Една од највлијателните (и „најнеубавите“) жени во светот на модата имаше бајковита љубов што ѝ го облагороди животот

Дајана Вриленд почнала да се занимава со мода кога тогашната уредничка на американското списание Harper’s Bazaar ја забележала на подиум за танцување и ѝ се допаднал нејзиниот стил.

Набргу почнала да пишува колумна за тој престижен магазин, а веќе во 1936 година станала уредничка на истото списание. На таа позиција останала до 1962 година, кога преминала на местото главна уредничка на уште пославниот Vogue. Токму таа открила многу идни големи ѕвезди. Од Лорен Бекол, која ја забележала кога имала само 16 години, до Ролин Стоунс, кои ги ставила на страниците на Vogue во шеесеттите години. Останатото е историја.

Нејзината омилена боја била црвената, а еднаш го ангажирала славниот дизајнер на ентериер Били Бајдвин и побарала целиот нејзин дом да биде уреден само во таа боја.
„Како градина“, рекла. „Но градина од пеколот.“

Никогаш не важела за класична убавица, но сите ја опишувале како жена која имала „нешто посебно“.

Таа вешто ги одвојувала приватниот и професионалниот живот, иако нејзиниот сопруг секогаш бил покрај неа. Таква жена сигурно не било лесно да се следи. Нив двајца американската историја засекогаш ќе ги памети како пар кој меѓусебно се почитувал, чии мислења и забелешки биле важни и чиј стил и денес предизвикува восхит.

Сепак, кога ќе помислиме на модни икони низ историјата, нејзиното име не е секогаш првото што ни паѓа на ум. Пред неа обично се споменуваат Џеки Кенеди, Одри Хепберн и Брижит Бардо. Но ако се навлезе подлабоко во светот на модата, нејзиното име неизбежно испливува и ве воведува во еден сосема поинаков свет на стилот.

Пред Ана Винтур, токму Дајана Вриленд била жената што ја диктирала модата, ѝ советувала на Џеки Кенеди каква шапка да носи на државни настани, а на Барбара Стрејсед ѝ рекла никогаш да не го оперира носот. Таа била многу повеќе од модна икона.

Нејзиниот сопруг речиси и да не се споменува во книгите, филмовите и документарците за неа. Thomas Reed Vreeland бил господинот кој ја инспирирал и сакал во текот на нивниот 43-годишен брак.

Дајана е родена во Прариз во 1903 година и живеела привилегиран живот. Во 1914 година, со семејството се преселила во Њујорк, токму на почетокот на Првата светска војна, и таму започнала нејзината вистинска животна приказна.

Во 1922 година дури двапати се појавила во Vogue, на листата на најдобро облечени влијателни жени, а веќе следната година била претставена пред њујоршкото високо општество на прочуениот дебитантски бал. Токму тогаш, за време на патување во Саратога, го запознала Рид, млад човек кој штотуку дипломирал на престижниот Јеил универзитет.

„Тоа беше љубов на прв поглед. Ништо не можеше да ми ја расипе среќата. Покрај Рид се чувствував прекрасно.“

Биле неизмерно среќни, тоа било најубавото лето во животот на Дајана. Без многу одложување, свадбата била закажана за март.

Односот на Дајана со нејзината мајка никогаш не бил добар. Во своите мемоари, таа опишала еден момент што засекогаш ѝ останал врежан:
„Штета што имаш толку убава сестра, а ти си толку страшно грда и љубоморна на неа.“

Дајана подоцна кратко напишала:
„Родителите, знаете, умеат да бидат ужасни.“

Во периодот околу нивната свадба, семејството на Дајана било погодено од голем скандал. Нејзината мајка решила да се разведе од татко ѝ, што во тоа време, особено во богатите кругови, било речиси непростливо. Поради тоа, мал број луѓе дошле во црквата на Менхетен каде Дајана и Рид ги размениле брачните завети. Од тогаш, за жал, Дајана и мајка ѝ повеќе никогаш не проговориле.

Сепак, Дајана и Рид биле решени скандалот да не им ја уништи среќата, па се преселиле во куќа во близина на Њујорк, каде создале семејство во едноставно и шармантно опкружување, далеку од метежот на градот. Во бракот добиле два сина.

Неколку години подоцна, Рид добил деловна понуда во Лондон, па се преселиле во Велика Британија, каде Дајана отворила бутик за луксузна долна облека. Продавницата преку ноќ станала хит, а дури и Волис Симпсон купувала свилени комплети и долна облека од неа. Дајана подоцна се шегувала дека нејзината долна облека за малку ќе ја урнела монархијата.

Времето што го поминале во Лондон било неверојатно, дружења големи аристократки, живот исполнет со гламур и уметност.

Во 1933 година, Дајана и Рид сепак решиле да се вратат во Америка. Парите почнале да исчезнуваат, а животот што го воделе во Лондон веќе не можел финансиски да се одржува. Наместо да очајува, Дајана решила да работи уште повеќе.

Со своите врски, знаење и беспрекорен стил, било логично дека многу брзо се снашла во модниот свет. Останатото е историја.

Дајана и Рид продолжиле да живеат гламурозен живот во Њујорк, а во 1955 година се вселиле во луксузен стан на Парк Авенија.

Сè што правеле, што јаделе, пиеле, носеле, било со стил. Во 1960 година списанието Esquire го прогласило Рид за еден од најдобро облечените мажи во Америка.

„Од моментот кога се омажив на 18 години, па сè до 1937 година кога почнав да работам, дванаесет години читав. Рид и јас си читавме наглас еден на друг, и тоа беше фантастично.“

Во 1966 година, Рид добил рак на дебелото црево. Некогаш силниот и елегантен господин за само неколку месеци го изгубил својот дух и изглед. Дајана, иако презафатена со работата во списанието, го минувала целото време покрај него.

Потребен е посебен вид маж за несебично да ѝ дава поддршка и љубов на една жена целиот свој живот. Тој бил нејзиниот ветер во грб и доказ дека тоа што некој не се вклопува во класичните стандарди на убавина, не значи дека не може да биде среќен. А Дајана била среќна.