НБА ѕвездата Кајл Кузма и супермоделот Вини Харлоу се верија. Романтичното запросување се случи на магичните осторови Теркс и Каикос – место со посебно значење за двојката.
Кузма го планирал моментот шест месеци, но инспирацијата дошла уште во 2022 година, кога првпат го посетиле островот заедно. Додека пливале под ѕвезденото небо, Харлоу му рекла дека тоа е најубавиот ден во нејзиниот живот – зборови што Кузма никогаш не ги заборавил.
За големото изненадување, тој организирал луксузно патување за Денот на вљубените, пречекувајќи ја Вини во приватен авион украсен со рози, балони, чоколади и шампањ. Таа мислела дека станува збор за романтичен гест – сè додека Кузма не ја замолил да седне до него и не почнал да чита емотивна поема. Последниот стих открил сè: „Ќе бидеш ли моја сопруга?“ Пред да стигне да го покаже блескавиот 8,5-каратен прстен со овален дијамант, Вини веќе кажала „да“!- пренесува американски Vogue.
Харлоу, канадско-јамајканска манекенка, за првпат стана светски позната во 2014 година како натпреварувачка во America’s Next Top Model. Таа брзо се етаблираше како револуционер во модната индустрија, не само поради својот впечатлив изглед и самоуверен настап на пистите, туку и поради нејзиното рушење на традиционалните стандарди за убавина.
Дијагностицирана со витилиго, состојба што предизвикува губење на пигментот на кожата, Харлоу стана симбол на самодоверба и различност во модата. Со текот на годините, се појави на насловните страници на врвни модни списанија, чекореше за дизајнери како Марк Џејкобс и Викторија Сикрет и соработуваше со глобални брендови, докажувајќи дека вистинската убавина лежи во прифаќањето на сопствената уникатност.