Кога ексклузивноста станува карикатура: случајот со чантата

Чантата од 2021 година на Луи Витон, потпишана од тогашниот уметнички директор Виргил Аблох, повторно ја отвори дебатата за границите на луксузната мода – и за нејзината сè поочигледна отуѓеност од реалноста.

Станува збор за чанта во форма на авион, која на прв поглед изгледа како уметничка шега, но во пракса доаѓа со цена од 39.000 долари. И додека модната куќа ја претставува секогаш како ексклузивен дизајнерски предмет, интернетот ја дочека со потсмев и негодување: за истата сума, како што истакнаа бројни корисници на социјалните мрежи, може да се купи вистински, функционален авион со еден мотор.

Вистинската лавина реакции, а се прошири и споредбата меѓу цената на модниот додаток и реалните трошоци за купување мало летало. Почнаа да споделуваат конкретни огласи за авиони, дополнително нагласувајќи го апсурдот на ситуацијата.

Светските медиуми како CNN, The Independent, Business Insider и New York Post не ја поштедија критиката, опишувајќи ја чантата како пример за екстремен и одлепен луксуз, кој сè помалку има врска со креативноста, а сè повеќе со провокација по секоја цена. Дел од коментаторите оценија дека ваквите креации се навредливи во време на глобални економски притисоци, инфлација и растечки социјални разлики.

Модните критичари истакнуваат дека иако Аблох беше познат по концептуалниот пристап и играта со симболи, ваквите предмети сè почесто делуваат како маркетиншки трикови, лишени од суштинска вредност. Наместо иновација, велат тие, се нуди спектакл чија единствена цел е да се произведе виралност.

За многумина, чантата-авион стана симбол на луксуз што ја изгубил мерката, каде ексклузивноста се претвора во карикатура, а дизајнот, во средство за демонстрација на финансиска моќ. Прашањето што останува е дали ваквите потези навистина ја туркаат модата напред, или само ја продлабочуваат јазот меѓу индустријата и јавноста.

Во обидот да шокира и да доминира во насловите, Луи Витон можеби повторно успеа да привлече внимание, но по цена на сè погласната критика дека луксузната мода сè почесто ја губи допирната точка со реалниот свет.

Н.Т