
На празникот посветен на свети Василиј Велики – ден кој нѐ потсетува на хуманоста, тивката грижа и духовната зрелост – ELENA LUKA GROUP повторно ја отвори својата врата кон заедницата, посетувајќи го Домот за стари лица „Мајка Тереза“.
Посетата не беше само празничен гест, туку внимателно негувана традиција што веќе десет години ја поврзува оваа компанија со луѓето чии животи се вградени во темелите на нашето општество. Пригодните подароци за секој кој е во заедницата беа еден од начините да се изрази човечка топлина и знак на искрено пријателство.
Во соработка со Националниот совет за родова рамноправност (СОЖМ), денот беше исполнет со македонски мелос, топлина, насмевки и мирисот на традиционалната пита со паричка.
Но над сѐ, просторот беше исполнет со чувство на припадност, со тивко, но моќно уверување дека повозрасните не се маргина, туку основа. Без нивната мудрост, искуство и животни приказни, не би постоела ниту иднина за генерациите што доаѓаат.
Г-ѓа Елена Лука, сопственичка и генерален менаџер на ELENA LUKA GROUP со особена емоција истакна дека секое доаѓање во домот го доживува како враќање во едно посебно семејство.
Таа нагласи дека долгогодишната соработка не е формална, туку човечка, изградена врз меѓусебна почит и искрена комуникација. Луѓето кои живеат тука, според неа, носат богати животни приказни и искуства кои претставуваат тивка школа за сите нас. Тие се жив доказ дека љубовта, истрајноста и достоинството не бледеат со годините, туку добиваат подлабоко значење.
Посебен момент беше кршењето на питата со паричка, а потоа сите станаа и играа ора, пеејќи ги старите македонски песни.
Благодарност за континуираната поддршка изрази директорката прим. д-р Ленче Нелоска и Јорданчо Јосифов, раководителот на Домот за стари лица „Мајка Тереза“, истакнувајќи дека ваквите средби внесуваат светлина и надеж во секојдневието на корисниците. Тој нагласи дека посветеноста и љубовта што ги носи тимот на ELENA LUKA GROUP се чувствуваат искрено и трајно.
Претседателката на Националниот совет за родова рамноправност, Савка Тодоровска, потсети дека со домот соработуваат повеќе од три децении, но дека врската со ELENA LUKA GROUP е пример за најдолга и најплодна хуманитарна соработка.
Таа подвлече дека празникот на свети Василиј нѐ потсетува дека хуманоста не е привремена обврска, туку постојана вредност што треба да се живее, а симболиката на паричката носи порака за среќа, надеж и добри мисли.
Здравичарката за оваа година, Мирослава Богатинова, која е корисник подолго време на услугите во домот, со голема радост и восхит ни раскажа за книгите со поезија што ги пишува и дека е неуморна во својата работа.
Таа напиша и песна за Г-ѓа Елена Лука, а нејзиниот труд е одликуван и со награда за најдобра песна преточена во поезија. Нејзината исклучителност се гледа и во стилот на облекување, секогаш впечатлива, своја и достоинствена.
Во атмосфера на тивка радост и длабока човечност, оваа празнична средба уште еднаш потврди дека грижата за повозрасните не е само чин на почит, туку и инвестиција во иднината. Зашто општеството што ги слуша и почитува своите највозрасни, гради посигурен и похуман свет за младите што доаѓаат.
Еве дел од фотографиите кои ги овековечивме, како и видеото кое буди емоции:
View this post on Instagram


































