Кан има нова модна победничка- Алексис! Џоан Колинс на 92 години ги украде сите погледи

Малку што може да се спореди со гламурот на Кан. Еднаш годишно, ѕвездите на светската кинематографија се спуштаат на југот на Франција за да ги прослават филмските достигнувања, но и да ја претворат француската ривиера во најголемата сцена на луксузот, модата и спектаклот.

Во текот на 11 дена исполнети со премиери, проекции и ексклузивни забави до раните утрински часови, Канскиот филмски фестивал одамна не е само филмски настан туку и еден од најважните модни моменти во годината.

Црвениот тепих во Кан и годинава ја потврди својата репутација како место каде високата мода функционира речиси подеднакво важно како и самите филмови. Од архивски силуети инспирирани од стариот Холивуд, до драматични кутур креации и минималистички модерен луксуз, фестивалот повторно стана визуелен театар на стилот.

Највпечатливите модни изданија од отворањето на Кан 2026

Деми Мур во Жакмус

Џејн Фонда во Гучи

Филипин Лерој-Болје во Сен Лоран
Кели Радерфорд во Џорџо Армани
Хајди Клум во Ели Сааб
Каролин Даур во Роксанда

Но и покрај силната конкуренција на црвениот тепих, едно име доминираше во реакциите на јавноста и модните критичари — Џоан Колинс.

Џоан Колинс на 92 години: гламур што не признава возраст

Додека модната индустрија со години се соочува со критики за ејџизам и фаворизирање на младоста, Џоан Колинс уште еднаш покажа дека вистинскиот стил нема рок на траење.

На 92 години, легендарната Алексис од Династија се појави во драматична couture креација на Стефан Роланд и буквално го запре црвениот тепих. Со архитектонска силуета, прецизно моделирани линии, масивен цвет, театарска елеганција, нејзиниот изглед беше потсетник на старохоливудскиот гламур, но интерпретиран низ современа haute couture естетика.

Модните критичари особено ја истакнаа нејзината способност да носи драматична мода без таа да „ја носи неа“, ретка карактеристика што ја поседуваат само вистинските модни икони. Наместо да изгледа како обид за младешки ефект, нејзиниот изглед делуваше достоинствено, моќно и самоуверено.

Во време кога црвените теписи често се преплавени со „голи фустани“, провокации и краткотрајни интернет трендови, Џоан Колинс потсети дека гламурот не мора да биде агресивен за да биде незаборавен.

Кан 2026: помеѓу филмот и модниот спектакл

Годинашниот Кански фестивал уште еднаш потврди дека модата денес е составен дел од филмската индустрија. Брендовите преку црвениот тепих градат глобална видливост, додека актерите сè повеќе функционираат како амбасадори на couture куќи и современи модни естетики.

Фестивалот, кој започна на 12 мај и ќе трае до 23 мај, ќе донесе премиери на филмови како „Fatherland“ со Sandra Hüller, „Full Phil“ со Kristen Stewart, и „Paper Tiger“ на режисерот James Gray.

Дел од жирито оваа година се и Деми Мур, Рут Нега и корејскиот режисер Парк Џен Водд.

Но, ако првите денови од Кан 2026 нешто покажаа, тоа е дека филмот можеби е причината поради која сите доаѓаат во Кан, ама модата е причината поради која светот не престанува да гледа.

Н.Т