Кога уметноста, љубовта и естетиката се среќаваат на иста сцена, настанува момент што лесно се памети. Токму таква ќе биде и концертната серија на познатата српска уметница, пејачката Јелена Томашевиќ која на 7 и 8 март во Скопје, а потоа и на 9 и 10 март во Битола, заедно со својот сопруг, познатиот актер и поет Иван Босиљчиќ, ќе ѝ приредат на публиката четири вечери исполнети со музика, поезија и силна емоција.
Оваа концертна приказна е посебна не само затоа што на сцената се среќаваат двајца истакнати уметници, туку и затоа што зад нив стои и нивната вистинска животна приказна, брак и партнерство што со години се гради надвор од сцената, а сега се претвора во заедничко уметничко искуство пред публиката. Токму таа спојка меѓу љубовта и уметноста создава атмосфера што ретко се гледа на концертна сцена.
За овие свечени вечери, Јелена ќе носи гламурозни креации на висока мода од реномираниот македонски бренд ELENA LUKA – модна куќа која со години гради препознатлив стил и која денес сè посилно се позиционира и на меѓународната модна сцена. Брендот е олицетворение на висока мода, прецизен крој и јасна креативна визија, а неговите креации се препознаваат по вниманието кон деталите, елеганцијата и безвременската естетика.
Така, на сцената ќе се испреплетат музиката, поезијата и модата во една хармонична целина во која уметноста на Јелена и Иван природно ќе се надополни со софистицираниот визуелен потпис на ELENA LUKA. Резултатот е сценска приказна во која љубовта, талентот и стилот се спојуваат во едно, токму онака како што се спојуваат и нивните животи.
FASHIONEL имаше можност да поразговара со Јелена пред самите концерти. Таа со восхит зборува за креациите, за музиката, за сцената, за бракот…
FASHIONEL: Ова е вашиот прв концерт како брачна и уметничка двојка на иста сцена. Дали го доживувате овој концерт како ново уметничко поглавје или како интимно писмо што конечно го споделувате со публиката?
— По Бања Лука Фест пред една година и концертот во Сава Центар оваа година, каде реакциите на публиката беа за паметење, Иван и јас немавме дилема дека публиката и во другите градови од регионот заслужува да ја види нашата заедничка програма. Сфативме дека нашето вкрстување на сцената ништо не одзема, туку само додава на нашето уметничко творештво. Многу се радуваме на концертите во Скопје на 7 и 8 март и во Битола на 9 и 10 март.
FASHIONEL: Вашите кариери се развиваа паралелно, но сепак независно. Што требаше да „созрее“ за ова заедничко сценско обединување да се случи токму сега?
— Мислам дека сè е прашање на трпение. Се случи во вистинскиот момент, тогаш кога и како уметници и како луѓе созреавме да го изнесеме тоа на вистински начин. Иако многумина ни предлагаа да одржиме заеднички концерт уште од моментот кога се венчавме, поминаа 14 години додека не решивме тоа навистина да го направиме.
FASHIONEL: Кога љубовта и уметноста се среќаваат на сцена, дали постои поголема слобода или поголема одговорност?
— Најубаво е кога покрај некого сте тоа што сте, без никакво воздржување. Мене тоа ми е исклучително важно. А и двајцата сме одговорни во својата работа, така што тука нема место за грижа.
FASHIONEL: Дали овој концерт ќе ја покаже вашата уметничка ранливост на начин на кој публиката досега не ве видела?
— Публиката ќе има можност да ужива во моите хитови, но исто така и во нашите дуети, во музичко-поетската вечер на Иван, како и во моите преплетувања со поезијата што Иван автентично ја говори. Тоа за мене е единствено чувство, а верувам дека и публиката на концертот ќе почувствува за што зборувам.
FASHIONEL: Скопје отсекогаш знаело да препознае искрена емоција. Што сакате скопската публика да понесе со себе по последниот аплауз?
— Секогаш сум се чувствувала посебно на концертите во Македонија, а знам дека така е и во случајот на Иван, па верувам дека така ќе биде и овој пат. Пред секој концерт се помолувам за мојата публика, за моите музичари и, секако, за себе — таа вечер на сите да ни донесе радост и секој да си замине дома побогат во душата отколку што дошол.
FASHIONEL: За овој концерт ќе носите креации од македонскиот бренд ELENA LUKA, кој е препознатлив и интернационално. Колку е важно сценската гардероба да ја раскажува истата приказна како музиката и емоцијата што ја носите?
— Секако дека нам, уметниците, ни е важно со гардеробата да ја следиме приказната за која зборуваат и нашите песни. Сакам елегантен и софистициран стил, а токму тоа за оваа серија концерти во Македонија го пронајдов во прекрасниот македонски бренд ELENA LUKA.
FASHIONEL: Може ли костимот да влијае на вашата психолошка состојба и да ви помогне подлабоко да ја почувствувате сцената?
— Најмногу сакам кога гардеробата во која пеам е удобна. Но, не е секогаш така — понекогаш поради некој прекрасен модел сум подготвена да издржам и мала неудобност. А за високите потпетици да не зборувам. Тие се неизбежни за секој концерт, а знаат да бидат и тоа како неудобни.
FASHIONEL: Што ве поврза со естетиката на ELENA LUKA и дали препознавте дел од својот личен сензибилитет во нивниот дизајн? Брендот има неверојатна моќ со стопроцентна прецизност да создава врвни уметнички дела…
— Моите пријатели и соработници Моника и Наско ме упатија кон брендот ELENA LUKA. Кога дојдов во нивниот салон во Скопје, бев воодушевена од креациите и од квалитетот со кој се пристапува кон секој фустан.
FASHIONEL: Колку ви значи што токму македонски бренд е дел од еден ваков важен, па и историски момент во вашите кариери?
— Многу ми е драго што токму македонски бренд учествува на премиерните заеднички концерти на Иван и мене во Скопје и Битола, со придружба на симфониски оркестар. Сигурна сум дека ова заедничко искуство ќе остане засекогаш забележано во нашите кариери и соработки.
FASHIONEL: Дали сценската облека ја доживувате како продолжение на вашата уметничка улога?
— Многу е важно изведувачот да биде автентичен. Покрај уметноста, појавата и талентот, уметникот го нуди и својот стил. Публиката избира и според сопствениот вкус, па затоа различностите треба да се почитуваат.
FASHIONEL: Во време кога визуелниот впечаток е речиси подеднакво важен како и уметноста, дали стилот станува дел од наративот што сакате да го испратите? И колку е важно зад себе да имате беспрекорен бренд како ELENA LUKA?
— Отсекогаш сум се трудела да соработувам со домашни креатори од Србија и од регионот. Брендот ELENA LUKA е првиот моден бренд од Македонија со кој соработувам и фустаните што ги избравме за концертите се прекрасни, ја следат приказната на концертот и секој од нив зборува сам за себе.
FASHIONEL: Јелена, пеете ли поинаку кога пеете со Иван – не само како уметница, туку и како жена која ја живее таа емоција?
— Ви благодарам што именувавте нешто за што ни самата досега не сум размислувала. Сега ме поттикнавте да размислам за тоа, но верувам дека покрај Иван сигурно сум поинаква. Нека нашата драга публика процени.
FASHIONEL: Каде завршува приватната емоција, а каде започнува уметноста кога сте заедно на сцена?
— Мислам дека тоа не може, а и не треба да се одвои. Сè е прашање на моментот. Иако се следи однапред усвоената програма на концертот, секогаш може да се случи и некој спонтан момент, што на целата атмосфера ѝ дава посебна магија.
FASHIONEL: Во време на брза слава, останавте доследни на својот интегритет. Дали денес е потешко да се зачува достоинството отколку да се постигне успех?
— Ви благодарам за овој комплимент. Се трудам сите овие години да го одржам својот квалитет и во музиката и во приватниот живот. Не е воопшто лесно, особено во денешно време, но сепак е можно.
FASHIONEL: Што никогаш не би жртвувале, дури ни по цена на поголема популарност?
— Достоинството.
FASHIONEL: Вашата љубов опстојува далеку од сензационализам. Дали тишината е најголемиот чувар на љубовта?
— Секоја јавна личност до одреден степен може да го контролира својот приватен живот. Но кога и партнерот е јавна личност, тоа е малку потешко. Свесна сум дека публиката нè сака и понекогаш сакам со неа да споделам нешто и од приватниот живот.
FASHIONEL: Кога ќе се погледнете на сцена, дали гледате колега или човек со кого сте го изградиле животот?
— Семејството секогаш ми било на прво место, па кога ќе го погледнам Иван, прво го гледам својот сопруг, својата љубов и таткото на нашата ќерка. Изразот „колега“ ми е малку далечен и дистанциран кога станува збор за него. Сепак, во шега знаело да има и такво ословување (се смее).
FASHIONEL: Ако овој концерт треба да го опишете со еден збор – дали е тоа љубов, доверба или храброст?
— Мислам дека сето тоа е испреплетено. Токму затоа и постои магијата на сцената. Ако сепак морам да изберам, тогаш тоа е љубов.
FASHIONEL: Што сакате публиката да види – уметници или луѓето зад уметноста?
— Тоа е нивна вечер и нека нè доживеат како што тие сакаат. Ќе видат двајца луѓе на сцена кои своите кариери ги граделе исклучиво со талент, љубов и работа, а сега ја делат и сцената и животот заедно.
FASHIONEL: Кога ќе се изгаснат светлата и ќе останете сами по концертот, што ќе биде погласно – аплаузот или тишината меѓу вас?
— По концертот, аплаузот секогаш долго одекнува во ушите, заедно со чувството на среќа и задоволство од средбата со публиката. Во овој случај, тоа чувство е двојно.
Небојша Толески