Сведоци сме дека времето лета и е минливо, но не и личностите што ги носи со себе. Бројни креатори ја испишаа историјата на светската мода, но историјата на југословенската мода ја испиша Александар Јоксимовиќ, со своите единствени креации со кои облекуваше познати светски и домашни личности – од актерки, па сѐ до Јованка Броз.
Благодарение на префинетоста и љубовта што ја внесуваше во своите колекции, за кратко време го освои срцето на секоја дама во поранешната држава. Добитник на високи признанија на Балканот и во светот, се издвојуваше по својата уникатност, но и по трагата што ја остави зад себе.

За време на животот никогаш не го наметнуваше својот стил, ниту својот начин на размислување, но многумина посакуваа да бидат дел од светот што тој го создаде.
Од моментот кога Јоксимовиќ во 1967 година ја претстави својата прва колекција на висока мода „Симонида“, продолжи да реди само успеси.
Креациите на овој моден маг, со кои ги оживеа ликовите на жените од српските фрески и икони, ги носеа многу познати светски и домашни личности, меѓу кои и иранската кралица Фарах Диба, а креираше и лично за Јованка Броз. Актерката Милена Дравиќ му беше како муза, а за неа специјално создаде фустан од призренска свила кога ја освои „Златната палма“ во Кан.
За големата изложба во Ленинград во 1968 година ја создаде колекцијата „Витраж“, а во 1969 година во Париз ја претстави колекцијата „Проклета Јерина“. На прашањето како „се осмелил“ да конкурира во Франција, земја со голема модна традиција, Александар одговорил:

– Мојата идеја не беше да ѝ конкурирам на париската висока мода, туку да претставам дел од историјата на мојата земја, преку рустична колекција и музика. Отидов во Црквата Света Петка на Калемегдан да запалам свеќа и минувајќи покрај Црквата Ружица ги видов спомениците на војници во српска униформа и така ја добив идејата за колекцијата. Во манастирот Жича ги скицирав најдобро сочуваните фрески, а во Словенија набавив мебел-штоф кој изгледаше како да е ткаен на рачен разбој. Бата Ковач и јас избравме стари српски песни – „Играле се делије насред земље Србије“, „Марш на Дрину“, „Свилен конац“…
Почна ревијата, сите се тресевме, манекените се враќаа, потоа непријатна тишина, па громогласен аплауз што никогаш нема да го заборавам, а до крајот имаше и овации! Истата вечер во парискиот ТВ-дневник гледавме прилог за ревијата, читавме текст со фотографии во „Paris-Soir“, а во „Humanité“ стоеше насловот: „Дојдовме да се смееме, а си заминавме посрамени“. Почнаа да ни се јавуваат париски модни куќи, меѓу другите и директорот на „Диор“ – раскажал Јоксимовиќ.
– Ни ја прикажаа најновата колекција на Диор, а нашиот директор го покани тогашниот директор на Диор да биде гостин со колекцијата на Белградскиот саем на мода. Тој одговори дека со задоволство ќе дојде, под услов истата вечер да бидат прикажани и мојата и неговата колекција. Така и беше. Потоа ми рече дека би бил многу среќен да работам за нив. Му одговорив дека сум почестен од поканата, но дека многу добро се чувствувам во својата фирма. Ме замоли тоа да го сфатам како покана, бидејќи од тој момент, до крајот на мојот мандат, вратите на „Диор“ секогаш ќе ми бидат отворени – изјавил креаторот во интервју за „Вечерње новости“ во 2019 година.
Всушност, интервјуа секогаш давал неволно и постојано истакнувал дека повеќе не е важен и дека сѐ одамна е кажано. Одмерувањето на талентот со светот секогаш е добредојдено, но внатрешниот глас е најважен за душевниот мир, па затоа Александар и по многуте успеси надвор од границите, одлучил да остане во Белград и таму да го гради своето име.

Почина на 29 март 2021 година од последици од коронавирусот, во 87-та година од животот, а моделите од неговите колекции се во музеј.
Н.Т