
Напуштена фармерска куќа, сместена во драматичниот рурален пејзаж на Шкотска, доживеа современа трансформација што со почит се однесува кон нејзиното наследство и природната околина. Реновирањето го предводеше лондонското архитектонско студио Mallett, кое ја разви поранешната куќа на орач во семеен дом со четири спални соби, ставајќи акцент на современ занаетчиски пристап, но цврсто втемелен во контекстот на локацијата.
Внатре во преосмислена фармерска куќа
Проектот, денес семеен дом со името Black and Stone, се наоѓа во регионот Пертшир, познат и како „Земја на големите дрвја“ поради своите обемни шуми.
Архитектите започнаа со преработка на камената куќа, која долго време била напуштена, иако рушењето и целосната реконструкција би биле поочигледна и побезбедна опција.
Но, за креативниот директор на студиото, Сајмон Диксон, токму патот што не е најлесен бил највозбудлив:
„Нашата најсилна желба беше да најдеме одржлив начин да зачуваме што е можно повеќе од постојната, руинирана куќа. Таа има исклучително внимателни камени детали и прекрасна ориентација.“
Тој додава:
„Оваа куќа е над просекот на старите фармерски домови; оригиналниот проектант создал нешто промислено и суптилно убаво. Сакавме да го почитуваме тоа, но и да создадеме нов, современ дом со просторот што го бара модерното живеење и одржливиот дизајн.“
Баланс меѓу зачувување и иновација
Поради кревката состојба на постојниот објект, архитектонското студио тесно соработувало со сопственикот, конструктивен инженер, локалните власти и тим од искусни занаетчии. Оваа заедничка работа овозможила внимателен баланс помеѓу конзервација и иновација, користејќи локално набавени материјали и традиционални техники.
Инспирирани од суровата материјална искреност на норвешката архитектура, едноставната, традиционална нордиска колиба, архитектите развиле современ пристап кон руралното домување. Тоа започнало со изградба на дрвена конструкција внатре во постојната камена обвивка.
Сепак, зачувувањето на историскиот карактер на објектот не било лесна задача.
„Секоја промена бараше контрамерки или целосно преместување на внатрешните ѕидови, отворите за врати и прозорци, како и врските со кровот. Тоа беше вистински предизвик, но токму тој процес нè фокусираше и го обликуваше финалниот изглед на објектот“, објаснува Диксон.
Дијалог меѓу старото и новото
Темната фасада создава визуелно впечатлив контраст со оригиналната светла камена структура. Во ентериерот, камењата беа внимателно спасени, исчистени и рачно сортирани, а потоа повторно искористени како впечатлив ѕид во кујната.
На приземјето, прозорците се прецизно позиционирани во рамките на оригиналните отвори, детаљ кој Диксон особено го истакнува:
„Ги усогласивме совршено зад оригиналните камени отвори, но малку повисоко, за да се видат камените надпрозорци. Однатре, пејзажот изгледа прекрасно, дебелата камена рамка делува како масивна слика, совршено врамувајќи го погледот. Навечер, кога светлината почнува да исчезнува, мекото надворешно осветлување го истакнува каменот, и чувството на старата куќа навистина оживува во самрак.“
Внатрешноста се карактеризира со текстурална палета од дрво, камен и бели ѕидови, надополнета со црни акценти и микробетонски подови, создавајќи смирувачка и стабилна атмосфера. Целта на студиото била да се создаде чувство на просторност трансформирајќи ја оригиналната куќа со три простории во дарежлив дом со четири спални соби.
„Токму таа трансформација беше предизвикот, и како студио сме задоволни што успеавме да го постигнеме тоа“, вели Диксон.

„Со големите прозорци, протокот на природна светлина и сводестите тавани под стрмните кровови, просторот навистина делува раскошно. Се надевам дека токму тоа го чувствуваат луѓето кога ќе влезат, уживајќи во спојот на старото и новото, заедно со спектакуларните погледи кон пејзажот.“
Н.Т
Внатре во преосмислена фармерска куќа
Баланс меѓу зачувување и иновација
Дијалог меѓу старото и новото