Честопати се прашуваме дали е подобро да избереме долг волнен капут, кратка јакна, практична долга јакна или впечатлива бунда?
Одговорот зависи од неколку работи.
Долг волнен капут
Долгиот капут е еден од најсигурните избори за зимска гардероба, особено ако сакаме комбинациите да изгледаат уредно и софистицирано. Моделите во камел, темнокафеава, сива и црна боја лесно се вклопуваат со различни стилови. Може да се носи со класични панталони, фармерки, плетени фустани, здолништа и чизми. Особено убаво изгледа кога е врзан со ремен на половината, бидејќи ја нагласува силуетата.

Кратка јакна
Кратките зимски јакни се особено практични за секојдневни активности, возење автомобил и комбинации со панталони или фармерки. Нивната предност е што не го ограничуваат движењето и овозможуваат поголема слобода при комбинирањето. Кратките модели со нагласена половина изгледаат одлично со панталони со висок струк, додека пошироките,oversized јакни, може да се комбинираат со потесни панталони или едноставни здолништа.

Долга зимска јакна
Долгите пуфер-јакни се одличен избор за навистина студени денови. Освен што овозможуваат подобра заштита од студот, тие можат да изгледаат многу модерно кога правилно се комбинирани. Црните, темнокафеавите и беж моделите се најлесни за вклопување во секојдневната гардероба. Долгата јакна одлично оди со тесни панталони и високи чизми, но и со широки панталони и патики за порелаксиран изглед.

Бунда од вештачко крзно
Бундите од вештачко крзно се меѓу впечатливите избори за сезоната. Особено се забележуваат моделите во чоколаднокафеава, кремава и црна боја, како и пократките модели со богата текстура. Тие имаат доволно силен визуелен ефект за да ја направат интересна и наједноставната комбинација. Долгата бунда најдобро изгледа со поедноставни парчиња како црни панталони, еднобојна ролка и чизми. На тој начин крзното останува во центарот на вниманието. Кратките модели, пак, се одлични со фармерки, широки панталони и плетени фустани.

Јакна со крзнена јака или поставa
За оние што сакаат нешто поинакво од класичната зимска јакна, а не сакаат целосна бунда, добар избор се моделите со крзнена јака или внатрешна постава од вештачко крзно. Овие јакни често имаат лежерен, но сепак впечатлив изглед. Може да се комбинираат со фармерки, чизми до глужд, плетени џемпери и едноставни чанти. Моделите во кафена, маслинеста, црна и кремава боја се особено лесни за секојдневно носење.
