Постојат признанија што го вреднуваат професионалниот успех, награди што ја потврдуваат деловната извонредност и почести што им се доделуваат на луѓето кои со својата работа оставиле значајна трага.
Но постојат и награди што одат многу подалеку од професионалните достигнувања. Тие го препознаваат човекот зад успехот, личноста зад титулата и вредностите зад резултатите. Токму такво признание доби г-ѓа Елена Лука, основач и генерален директор на ELENA LUKA GROUP, која е прогласена за „Жена, мајка, лидер“ за 2026 година.

На престижниот настан Business Mama Networking & Expo, во организација на женската заедница „Мама Круг“, г-ѓа Елена Лука го прими признанието кое во својата суштина обединува три исклучително значајни димензии на животот, жената како идентитет, мајката како извор на безусловна љубов и лидерот како двигател на идеи, промени и општествен развој.

Особена тежина на наградата ѝ дава начинот на кој е избрана добитничката. Зад признанието стои заедница што обединува десетици илјади жени, а токму жените, преку гласање организирано во рок од 24 часа, ја избрале Елена Лука меѓу номинираните кандидатки.
Тоа не е само признание за една успешна деловна жена. Тоа е израз на доверба, почит и препознавање од жените кои во нејзиниот животен и професионален пат гледаат инспирација за сопствените амбиции.
И можеби токму тука се наоѓа најголемата вредност на оваа награда: не ја доделува само деловниот свет, туку жените кои во неа препознале дел од сопствените стремежи, борби и соништа.

Три улоги, една личност, една животна филозофија
Жена. Мајка. Лидер.
Три збора кои на прв поглед изгледаат едноставно, но зад секој од нив стои цел еден свет на одговорности, искуства, емоции и одлуки.
Кај Елена Лука тие не постојат одвоено. Напротив, се надополнуваат и создаваат личност чиј професионален и приватен живот се испреплетени низ една заедничка вредност, посветеноста.
Како жена, таа низ годините гради сопствен идентитет, препознатлив по силниот карактер, независноста, енергијата и подготвеноста да се соочи со предизвиците.

Како мајка, зад деловната решителност стои една поинаква, особено чувствителна димензија. Љубовта кон синот, вниманието кон неговите потреби, способноста да го слушне, да го разбере и да го насочи, за неа се животна школа од која произлегуваат важни принципи што ги применува и во професионалното работење.
Како лидер, пак, таа речиси четири децении создава, организира, одлучува, презема одговорност и предводи тимови низ комплексни деловни процеси.
Но она што особено ја издвојува нејзината филозофија на лидерство е убедувањето дека вистинската сила на еден лидер не се мери само преку сопствените достигнувања, туку и преку луѓето на кои им овозможил да напредуваат.

Токму тоа беше суштината на нејзиниот говор при примањето на наградата.
„Во животот научив дека како мајка прво треба да слушам, па потоа да ги носам одлуките. Како жена претприемач секогаш стојам зад моите одлуки. А како лидер научив дека добар лидер си тогаш кога им дозволуваш на другите да преземат поголеми проекти и им отстапуваш простор да носат важни одлуки. Тогаш луѓето растат и духовно и професионално“, истакна г-ѓа Елена Лука пред присутните.
Во овие зборови е содржана една исклучително значајна порака, лидерството не е само авторитет, туку и доверба. Не е само управување, туку и создавање можности за другите.
37 години визија, храброст и деловна истрајност
Професионалната биографија на Елена Лука е приказна за континуитет, развој и претприемачка амбиција што не се ограничува на една индустрија.
Со 37 години деловно искуство, таа стои зад развојот на групација која обединува повеќе деловни сегменти, меѓу кои особено се издвојуваат модната индустрија и градежништвото.
Преку модниот бренд ELENA LUKA, таа гради препознатлива естетика, во која дизајнот, квалитетот, индивидуалноста и современото разбирање на жената добиваат централно место.
Преку ELENA LUKA HOME, нејзината деловна визија добива архитектонска димензија, со станбени и развојни проекти во кои домувањето се третира како спој на функционалност, естетика, квалитет и долгорочна вредност.
Проектите од семејството FUTURA, резиденцијалниот концепт DIVINE и други инвестиции на компанијата се дел од поширокиот развоен правец на групацијата.

Неодамнешното впечатливо претставување на ELENA LUKA HOME на саемот за недвижности REAL EXPO 2026 дополнително го привлече вниманието кон компанијата и нејзините актуелни проекти, додека меѓународните признанија во областа на градежништвото и луксузната архитектура претставуваат уште една потврда за амбициите на брендот надвор од домашниот пазар.
Зад овие деловни резултати стои начин на работа што подразбира постојана вклученост во процесите, препознавање можности, стратегиско планирање, решавање проблеми и подготвеност за преземање ризик.
Елена Лука е препознатлива по својот динамичен деловен темперамент, харизма и енергија, но и по настојувањето идеите да не останат само замисли, туку да се претворат во конкретни резултати.
Токму затоа признанието „Жена, мајка, лидер“ добива дополнително значење. Тоа не го издвојува само она што таа го создала, туку и начинот на кој нејзиниот професионален пат се доживува како мотивација за други жени.

„Оваа награда ме трогна многу лично“
Во ексклузивна изјава за Fashionel, непосредно по свеченото доделување, г-ѓа Елена Лука не ја криеше радоста и емотивното значење на признанието.
Иако во нејзината професионална кариера се запишани бројни домашни и меѓународни признанија, оваа награда, како што самата истакна, зазема посебно место.
„Пресреќно се чувствувам, навистина, и радосно. Секоја награда отвора некои поинакви димензии. Многу сум среќна што луѓето ја следат работата на ELENA LUKA, но и затоа што ме препознале како човек, го согледале мојот живот како мајка, како жена и, нормално, како лидер во работењето“, изјави таа.
Особено ја трогнал фактот што признанието доаѓа од женска заедница која во неа не гледа само успешен претприемач, туку и мотиватор.
„Мене ми се допадна моментот што тие ме доживуваат како голем мотиватор, што е многу битно во работењето“, нагласи Елена Лука, објаснувајќи дека професионалниот успех за неа има поголема смисла кога неговото влијание ги надминува личните и корпоративните интереси.
Таа се осврна и на атмосферата за време на свеченоста, нагласувајќи дека поддршката што ја почувствувала од присутните жени била исклучително искрена.
„Лично доживеав една голема љубов од нивна страна. Не само почит кон мојата работа, туку почувствував дека и како човек ме восприемаат многу позитивно. Видов енергија во публиката, видов енергија кај организаторките. Тоа е мојата најголема награда и затоа ова е посебно признание кое ме трогна многу лично.“

Дополнителна симболика за неа има и самата награда, рачно изработена од млада уметница, на која, како што најави, ќе ѝ отстапи посебно место меѓу своите признанија.
Кога жените препознаваат и поддржуваат друга жена
Еден од најсилните моменти во разговорот за Fashionel беше токму прашањето за значењето на признанието кое го доделуваат жени.
За Елена Лука, таа поддршка има посебна емоционална вредност.
„Жена за жена е навистина една искрена поддршка“, истакна таа, објаснувајќи дека жените меѓусебно ги препознаваат предизвиците, енергијата и одговорностите што ги носат различните животни улоги.
Нејзиното разбирање на женското лидерство не се темели на натпревар со мажите, туку на афирмирање на потенцијалот што жените го носат во деловниот свет.
Таа особено ја нагласи вредноста на женската перспектива во архитектурата, проектирањето и модата, области во кои секојдневно работи со професионални тимови.
Според неа, жените внесуваат особена чувствителност кон деталите, функционалноста, потребите на семејството и квалитетот на животниот простор. Во модата, пак, нивната перспектива се препознава преку разбирањето на естетиката, индивидуалноста и современиот начин на живеење.

Но нејзината порака оди подалеку од професионалните способности.
Женската солидарност, според неа, треба да прерасне во конкретна поддршка, размена на знаење, отворање деловни можности и заеднички развој.
Елена Лука со отворена покана: „Секоја жена со уникатна бизнис-идеја може да ме побара“
Можеби најзначајниот дел од нејзиното обраќање не беше поврзан со минатите успеси, туку со она што допрва може да се создаде.
Пред присутните, Елена Лука упати отворена покана за соработка до жените кои имаат сопствена деловна идеја, но им недостигаат искуство, поддршка или можности за реализација.
Таа истакна дека ELENA LUKA GROUP низ своето работење поддржувала различни проекти поврзани со афирмацијата на жените во бизнисот, вклучително и иницијативи за развој и финансирање.
„Секоја од вас која има уникатна, своја, лична идеја, ве молам да ја сподели со мене. Секогаш сум отворена за разговор, за уникатни идеи, за финансирање и за развојни проекти. Жените се уникатни во своите размислувања и ELENA LUKA секогаш ќе биде тука за вас“, порача таа од сцената.
Во разговорот за Fashionel дополнително ја објасни суштината на оваа иницијатива.

За неа, поддршката не значи само финансиска помош. Таа подразбира и менторство, разговор, разработка на идејата, насочување и создавање услови во кои еден претприемачки потенцијал може да прерасне во одржлив деловен проект.
„Многу е тешко, кога не знаеш од каде да почнеш, да најдеш некој кој ќе ти биде ментор, кој ќе ти биде грб, стабилност и мотиватор за да можеш да ја реализираш идејата“, нагласи Елена Лука.
Токму во оваа порака се препознава една од најважните димензии на современото лидерство: успехот добива поголема вредност кога создава можности и за успехот на другите.
Таа изрази и желба во 2027 година поактивно да се вклучи во проектите на „Мама Круг“, да ја запознае заедницата и да развива заеднички иницијативи.
Со тоа, свеченото признание доби и конкретна перспектива за иднината, можност за поврзување на женското претприемништво, деловното искуство и новите генерации амбициозни жени.
„Ако имате идеја, времето е сега!“
Во завршниот дел од ексклузивното интервју за Fashionel, Елена Лука испрати особено силна порака до жените кои размислуваат да започнат сопствен бизнис, но постојано го одложуваат првиот чекор.
„Доколку имате идеја нешто да реализирате, времето е сега. Жените знаат да одложуваат, да немаат самодоверба, да чекаат подобри околности, услови, времиња, пари. Не, времето е во моментот, сега, и треба да се одработи.“
Сепак, нејзиниот повик на храброст не значи непромислено преземање ризици.
Напротив, како претприемач со долгогодишно искуство, таа ја нагласува важноста на анализата, рационалното планирање, испитувањето на пазарот и проценката на реалните можности за развој.
Според неа, кога идејата е добро разработена и постојат основи за нејзина реализација, стравот не треба да биде причината поради која некој ќе се откаже.
Посебно внимание посвети и на етиката, моралот во работењето и изборот на квалитетен тим, како темели без кои ниту една амбициозна деловна визија не може да се развива долгорочно.
Тоа е пораката на жена која зад себе има 37 години деловно искуство: успехот бара храброст, но и дисциплина; визија, но и анализа; решителност, но и одговорност.
И пред сè, подготвеност човек постојано да учи, да се развива и да продолжи напред.
Признание за достигнувањата, но и за вредностите што остануваат
Низ годините, името Елена Лука стана препознатливо во македонскиот и регионалниот деловен простор, особено преку модата, архитектурата, градежништвото и развојот на нови претприемачки иницијативи.
Нејзиниот професионален пат е исполнет со големи проекти, деловни предизвици, меѓународни признанија и континуирана работа на развојот на групацијата.

Но наградата „Жена, мајка, лидер“ отвора уште една перспектива кон таа биографија.
Таа потсетува дека зад секој деловен резултат стои личност со сопствени животни вредности, семејство, одговорности и искуства што ја обликуваат нејзината професионална филозофија.
И дека жената која води компании, развива проекти и носи сложени одлуки истовремено може да биде мајка која учи од сопственото дете, човек кој ја препознава важноста на поддршката и лидер кој верува во потенцијалот на другите.
Особено значајно е што ова признание доаѓа од жените. Од заедница која во нејзината приказна препознала не само успех, туку и мотивација, истрајност и можност сопствените амбиции да се претворат во реалност.
Затоа оваа награда не е само уште едно признание во богатата професионална биографија на г-ѓа Елена Лука.
Таа е признание за животен пат во кој се испреплетуваат три исклучително важни улоги.
Жена - со сопствен идентитет и достоинство.
Мајка - со љубов која учи да слуша, разбира и насочува.
Лидер - со визија која создава, одговорност која предводи и сила која им отвора пат на другите.
И можеби најсилната порака од оваа свеченост не е содржана во самата награда, туку во зборовите што Елена Лука им ги упати на жените:
„Времето е сега!“
Зашто вистинската вредност на еден успех не е само во врвот што сме го достигнале, туку и во храброста што сме ја разбудиле кај другите да тргнат кон сопствениот.
Г-ѓа Елена Лука - „Жена, мајка, лидер“ за 2026 година. Признание од жените, за жена чија деловна и животна приказна продолжува да инспирира.