КОЈ ДЕНЕС ЗБОРУВА ЗА МОДА

На секое друго креативно поле, критичарите имаат слобода и право да кажат што мислат, без помисла дека ќе им биде забранет влез во кино или галерија. Фактот дека сериозната модна критика денес е претворена во јајце благодарение на кревкото его на многу дизајнери, ја спушти оваа професија на обичен опис на облека со неаргументирано глорифицирање на модните имиња!

Принудени или не, многумина ја прифатија таа линија на помал отпор и ги девалвираа сериозните критики цитирајќи озборувања од зад сцената, имиња на познати личности кои се појавиле на ревиите и слични тривијални работи. Во услови кога кругот е мал, а во него сме сите, дури и најеуфемистички (се разбира оправдано) искажаната критика се доживува како лична навреда и резултира со одбранбен непријателски став. Наместо тоа новинарскиот интегритет поразително ќе се деградира наспроти местото на новоизникнатите блогери и ифлуенсери?!

Сериозните модни критичари не ја компромитираат нивната работа и се фокусираат на оформување на објективен преглед што ќе го постави модното шоу во неговиот поширок културен и економски контекст.

Тие ја знаат историјата на модата и лесно користат упатувања на елементи од поп-културата или историски периоди за подобро да ја опишат атмосферата и приказната за одредена колекција. Ваквите критики денес се ретки како оние критичари кои покрај потребното образование, имаат и храброст да одбијат да учествуваат на овој саем на суета, кој совршено ја опишува модната индустрија денес.

Во земји како нашата, ревиите и написите на банализиран начин на „модна полиција“ станаа првата и веројатно единствената асоцијација со модна критика, каде самопрогласените модни експерти коментираат за нечии облеки. Нема сериозни модни критики и тие се заменети со критизерство и чист ефтин популизам. За ваквата состојба вината не е во недостаток на кфалификувани професионалци, секако има луѓе кои се образовани по мода, а сепак не гледаме никаков напредок или знаци на напредок во оваа област.

Причината за тоа би можела да биде повеќе нашата малограѓанска тенденција да ги искажуваме своите мислења за нечија креативна работа на приватни собирaнки отколку јавно и во писмена форма, бидејќи затоа ни треба малку повеќе напор и храброст, односно лудило . Постои еден аспект од оваа приказна  а тоа е фактот дека членовите на модната заедница во нашата земја се проколнати од ова кревко его и провинциската желба да не навредат никого. Додека не се појави домашната екипа од типот на Кети Хорин, ние ќе продолжиме да стагнираме.

Сериозната критика на модата е неопходна затоа што проценува, анализира, се спротивставува на лаичките мислењата и ги доведува во прашање модните појави и трендови. Напредокот на целата модна индустрија се заснова на оваа способност да се проценат и негативните и позитивните промени и појави во модната сфера за конечно да се извлече од доменот на површното и ирелевантното.

Модата е директно поврзана со нашите животи, таа е форма на изразување, јазикот на идентитетот и нејзината важност се наоѓа и во културниот живот на секоја земја. Препознавањето и потврдувањето на оваа важност е од клучен интерес за сите оние кои се дел од оваа индустрија.

Уништувањето на слободната, независна и образована модна мисла за добрите односи и материјалните придобивки придонесува за цветање на плагијат, прекомерцијална и неинспиративна мода. Поради оваа причина, очајно ни требаат личности кои не се плашат да го доведат во прашање авторитетот на “популарните“ имиња“ и чии рецензии покажуваат огледало на сè што е современо.

МОДАТА КАКО СИСТЕМ, НЕ САМО ЕСТЕТИКА

Да имаш мислење е лесно. Сите го имаме. Го споделуваме секој ден, често и без да го сфатиме тоа. Изразувањето на јавното мислење одамна ја изгуби тежината што ја имаше некогаш, но не ја изгуби целосно.

Во моментот кога текстот ќе го напушти приватниот простор и ќе стане дел од јавноста, престанува да биде само твој. Почнува да го обликува начинот на кој модата се перцепира, разбира и вреднува. Тука доаѓа до израз одговорноста – збор што често се избегнува во модниот контекст затоа што звучи премногу тежок, премногу сериозен, речиси незгоден.

Исто така, да се биде моден критичар денес не е титула што ќе си ја доделиш. Ова не беше случај порано,  барем се знаеше кој стои зад која реченица и зошто. Денес, во ерата на “демократизираниот“ говор, таа граница стана нејасна.

На тоа ниво, ова однесување е сериозен проблем иако модата не носи сериозни “по живот“ последици. Проблемот се јавува кога критиката се сведува на импулс, а импулсот го заменува знаењето. Естетиката се одделува од структурата, а впечатокот од контекстот. „Критиката“ потоа станува само уште еден дел од содржината во feed – потрошливо, заборавливо и без вистински ефект.

Снежана Богдановска-Сани