Зад тивкиот шарм, интелектуалната привлечност и самодовербата на еден од најпознатите холивудски актери на нашето време стои жена која ретко се појавува во центарот на вниманието, но без која таа приказна не би постоела. Светските медиуми одамна се согласни во едно: Ирмелин Инденбиркен, мајката на Леонардо ди Каприо, не е само родител – таа е темелот.
Родена во Германија, Ирмелин се преселила во САД во младоста, носејќи со себе европска строгост, културна длабочина и силна работна етика. Кога се развела од таткото на Леонардо додека тој бил уште бебе, таа одлучила сама да го одгледува, без компромиси со своите вредности. Живееле скромно, во неконвенционални квартови на Лос Анџелес, далеку од гламурот кој подоцна ќе стане секојдневие за нејзиниот син.
Токму мајка му била таа што рано ја препознала неговата чувствителност и креативна интелигенција. Таа го носела на аудиции, го бодрела кога одбивањата биле почести од улогите и никогаш не дозволила да поверува дека славата е цел сама по себе. Напротив, го учела дека работата, дисциплината и љубопитноста кон светот се единствениот пат до автентичен успех.
Името Леонардо не е случајно. Според позната анегдота што често ја пренесуваат светските медиуми, таа била бремена кога застанала пред слика на Леонардо да Винчи во музеј во Италија. Во тој момент, бебето првпат клоцнало. За неа, тоа било знак и име со симболика што ќе го следи целиот живот.
Ди Каприо денес е познат како холивудски заводник, икона на стил и актер со сериозна филмска тежина. Но зад таа јавна слика стои маж кој постојано ја споменува мајка си како најважната личност во неговиот живот. На доделувањата на „Оскар“, токму таа често му е придружничка. Во интервјуа за GQ и Vogue, тој отворено зборува дека нејзината сила, независност и морален компас го формирале неговиот карактер, и како уметник, и како човек.
Инаку Ирмелин никогаш не се обидела да биде дел од славата. Таа останала воздржана, ненаметлива и принципиелна, вредности кои се јасно вградени во одлуките на нејзиниот син, од изборот на улоги, до неговиот активизам за заштита на животната средина.
Гледајќи ја неа, велат модните и културни списанија, станува јасно дека шармот на Леонардо ди Каприо не е случаен. Тој не е производ само на Холивуд, туку на една силна, самосвесна жена која верувала во својот син уште пред светот да научи како се изговара неговото име.
И можеби токму затоа, зад секој голем заводник, не стои мит – туку мајка која знаела како да одгледа маж со длабочина.
Н.Т