
Се вели дека парите отвораат врати ама не купуваат вкус. Ова е суровата, но сè почесто повторувана теза кога станува збор за Георгина Родригез, сопругата на фудбалската мега ѕвезда Кристијано Роналдо, жена која од продавачка во Gucci стана глобална инфлуенсерка со десетици милиони следбеници, но и постојана мета на модна критика.
Нејзиниот подем е спектакуларен, од анонимност до насловни страници, од приватен живот до Netflix документарец, од „девојка на“ до бренд сам по себе. Но токму во таа трансформација се појавува прашањето што модната индустрија тивко, а јавноста гласно го поставува, дали Георгина има стил или само пристап до луксуз?
Естетика на „ново богатство“
Иако редовно носи дизајнерски парчиња, нејзиниот стил често се опишува како визуелно пренатрупан, премногу буквален и лишен од суптилност. Во модните кругови постои непишано правило, вистинскиот стил не се гледа во логото, туку во интерпретацијата. Кај неа, интерпретацијата често отсуствува.
Дури и релевантни модни медиуми забележуваат дека таа е „предмет на постојан надзор поради тоа што го носи“, што само по себе укажува дека нејзиниот стил не е стабилно прифатен, туку континуирано преиспитуван.
Низ годините, стилот ѝ се движеше во континуирана осцилација помеѓу обид за гламурозна елеганција и визуелна пренагласеност. Од нејзините рани појавувања во јавноста, каде доминираа тесни силуети, логоманија и силно нагласени дизајнерски парчиња, до денешните high-fashion изданија на црвениот тепих, нејзината естетика ретко гради конзистентен моден јазик.

Наместо тоа, често е предмет на моментален впечаток, повеќе воден од тренд и статус отколку од стилска кохерентност. Токму оваа нестабилност ја држи постојано во фокусот на модните критики, каде нејзините избори често се анализираат како пример за визуелна раскошност без јасна стилска прецизност, што ја прави една од најкоментираните, но и најконтроверзни фигури во современиот простор на познатите јавни личности.
Контроверзии на црвениот тепих
Нејзините појавувања на настани како Мет гала се најдобар пример за оваа дилема. Во 2025 година, нејзиниот дебитантски изглед беше критикуван како „премногу едноставен“ и несоодветен на темата . Само една година подоцна, ситуацијата се повтори, но во друга крајност.
Во 2026, нејзиниот драматичен, религиозно инспириран изглед предизвика лавина реакции, при што дел од критичарите го нарекоа „ниска класа“ . Ова не е изолиран случај, туку шаблон, Родригез постојано се движи помеѓу премногу безопасно и премногу наметливо, без да ја погоди таа тенка линија што ја дефинира вистинската модна интелигенција.
Проблемот не е во облеката, туку во наративот
Таа има пристап до најголемите модни куќи, стилисти и ресурси. Таа носи haute couture, дијаманти вредни милиони и custom-made парчиња. Но токму тука лежи парадоксот, колку повеќе вложува во визуелниот луксуз, толку повеќе се отвора прашањето за автентичност.
Модата денес не е само облека туку таа е став, културен код, интелектуална игра. Кај Георгина, често се чувствува отсуство на тој слој. Наместо концепт, има демонстрација. Наместо стил, има комбинација.
Дали стилот може да се научи?
Историјата на модата покажува дека стилот не е прашање на буџет. Икони како Џејн Биркин Birkin или Каролин Бесет Кенеди граделе визуелен идентитет со минимализам и јасна естетска визија. Во контраст, Родригез претставува нов тип на јавна фигура, инфлуенсер со огромна видливост, но без конзистентен моден јазик.
И токму затоа критиката кон неа не е случајна, туку симптом на поширок феномен, ерата во која богатството создава видливост, но не и нужно вкус.
Можеби таа е типичен доказ дека модата и луксузот не се синоними. Таа има сè што индустријата може да понуди, освен најважното- јасна, препознатлива и автентична стилска визија.
И можеби токму затоа нејзиниот стил предизвикува толку реакции, затоа што во него се гледа најголемата контрадикција на современата мода, денес е полесно од кога било да изгледаш скапо, но потешко од кога било да изгледаш стилски.
Н.Т
Естетика на „ново богатство“
Контроверзии на црвениот тепих
Проблемот не е во облеката, туку во наративот