
На овогодинешниот Кански филмски фестивал, каде модата повторно стана подеднакво важна како и самите филмови, холивудската икона Шерон Стоун уште еднаш докажа дека безвременскиот гламур нема рок на траење, како ни таа. Нејзиното појавување на црвениот килим предизвика силен интерес кај модните критичари и светските медиуми, но овојпат вниманието не беше насочено само кон актерката, туку и кон дизајнерското име што стоеше зад впечатливата креација.
Шерон Стоун за својот изглед избра фустан од брендот Miss Sohee, модна куќа зад која стои корејската дизајнерка Park Sohee, едно од најбрзо растечките имиња на современата couture сцена. Самата актерка на социјалните мрежи откри дека носи Miss Sohee, додавајќи: „Овде си го поминувам најубавото време во животот… Би сакала и вие да сте тука,“ со што дополнително ја нагласи магичната атмосфера на Кан.
Стоун присуствуваше на премиерата на филмот Fjord во Palais des Festivals во Кан, а фотографиите од црвениот килим веднаш се проширија низ светските модни портали. Во центарот на вниманието се најде фустанот, драматична couture креација која совршено ја спои холивудската сензуалност со модерната источна естетика.
Дизајнот се состоеше од блескав сребрен кристален bustier со off-shoulder линија што ја нагласуваше силуетата на актерката, додека долниот дел беше украсен со рачно извезени виолетови јорговани.
Една и единствена: Шерон Стоун го замрзна Кан со креација што го сопре здивот на светот
Токму флоралниот вез создаде впечаток на романтична ориентална поезија, но интерпретирана низ авангардна, современа мода. Модните аналитичари веќе ја опишуваат креацијата како пример за новата генерација висока мода, каде традиционалните културни мотиви се трансформираат во глобален луксузен моден јазик.

Miss Sohee последните сезони привлекува огромно внимание на интернационалната сцена токму поради ваквиот пристап. Дизајнерката Park Sohee, која студираше во Central Saint Martins во Лондон, стана препознатлива по скулптуралните силуети, драматичните корсети, рачните везови и реинтерпретацијата на традиционалната корејска естетика во форма на современа couture мода. Нејзините креации веќе ги носеле имиња како Карди Б, Аријана Гранде и малји Сајрус, но појавувањето на Шерон Стоун во Кан дополнително го зацврсти статусот на брендот како едно од најважните нови имиња во високата мода.
Целиот изглед на актерката беше дополнет со тиркизни дијамантски обетки и впечатлив ѓердан што дополнително ја нагласија мистичноста на нејзиниот изглед. Но она што најсилно доминираше беше нејзиното присуство, самоувереноста, ставот и препознатливата аура што со децении ја прават една од најмоќните фигури на црвениот килим.
Многумина коментираа дека Стоун изгледала како жива референца на златната ера на Холивуд, но преведена на јазикот на современата мода. Нејзиниот настап уште еднаш покажа дека Кан одамна не е само филмски фестивал, туку глобална сцена каде модата, уметноста и културниот идентитет се спојуваат во еден спектакл.
Н.Т