Лила како за на Оскар, а останатите… Свеж гламур на македонски начин

Гламурот не е само блесок, ниту пак моментална фасцинација со црвени теписи и кристали. Гламурот е став. Начин на кој се носи облеката, како се чекори, како се гледа светот — со самодоверба, со достоинство и со чувство за убавина. На македонски начин, гламурот никогаш не е прегласен. Тој е суптилен, но сигурен. Присутен, но не наметлив. И секогаш — личен.

Во периодов, домашната јавна сцена повторно потсети дека стилот не е резервиран само за светските метрополи. Познатите македонски личности сè почесто испраќаат јасна модна порака: гламурот е избор, не тренд.

Женскиот гламур: елеганција со карактер

На јавните настани, премиери и гламурозни вечери, македонските дами знаат да блеснат со изгледи што го спојуваат модерното и безвременското. Долги фустани со архитектонски кроеви, нагласени силуети, рачно изработени детали и внимателно одбрани материјали…

Најсвеж пример ни е водителката и инфлуенсерка Лила Филиповска. На Ромскиот бал таа се појави во креација на модниот бренд ELENA LUKA. И тука нема промашување. Брендот е профилиран како репер за висока мода кај нас, па во тој контекст и Лила беше облечена. Во тоалета која ја истакнува фугурата, со рачно везени кристали, сјајна и впечатлива.

Проф. Д-р Аспазија Софијанова која е во Лондон и која секогаш е одлично облечена, овојпат се одлучи за Версаче. И здолништето и горниот дел се умешно инкорпорирани, а елекот и очилата даваат посебен шмек. Сето тоа се вклопува и во амбиентот во кој се наоѓа.

Машкиот стил: тивка самодоверба и чисти линии

И мажите сè појасно го дефинираат својот моден идентитет. Класичните костуми добија нова димензија преку модерни кроеви, луксузни ткаенини и детали што зборуваат за вкус. Спортско- елегантниот стил ако е добро избалансиран, создава убава слика за око.

Стилистот за коса и шминка Октај Сејди важи за еден од најдобро облечените мажи кај нас. Тој е во Дубаи и не потфрли со стилот. Црното е сигурна варијана, а деталите си го прават своето. Изгледа како Италијанец во најдобар стил.

А, нашиот најдобар интернационален фотограф Стефан Соколовски кој подолго време ги фотографира најголемите модни недели во светот како и најпознатите топ модели, моментално е во Кина. Облечен во спортско- елегантна комбинација и внимателно избрана зелена боја, тој доминира со својот изглед.

Што навистина значи гламур?

Во суштина, гламурот не е бренд, ниту цена. Тој е хармонија меѓу личноста и стилот. Гламур значи да се облечеш во согласност со себе, со своето тело, со својата енергија. Да не се криеш зад трендови, туку да ги прилагодиш на сопствениот идентитет.

Небојша Толески