Како да го освежите изгледот без да купувате нова гардероба?

Сосема едноставно...

Не мора секогаш да купуваме нова облека, со неколку мали промени, старата гардероба може да добие сосема нов изглед.

Променете го начинот на комбинирање

Белата кошула не мора секогаш да ја носите со истите панталони, ниту омилениот џемпер секогаш со фармерки. Обидете се да ги споите со парчиња со кои досега не сте ги носеле. Кошула што обично ја носите во деловни комбинации може да изгледа многу поопуштено со широки фармерки и патики, додека едноставен џемпер може да добие поелегантен карактер со здолниште и чизми.


Додадете поинаков моден детаљ

Впечатлив ремен, марама врзана околу вратот или на чантата, интересен накит или поинаква чанта можат да ја променат целата комбинација. Ако најчесто носите неутрални бои, обидете се да внесете една поизразена нијанса преку марама, обувки или чанта.

Елегантна комбинација со свилена марама

Играјте си со слоевите

Парчињата што веќе ги имате може да изгледаат поинаку кога ќе ги облечете во слоеви. Кошула под џемпер, блејзер над едноставна маица или тенок ролка-џемпер под фустан се комбинации што внесуваат динамика и изгледаат внимателно осмислено. Важно е слоевите да не бидат премногу обемни и да се надополнуваат по боја и материјал.


Најдете ги заборавените парчиња 

Пред следното купување, одвојте време да го прегледате плакарот. Можеби таму се наоѓа здолниште што одамна не сте го облекле, блејзер што сте го заборавиле или чанта што повторно би изгледала актуелно. Извадете ги парчињата што ретко ги носите и обидете се да направите најмалку три нови комбинации со нив.

Организиран плакар со внимателно избрани парчиња облека

Направете нова комбинација од три познати парчиња

Изберете три парчиња што често ги носите и обидете се да ги комбинирате на поинаков начин. На пример, црни панталони, бела кошула и блејзер може да изгледаат класично со салонки, но и многу посовремено со патики и голема чанта. Истата облека, со различни обувки и додатоци, може да одговара за сосема различни пригоди.