Понекогаш токму она што на прв поглед изгледа како „премногу“ ја прави комбинацијата интересна.
Големите обетки, впечатливата чанта, силната боја, дезенот или повеќе слоеви облека не мора да значат дека сте претерале. Прашањето е дали сите елементи изгледаат како да припаѓаат заедно.
Кога накитот не мора да биде дискретен
Големи обетки, неколку алки или впечатлив ѓердан можат целосно да ја променат едноставната комбинација. Наместо накитот да биде само мал додаток, тој станува главниот дел од изгледот.
Особено добро функционира кога облеката е едноставна, бела кошула, црн фустан или еднобоен блејзер. Тогаш „премногу“ накит може да биде токму она што ѝ недостасува на комбинацијата.
Повеќе бои не значи и шаренило
Навикнати сме на правилото дека три бои во една комбинација се доволни. Но, понекогаш и четири или пет нијанси можат да изгледаат одлично.Тајната е боите да имаат некаква врска, преку топли или ладни тонови, преку една боја која се повторува во повеќе детали или преку неутрална основа која ги поврзува останатите.
Дезен со дезен? Да, ако има ред.
Цветен принт со пруги, точки со карирано или два различни цветни дезени звучат како комбинации што треба да ги избегнуваме. Но, токму мешањето дезени може да создаде многу модерен изглед. Добар трик е еден дезен да биде покрупен, а другиот поситен, или двата да имаат барем една заедничка боја. Така комбинацијата изгледа намерно, а не случајно составена.
Слоевите создаваат длабочина
Кошула под џемпер, елек врз кошула, сако над тенок џемпер, капут преку повеќе слоеви, понекогаш изгледот станува подобар токму кога има повеќе елементи. Слоевитото облекување не е само практично. Тоа создава текстура и прави и наједноставната комбинација да изгледа посмислено. Важно е само слоевите да не се натпреваруваат сите за внимание.
И впечатливи чевли можат да бидат „точната количина“
Црвените чевли со црна комбинација, металик сандали со едноставен фустан или мокасини во силна боја со класични панталони можат да изгледаат како малку ризичен избор.Но, токму таквиот елемент често го прави изгледот препознатлив. Не мора чевлите да се вклопат совршено со остатокот од облеката, понекогаш треба намерно да се издвојат.
Кога „премногу“ станува премногу?
Разликата не е секогаш во бројот на парчиња, туку во тоа дали окото има каде да се одмори. Ако имате впечатлив дезен, голем накит, силна боја и "нападни" чевли, можеби сите тие елементи не треба да бидат подеднакво доминантни. Еден или два можат да бидат главни, а останатите да ги поддржуваат.