Која е Тита – кралицата на накитот што ја претвори уметноста во империја

Во историјата на европската висока култура постојат личности кои не се само сведоци на времето, туку негови активни креатори. Кармен „Тита“ Серверa, шпанска социјалитка, поранешна мис и една од најмоќните колекционерки на уметност во светот, е токму таков пример – жена која од светот на гламурот влезе во пантеонот на културните мецени.

Родена како María del Carmen Rosario Soledad Cervera y Fernández de la Guerra во 1943 година во Ситхес, Шпанија, Кармен првично го привлече вниманието на јавноста како Мис Шпанија во 1961 година. Со природна харизма, филмска појава и остар инстинкт за јавен настап, таа брзо стана дел од европското високо општество Но, нејзината животна улога далеку ја надмина убавината и протоколарниот гламур.

Пресвртната точка доаѓа со бракот со индустријалецот и страствен колекционер Hans Heinrich von Thyssen-Bornemisza, еден од најбогатите луѓе во Европа и сопственик на една од најзначајните приватни уметнички колекции во светот. Наместо да остане во сенка на богатството, Тита станува активен сојузник и визионер, охрабрувајќи ја идејата колекцијата да ѝ се врати на јавноста.

Резултатот е Museo Nacional Thyssen-Bornemisza во Мадрид, отворен во 1992 година, денес еден од најважните музеи во Европа и клучен дел од таканаречениот „златен триаголник на уметноста“. По смртта на баронот во 2002 година, Тита не само што го зачува наследството, туку го прошири и зацврсти со сопствена, внимателно градена колекција.

Carmen Thyssen Collection денес опфаќа стотици вредни дела од 19. и 20. век – од импресионизмот до модернизмот – со фокус на шпанското сликарство, европските мајстори и селектирани американски автори. Дел од оваа колекција е на долгорочно изложување во музејот во Мадрид, по договор со шпанската држава, што ја прави една од ретките приватни колекционерки кои успеале да постигнат ваков културен компромис меѓу приватното и јавното.

Но, Кармен не е само институција – таа е икона на стилот и екстраваганцијата. Нејзините јавни појавувања, накитот со легендарна вредност и приказните за уникатни дијаманти, меѓу кои и прочуениот „Star of Peace“, ја хранат митологијата околу неа. Има огромна колекција на скапоцен накит од разни кралеви и кралици, од колекционерски куќи, од Императори, од цареви, принцези… Сепак, зад раскошот стои дисциплина, стратегија и јасна свест дека уметноста е моќна форма на наследство.

Денес, на 82-годишна возраст, Кармен е жива, активна и присутна. Таа работи на нови музејски проекти, меѓу кои и плановите за музеј во Барселона што ќе го носи нејзиното име, а истовремено останува влијателен глас во дебатите за заштита на уметничките колекции и нивната улога во националниот идентитет.

Во време кога богатството често се мери во квадратни метри и финансиски биланси, Тита потсетува дека вистинскиот луксуз е културата што ја оставаш зад себе. Таа не е само баронеса по титула – туку по влијание, визија и трајна културна вредност.

Н.Т