Ѕвездата е родена: Жили Кегелс е новото лице на светската мода – LVMH ѝ додели 400.000 евра

За разлика од многу модни награди кои претежно носат престиж, LVMH Prize носи нешто многу поконкретно: финансиска поддршка и директен пристап до знаењето и инфраструктурата на LVMH

Само две години откако го основа сопствениот бренд, белгиската дизајнерка Жили Кегелс го освои едно од најпрестижните признанија во светот на младата мода- LVMH Prize за 2026 година. Во финалето во Париз таа ги победи осумте преостанати финалисти, а наградата ѝ ја врачи холивудската актерка Џенифер Лоренс.

Париз повторно беше центарот на светската модна сцена, но овојпат не поради нова колекција на некоја од големите луксузни куќи, туку поради имињата кои допрва треба да ја обликуваат иднината на модата.

На 4 септември, во импресивната Fondation Louis Vuitton, беше одржано финалето на 13-тото издание на LVMH Prize for Young Fashion Designers, а жирито ја избра белгиската дизајнерка Julie Kegels за голема победничка.


Кегелс, која својот бренд со седиште во Антверпен го основа во 2024 година, добива 400.000 евра, но уште поважно, едногодишна индивидуална менторска програма со експерти од LVMH. Тоа значи пристап до знаењето, искуството и ресурсите на една од најмоќните луксузни групации во светот. 

И токму затоа LVMH Prize не е само награда. За млад дизајнер, таа може да биде пресвртница.

Кој е новиот талент на кој му се поклони модниот свет?

Жили Кегелс дипломирала на Royal Academy of Fine Arts во Антверпен, а својот бренд го лансирала во 2024 година.

Нејзината мода не се обидува лесно да се вклопи во една категорија. Таа е истовремено женствена и чудна, практична и театрална, елегантна и намерно несовршена.


Во центарот на нејзината работа е идејата дека жената никогаш не е само една личност.

„Една жена може да има многу идентитети, понекогаш и во текот на истиот ден“, е основата од која Kegels ја гради својата естетика. Нејзините колекции затоа создаваат облека која може да изгледа како да припаѓа на различни жени, различни расположенија и различни моменти.


Нејзиниот дизајнерски јазик се потпира на скулптурални силуети, рачна изработка, необични пропорции и материјали кои често добиваат нова функција.

Но, можеби најважно е тоа што таа не сака облеката да изгледа „совршено“.

Таа во својата работа остава простор за хумор, емоција, нелогичност и изненадување.


„Има толку многу преоптовареност со совршенство“, изјавила Kegels по освојувањето на наградата, објаснувајќи дека за неа е многу поважно облеката да предизвика чувство, без разлика дали тоа чувство е радост, смеа, непријатност или тага.

„Quick Change“- колекцијата која ја стави на светската модна мапа

Една од клучните точки во нејзиниот развој беше колекцијата Quick Change, со која таа ја истражува трансформацијата на женската гардероба.


Идејата произлегува од едноставно, но исклучително современо набљудување: жената во текот на еден ден постојано ги менува своите улоги.

Од работа до вечера, од формална средба до приватен момент, од самоувереност до ранливост.

Жили Кегелс ја претвора таа промена во самиот механизам на облеката.

Силуетите се менуваат, парчињата се трансформираат, слоевите се откриваат, а еден изглед може да добие сосема различен карактер.

Нејзиниот пристап покажува дека одржливоста не мора секогаш да биде само прашање на материјал. Ако едно парче облека може да има повеќе функции и повеќе животи, тогаш и неговиот животен циклус станува подолг.

Официјалната презентација на Кегелс ја опишува нејзината работа како спој на занает, интуиција, фантазија и секојдневие.


Актуелната колекција оди уште подалеку

Во нејзината есен/зима 2026 колекција, Kegels дополнително си игра со начинот на кој телото и облеката се перципираат.

Рамената, ракавите и јаките се намерно поместени, создавајќи чувство дека облеката не стои целосно „на своето место“.

Некои парчиња имаат големи, меки структури на грбот кои функционираат како своевидна сенка или заштитен слој околу телото.

Особено интересен е начинот на кој дизајнерката работи со илузијата.

Еден сив волнен капут е конструиран да потсетува на силуетите на куфери и кутии, додека подоцнежниот свилен фустан го пресликува изгледот на капутот како сенка.

Облеката така станува игра со перцепцијата: што гледаме, што мислиме дека гледаме и како другите нè гледаат.

Токму оваа колекција покажува зошто Кегелс се издвојува од класичната дефиниција на „млад дизајнер“. Таа не бара само нова форма, туку поставува прашања за идентитетот, перцепцијата и начинот на кој жената го користи својот изглед за да се претстави пред светот. 

Големото жири: најмоќните имиња во модата


За Кегелс да стане победничка, требаше да го убеди едно од најимпресивните жирија што LVMH Prize досега го составил.

Во него беа Џонатан Андерсон, Сара Бартон, Марија Грација Кјури, Никола Жескиер, Марк Џејкобс, Џек МекКалоу, Лазаро Хернандез, Стела Макартни, Камил Микели, Ниго, Фиби Фило, Мајкл Рајдер и Фарел Вилијамс, заедно со раководството на LVMH и претседателката на наградата Делфин Арно

Токму Делфин Арно, која е и претседателка на LVMH Prize и главна извршна директорка на Christian Dior Couture, беше меѓу оние кои ја донесоа конечната одлука.

Не една, туку три големи победнички приказни

Но, LVMH Prize 2026 не заврши само со победата на Кегелс.

Жирито додели уште две значајни признанија.

Karl Lagerfeld Prize- Zane Li

Zane Li, кинескиот дизајнер зад њујоршкиот бренд Lii, го освои Karl Lagerfeld Prize.

Наградата му носи 200.000 евра и едногодишна менторска програма со LVMH.

Li, кој пораснал во Чонгкинг, а дипломирал на Fashion Institute of Technology во Њујорк, гради сопствен јазик околу спојот на спортската функционалност и скулптуралната форма.

Неговата цел е познати елементи од гардеробата да ги направи повторно интересни преку нови пропорции, бои и материјали.

Неговата работа се движи токму на границата меѓу високата мода и секојдневната употребливост. 

Savoir-Faire Prize- Anil Padia

Третото големо признание му припадна на Anil Padia, основач на Yoshita 1967, кој го освои Savoir-Faire Prize.

Оваа награда е особено значајна затоа што се фокусира на занаетчиството, техничката иновација, одржливоста и пренесувањето на традиционалните вештини.

Padia е првиот кениски дизајнер кој стигна до финалето на LVMH Prize, а неговата победа претставува уште еден важен сигнал дека највисоките нивоа на светската мода постепено се отвораат кон нови географии и традиции. 

И тој добива 200.000 евра и едногодишна менторска програма.

Првпат Кенија во финалето

Овогодишното издание беше особено значајно и поради географската разновидност.

Од повеќе од 2.400 пријавени кандидати, во полуфиналето беа избрани 20 дизајнери, а потоа деветмина стигнаа до големото финале.

Финалистите доаѓаа од САД, Франција, Грузија, Белгија, Кина, Шведска, Обединетото Кралство, Шпанија и Кенија – при што Кенија првпат во историјата на наградата имаше финалист, Anil Padia. 

Зошто LVMH Prize е толку важен?

Наградата е создадена во 2013 година со цел да ги поддржи младите дизајнери од целиот свет.

За разлика од многу модни награди кои претежно носат престиж, LVMH Prize носи нешто многу поконкретно: финансиска поддршка и директен пристап до знаењето и инфраструктурата на LVMH.

Главната награда изнесува 400.000 евра, а победникот добива и една година персонализирано менторство.

Karl Lagerfeld Prize и Savoir-Faire Prize носат по 200.000 евра и едногодишно менторство.