ЕЛЕНА ЛУКА ЈА ОСВОИ „БИЗНИС АРЕНА“: 37 ГОДИНИ ЛИДЕРСТВО, МИЛИОНСКИ ИНВЕСТИЦИИ И МАКЕДОНСКА ВИЗИЈА СО СВЕТСКИ ДОСТРЕЛ

Една од најистакнатите македонски претприемачки и на интернационално ниво, сопственичката и генерален директор на ELENA LUKA GROUP, г-ѓа Елена Лука, беше ексклузивна гостинка на првото издание на „Бизнис Арена“ во Скопје - конференција посветена на македонските брендови и нивната пазарна експанзија.

Нејзиното присуство донесе силна деловна приказна на големата сцена: 37 години континуирано работење, деловна империја изградена со 100 проценти сопствен капитал, капитални инвестиции и меѓународни признанија во две различни индустрии, градежништвото и модата.


Во време кога македонските компании сè поинтензивно бараат пат кон регионалните и светските пазари, првата конференција „Бизнис Арена“, одржана во Скопје со поддршка и коорганизација на Шведско-македонската стопанска комора, отвори значајни прашања за иднината на домашното претприемништво, развојот на брендовите и нивната меѓународна конкурентност.


Токму во тој контекст, една од највпечатливите деловни приказни беше претставена преку Елена Лука - жена која со скоро четири децении не само што создава и развива компании, туку гради препознатлив деловен идентитет што ги поврзува архитектурата, недвижностите, модата и медиумите.


Нејзиното излегување на големата сцена беше проследено со громогласен аплауз, а најавата ја истакна како една од најпрепознатливите македонски и меѓународни претприемачки и лидерки, чиј професионален пат претставува редок пример на деловна самостојност, истрајност и визија.

Особена тежина на нејзиното гостување му даде и најновото меѓународно признание - престижната титула „Лидер на Балканот во градежништвото и луксузната архитектура“, доделена во Софија, Бугарија, во рамките на Luxury Property Awards.

Признанието, освоено во силна регионална конкуренција во градежниот и архитектонскиот сектор, претставува уште една потврда за позицијата што Елена Лука ја гради во индустрија во која традиционално доминираат големи компании и моќни инвестициски структури.


Но она што го прави нејзиниот професионален профил исклучителен е фактот што нејзините достигнувања не се ограничени на една област. Покрај градежништвото, Елена Лука има добиено и престижни регионални признанија во модната индустрија, создавајќи ретка комбинација на лидерство во два деловни света со различни правила, предизвици и пазарни динамики.

37 години деловна независност: Империја изградена со сопствен капитал

На големата сцена на „Бизнис Арена“, разговорот со Елена Лука го водеше новинарот Александар Видиновски, отворајќи прашања што навлегуваат во суштината на нејзината претприемачка филозофија, деловната независност и одлуките што стојат зад долгогодишниот успех.

Еден од најзначајните аспекти на нејзината приказна е фактот што ELENA LUKA GROUP е изградена со 100 проценти сопствен капитал, без сопственички партнери и надворешни инвеститори.

Во деловен свет во кој големите инвестиции најчесто подразбираат партнерства, финансиски фондови и сложени сопственички структури, нејзиниот модел на развој претставува пример за исклучителна самостојност и преземање целосна претприемачка одговорност.


Токму затоа едно од прашањата на Видиновски беше насочено кон 37-годишно работење, како и кон најголемата награда што ѝ ја донел тој пат.

„Личното вложување е основно, јас сум самостоен сопственик на брендот, стопроцентен личен капитал вложувам, огромна е одговорноста и сметам дека тоа е многу позитивно доколку можете да го издржите притисокот, доколку самостојно може да влегувате во ризици, затоа што одговорноста е комплетно ваша, меѓутоа тоа подразбира 24/7 огромна активност, работење. Јас сум 37 години во бизнисот и тоа е максимална посветеност, откажување од многу лични работи, природно тоа се реперкусии и по моето семејство, меѓутоа има некакви други резултати, некакви други вредности коишто на крај беа верификација на сè она што го работевме овие 37 години и кога ќе ги видам клиентите задоволни во делот на градежништвото, кога ќе го добијат својот стан за живеење, кога ќе видам насмевки во делот на модата, кога ќе видам едноставно задоволен клиент, сметам дека целта таа сме ја постигнале. Нормално дека трудот е огромен, меѓутоа јас доста вложувам и во квалитетен тим, а тоа се луѓето кои се со мене секогаш, сите признанија кои Елена Лука ги добила ги делам заедно со мојот тим и сум им должна таква благодарност и нормално и на моето семејство“- рече Елена Лука.


Од архитектурата до високата мода: Два света, една визија

Она што ја издвојува Елена Лука на македонската и регионалната деловна сцена е способноста да развива два исклучително различни бизниса, задржувајќи препознатлив авторски и деловен потпис.

Од една страна се градежништвото, големите инвестиции, урбанистичкото планирање и архитектонските проекти. Од друга страна е модата - свет на креативност, естетика, прецизна изработка и постојано менување на трендовите.

Но, во деловната филозофија на Елена Лука, овие два света не се спротивставени. Напротив, тие се поврзани преку истите вредности: квалитет, оригиналност, функционалност, естетика и стремеж кон совршенство во секој детал.


Токму оваа необична, но успешна деловна симбиоза беше една од темите на разговорот на „Бизнис Арена“, каде што беше отворено прашањето што ги поврзува модата и градежништвото во нејзината професионална визија.

„И двете имаат една иста работа. Во двете ситуации ние твориме за човекот, делуваме, создаваме, креираме за нашите клиенти. И во модата, кога создавате креација, имате конструкција на моделот, избор на материјал, светлина во самата текстура, грамажа, ткаенини, квалитетен материјал вграден во сè она што го работите, функција на моделот да може да изгледате убаво и функционално, а од друга страна и во градежништвото е истото: конструирате, проектирате објекти, вложувате во квалитетни материјали во објектот, се грижите за функција на становите, така што освен креацијата, естетиката, убавината на сè она што се твори, многу точки се допираат, само производот е различен“- додаде Лука.


Милионски инвестиции што ја потврдуваат моќта на ELENA LUKA HOME

Зад деловните признанија стојат конкретни инвестиции, реализирани проекти и нови развојни планови.

Преку ELENA LUKA HOME, Елена Лука стои зад значајни станбени и деловни инвестиции, меѓу кои посебно место зазема комплексот FUTURA, со вкупна инвестициска вредност од околу 36 милиони евра.

Проектот претставува еден од најзначајните сегменти во развојното портфолио на компанијата, а неговата архитектонска концепција ги обединува современото домување, функционалните решенија и внимателно осмисленото уредување на просторот.

Покрај FUTURA, компанијата го продолжува својот инвестициски развој со новите проекти DIVINE и БЕЛИОТ ЦВЕТ во Струмица, проширувајќи ја својата архитектонска и градежна визија.


Токму ваквите проекти ја објаснуваат тежината на меѓународното признание добиено во Софија. Станува збор за претприемачка чие лидерство не се темели единствено на деловна репутација, туку и на капитални инвестиции, долгогодишно искуство и континуитет во реализацијата на нови проекти.

Импозантен изложбен простор: Архитектонската моќ и модниот гламур на едно место

Покрај ексклузивното гостување на Елена Лука на големата сцена, ELENA LUKA GROUP остави впечатлив белег и во изложбениот дел на „Бизнис Арена“.


На импозантниот штанд на групацијата беа претставени два света што го дефинираат нејзиниот деловен идентитет - современата архитектура и високата мода.

Преку презентацијата на ELENA LUKA HOME, посетителите имаа можност да се запознаат со архитектонските решенија за FUTURA 3 и FUTURA 4, како и со новите проекти DIVINE и БЕЛИОТ ЦВЕТ во Струмица.

Оваа презентација ја истакна развојната динамика на компанијата, нејзините нови инвестициски амбиции и посветеноста кон создавање современи архитектонски решенија со препознатлива естетика.

Но, изложбениот простор имаше и уште една, сосема поинаква димензија.


Посебно внимание привлекуваа гламурозните тоалети од високата мода на ELENA LUKA, креации наменети за пазарот во Дубаи, каде што македонскиот моден бренд е присутен веќе две години.

Раскошните креации ја претставија другата страна на деловната визија на Елена Лука - авторската мода со меѓународни амбиции, во која луксузот, прецизната изработка и препознатливата дизајнерска естетика имаат централно место.

Присуството на брендот во најпрестижни хотели и ексклузивни продажни локации во Дубаи претставува значаен пример за интернационализација на македонски производ и потврда дека домашната креативна индустрија има потенцијал да се позиционира и на најпребирливите светски пазари.

Така, на едно место, ELENA LUKA GROUP ја претстави својата деловна моќ преку архитектурата и својата креативна моќ преку високата мода.


Жена лидер во индустрија во која доминираат мажи

Еден од најсилните аспекти на професионалната приказна на Елена Лука е нејзиното лидерство во градежништвото - сектор во кој жените на највисоките сопственички и управувачки позиции сè уште се помалку застапени.

Инаку, интересно е тоа што на конференцијата беше отворено и прашањето дали како жена во светот на големите инвестиции морала двојно повеќе да ги докажува своите способности, како и што е потребно една компанија да остане релевантна и успешна цели 37 години.

„Одлично прашање. За бизнис како што го работи ELENA LUKA HOME, би кажала дека стојат огромни инвестиции. Можеби во почетокот треба да се докажува сè она што го имате како визија, меѓутоа на полето на бизнисот со мажите, јас најмногу преферирам да разговараме за проектите, не да разговараме за дали сме мажи или жени, туку за типот на проект, за финансирањето, за бројките, за резултатите, за успесите, за квалитетни проекти. И мислам дека мажите се многу фер и коректни и кога ќе видат дека како жена се вложувате, можеби и повеќе во бизнисот од мажите, добивате максимална почит“- потенцира Елена Лука.


ELENA LUKA – Македонско име со меѓународна препознатливост

Присуството на Елена Лука на првата „Бизнис Арена“ беше повеќе од претставување на успешна компанија. Тоа беше можност пред деловната јавност да се отвори приказната за еден македонски бренд што низ децениите успеал да изгради сопствен идентитет, да се развива во различни индустрии и да ги надмине границите на домашниот пазар.

Во време кога пазарната експанзија е еден од најголемите предизвици за македонските компании, нејзиното искуство претставува значаен пример за тоа како се создава долгорочна вредност, како се гради препознатлив бренд и како се одржува континуитет во услови на постојани економски и пазарни промени.


Од милионските инвестиции во архитектурата до ексклузивните модни креации во Дубаи, од 37 години самостојно претприемништво до престижните меѓународни признанија - Елена Лука претставува силен пример за македонска деловна визија што успешно ги надминува националните граници.

И токму затоа нејзиното гостување на „Бизнис Арена“ носеше посебна симболика.

На конференција посветена на македонските брендови и нивната пазарна експанзија, своето искуство го сподели жена која веќе го изодела тој пат, од создавање сопствен бизнис до градење групација со меѓународно присуство и признанија.

А, еве што изјави за нашиот магазин FASHIONEL, кои се нејзините ставови, гледишта, лидерството како предизвик, поттикот:


Зад името ELENA LUKA денес не стои само успешен бренд. Стојат 37 години визија, храброст, капитални инвестиции и деловна независност, приказна што покажува дека македонското претприемништво може да создава вредности препознатливи и надвор од границите на државата, на Балканот и пошироко.