old Marylebone Town Hall, едно од најпознатите места за венчавки во британската престолнина. Низ годините токму таму стапиле во брак некои од најголемите имиња на британската музичка сцена, меѓу кои и Пол Макартни, Ринго Стар и Лијам Галагер.

Фотографиите објавени во британските медиуми ја прикажуваат двојката како рака под рака ја напушта церемонијата додека нивните најблиски ги поздравуваат со конфети и цветни ливчиња. Иако настанот бил намерно дискретен и без медиумска помпа, модниот избор на Дуа Липа веднаш стана една од најкоментираните теми во светските модни кругови.

Наместо традиционален венчален фустан, пејачката избрала креација по нарачка од модната куќа Schiaparelli, создадена од креативниот директор Даниел Розбери. Изгледот се состоел од прецизно кроено бело сако-фустан во боја на слонова коска со златни копчиња и асиметрично здолниште, надополнет со широк шешир, бели ракавици и салонки од Christian Louboutin.

Но токму инспирацијата зад оваа креација е она што го направи модниот момент уште поинтересен.

Според повеќе модни медиуми, меѓу кои Vogue, Harper’s Bazaar и WWD, свадбениот изглед на Дуа Липа е директна омаж на една од најлегендарните невести во историјата на модата, Бијанка Џегер.

Кога Бијанка Џегер се омажи за фронтменот на The Rolling Stones, Мик Џегер, во 1971 година, таа ја шокираше модната јавност со венчален изглед што целосно ги урна тогашните правила. Наместо класичен фустан, таа носеше бело сако на Yves Saint Laurent со длабоко деколте, долго здолниште и впечатлив шешир со широк обод.

Дуа Липа го урна свадбениот шаблон: Наместо принцеза, избра стилска револуција за својата венчавка

Тој изглед подоцна ќе стане еден од највлијателните свадбени стајлинзи во историјата на модата и симбол на женската самоувереност, независност и неконвенционална елеганција.

Повеќе од пет децении подоцна, Дуа Липа ја оживува истата естетика, но во современа интерпретација. Модните критичари веќе забележуваат дека нејзиниот избор претставува интересен пресврт во ерата кога голем дел од славните личности се одлучуваат за раскошни принцезни силуети или спектакуларни couture креации.

Наместо тоа, Дуа избра минимализам, архитектонско кроење и суптилен ретро гламур.

Според модните аналитичари, овој избор не е случаен. Последните неколку години се забележува враќање на таканаречената „power bridal“ естетика или свадбен стил инспириран од силните женски модни икони од 70-тите и 80-тите години. Жените сè почесто избираат кроеви што комуницираат самодоверба и индивидуалност наместо традиционалната романтична раскош.

Токму затоа многумина го споредуваат овој момент со свадбите на Одри Хепберн, Бијанка Џегер и Каролин Бесет-Кенеди, жени чии свадбени изгледи останаа запаметени поради стилот, а не поради волуменот на фустанот.

Но лондонската церемонија е само почеток.

Според британските и американските медиуми, двојката подготвува уште една многу поголема свадбена прослава во Палермо, на Сицилија. Настанот наводно ќе трае три дена и ќе собере голем број познати гости од светот на музиката и модата.

Меѓу имињата што се споменуваат како потенцијални гости се Елтон Џон, Чарли XCX, Марк Ронсон, Донатела Версаче и дизајнерот Симон Порт Жакмус, долгогодишен пријател на Дуа Липа.

Токму Жакмус, според шпекулациите на модните медиуми, би можел да биде автор на нејзиниот втор свадбен изглед.

Дуа Липа и Калум Тарнер ја објавија свршувачката минатата година, а во интервју за британски Vogue пејачката призна дека идејата за заедничко стареење и пријателство за цел живот е она што најмногу ја возбудува во врската.

Поинаков пристап

Денес, кога славните личности честопати ги претвораат свадбите во медиумски спектакли со милионски буџети, Дуа Липа избра поинаков пристап. Таа покажа дека вистинскиот луксуз не мора секогаш да биде пренагласен.

А токму затоа нејзината свадба веќе се смета за еден од најзначајните модни моменти на годината, не поради раскошот, туку поради внимателно осмислената приказна што стои зад секој детаљ.

Н.Т