
Токму затоа секој обид македонската мода да остане во движење е значаен. Неодамна одржаниот Моден викенд Скопје покажа дека, и покрај сите предизвици, домашните креативци сè уште имаат што да кажат, но и каде да се прикажат.
Ние издвоивме четворица дизајнери кои понудија свои читања на пролетта и летото, од строго контролирана структура, преку лична трансформација, до моќни силуети и минимализам со став.
Впечатлив наратив во својата нова колекција има Наталија Терзија со колекцијата „Вртлог“.
Инспирирана од сеприсутноста на вителите во животот и постојаното препуштање на неизвесноста, колекцијата е визуелна метафора за движењето, силата и внатрешниот немир.
Формата кај Терзија е строго контролирана, линиите дисциплинирани, а секое движење внимателно дозирано.
Во таа тензија меѓу структурата и сензуалноста се криеше и најсилниот момент на колекцијата.
Накитот не беше само стилски додаток, туку органски дел од целината, фин, интелигентно вметнат и прецизно усогласен со приказната.
Олгица Ѓоргиева со колекцијата „Metamorfosis“ фокусот го стави на личната трансформација и симболиката на пеперутката.
Колекцијата се развиваше низ минималистички силуети, чисти линии и рачна изработка што остава впечаток на тивка луксузност.
Природните тонови внесоа чувство на стабилност и смиреност, додека суптилниот леопард принт се појавуваше како знак на инстинкт, сила и самодоверба.
Тоа беше пролетно-летна приказна за жена која еволуира, но не ја губи сопствената суштина.
Роберт Ивановски има колекција што комуницира со авторитет без потреба да го наметнува.
Неговите силуети беа понагласени, формите сигурни и конструктивно јасни, со впечаток на зрелост и дизајнерска самоувереност.
Во контекст на пролетно-летната сезона, ова беше предлог за жена која сака присуство, но и на маж, став и прецизно скроена елеганција.
Колекцијата беше конзистентна, без вишок елементи и без компромис во визуелниот јазик.
Минималистичка и современа, колекцијата „Season IV“ на GEORGIYA се движи низ чисти, издолжени линии и внимателно редуцирана палета.
Секој елемент има јасна функција, а целината делува модерно, рационално и урбано.
Ова е мода за современата жена која бара функционалност, но не се откажува од стилот.
Во време кога многумина ја поистоветуваат модата со краткотрајни трендови, GEORGIYA понуди потивка, но интелигентна алтернатива.
Mакедонската мода можеби нема стабилен систем, но има креативна енергија. Иако сцената се соочува со ограничувања што одамна требаше да бидат надминати, дизајнерите продолжуваат да создаваат, да ризикуваат и да ја одржуваат во живот идејата дека домашната мода сè уште има глас.
А токму таквите моменти се најважни, кога и покрај сè, сцената сепак се движи… но битна е и насоката!
Н.Т